Помош од 3 милиони денари од Град Скопје за настраданите од земјотресот во Албанија

Советот на Град Скопје на денешната редовна седница едногласно донесе одлука за доделување на финансиска помош во вредност од три милиони денари за настраданите од земјотресот во Албанија.

Градоначалникот Петре Шилегов посочи дека пожарникарите и екипите со термални дронови сеуште се во Драч, каде помагаат во пронаоѓањето на цивили и расчистувањето на штетите од земјотресот.

– Во рамките на нашите технички можности уште во текот на вчерашниот ден Град Скопје упати две екипи кои се во Драч. Едната екипа е составена од 4 пожарникари, додека втората екипа е составена од технички лица кои управуваат со термалните дронови и со термалните камери. Оваа одлука е во износ кој традиционално го доделува Град Скопје во вакви случаи, а тоа е 3 милиони денари, изјави Шилегов на седницата.

Покрај оваа точка, Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа за поголем број на извештаи, одлуки и информации, меѓу кои Извештај за извршување на Буџетот на Град Скопје за 2019 година, за периодот од 1 јануари до 30 септември 2019 година, Одлука за пристапување кон изработка на Генерален урбанистички план на Град Скопје, Програма за проектирање, изградба на забавен парк, набавка на опрема-реквизити и нивно монтирање, Одлука за проектирање, изградба на забавен парк, набавка на опрема-реквизити и нивно монтирање, Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за изградба на забавен парк (Луна парк), набавка на реквизити и нивно монтирање.

На дневен ред меѓу другите се и Информација за квалитетот на воздухот на подрачјето на град Скопје за 2018 година,. Информација за квалитетот на водите на подрачјето на град Скопје за 2018 година, Информација за влијанието на загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето, со посебен осврт врз децата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e