Ангеловска: Не треба да си дополнителен заменик-министер за финансии за да видиш каде оди секој денар

Не треба да си дополнителен заменик-министер во Министерството за финансии за да ја видиш секоја трансакција и каде оди секој денар. Тоа сега може да го гледа секој преку платформата „Отворени финансии”, рече денеска министерката за финансии Нина Ангеловска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали има опструкции од страна на Министерството за финансии на работата на дополнителната заменик министерка Гордана Димитриеска Кочоска.

Министерката Ангеловска рече дека обидот, еден меил испратен од кабинет кој содржи процедура за работа, да се претстави како завера, не е ништо повеќе од обид за политичко поентирање.

– На оваа позиција дојдов без никаков багаж. Немам ни црвени, ни розови, ни црни очила и немам што да кријам. Тоа го покажуваат и моите заложби за транспарентност. Дојдов да работам и да ги носам најдобрите одлуки за граѓаните, нагласи Ангеловска.

Таа потсети дека со платформата „Отворени финансии” која беше пуштена во употреба минатата година сите исплати од трезорот се достапни до општата јавност.

– Граѓаните можат да ја користат и алатката со која се гледа реализацијата на капиталните расходи од сите буџетски корисници, а во тек е изработка на нова алатка за транспарентност и отчетност која се однесува на јавниот долг и со која јавноста ќе може прецизно да го гледа секое евро задолжување или раздолжување, како и намената за која е потрошено, соопшти министерката.

Во интерес на институцијата, вработените и првенствено граѓаните, Ангеловска рече дека се надева оти конструктувно ќе продолжи натамошната соработка со техничката дополнителна заменик-министерка и нејзините соработници.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e