Се гради нова концертна сала во Кавадарци

Во општина Кавадарци се гради концертна сала во основното општинско музичко и балетско училиште „Лазо Мицев Рале”.

Кавадаречкиот градоначалник Александар Панов се заблагодари на помошта и информираше дека основната цел е да се изгради салата и да се подигне нивото на училиштето на ранг на средношколски центар.

– Најпрвин следеше една согласност од сите општини во Вардарски плански регион, кои дадоа поддршка на нашата идеја, со оглед на тоа што имаме едно од најуспешните основни училишта во Република Македонија. Ова училиште за градот и државата има донесено многу награди, изјави Панов.

Појасни дека најпрвин од општинскиот буџет биле обезбедени три милиони денари.

– Потоа не поддржа УСАИД со два милиони и триста илјади денари. Со милион и двеста илјади денари учествуваше и Министерството за образование, а самото училиште со петстотини илјади денари. Обезбедивме буџет од седум милиони денари, информираше градоначалникот.

Откако ќе се пушти објектот во употреба, локалната самоуправа ќе побара да се подигне рангот на ова училиште.

Претставникот на УСАИД Небојша Мојсоски соопшти дека посетата е во рамките на проектот за меѓуетничка интеграција во образованието.

– Денеска правиме технички прием на работите кои ние ги имаме финансирано досега. Кровот, фасадата, прозорците и вратите. Има уште работи кои заеднички со општината ќе ги координираме до крајот на проектот. Ова ни е еден од подрагите проекти, бидејќи историјата на соработка со ова училиште ни е од поодамна, нагласи Мојсоски.

Директорот на училиштето Златко Јованов информираше дека се работи за концертна сала со осумдесет седишта и балетска сала од педесет квадратни метри. Има и студио и сала за народни инструменти. На горниот спрат се две големи училници и петнаесет кабинети за индивидуална настава за идното средно училиште. Тука се и службени простории.

– Со новите просторни услови и наставниот кадар кој го имаме, имаме капацитет во иднина да прераснеме во средно училиште, нагласи Јованов.

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e