Поликлиниката во „Ченто“ се дави во фекалии!?

На социјалните мрежи се појавија фотографии од Поликлиниката во скопската населба „Ченто“ која, според сведоштвата на пациентите, веќе една недела е поплавена и внатре се шири неподнослива реа на фекалии.

Како и секоја македонска приказна, одговорноста се префрла како пинг-понг топче, наместо енергијата да се насочи кон решавање на проблемот.

Од Поликлиниката велат дека уште пред празниците го пријавиле дефектот, но дека премногу време се изгубило на лоцирање на проблемот.

„Затнати шахти, има проблем бидејќи е реконструирана улицата и некоја од шахтите е неправилно поврзана. Кај нас се јавува проблем во подрумот. Ние ги викнавме од Водовод да расчистат со цистерни под притисок, но нè известија дека ја нашле шахтата. Ние цело време реагираме во Водовод, се јавуваме кај нашите директори и на санитарни инспекции, затоа што имаме проблем. Но, не е до нас. Еве, конечно, ако го отстранат, да можеме да се средиме, бидејќи страшно мириса цела амбуланта“, изјави за ЦИВИЛ Медиа една вработена во Поликлиниката.

Од ЈП „Водовод и канализација“ ни изјавија дека при реконструирањето на улицата, канализационите шахти се покриени со бекатонски плочки, што ја отежнува нивната работа.

„Град Скопје, господинот Коце Трајановски, ќе му се јавите нему, кај нив обратете се, тие се нивни фирми и тие работат таму, нека ги ослободат шахтите, за да може да се работи“, велат од Водовод.

Од Град Скопје првично изјавија дека проблемот не е до нив, туку дека уште кога се работело на реконструкција на улицата, се појавиле подземни води.

Во меѓувреме, додека го пишувавме текстот, добивме уште еден повик од Град Скопје. Според ова јавување, утрово бил лоцирал проблемот, била отзатната канализационата мрежа, но подоцна, шахтата повторно се затнала и екипите на „Водовод“ сè уште работат на терен. Според нив, проблемот е во дотраената канализациона мрежа, дотраените цевки и големите корења од дрвјата кои прават дополнителен притисок врз мрежата.

И додека надлежните ја префрлаат одговорноста, вработените во Поликлиниката работат во неподносливи услови, а пациентите се лекуваат во смрдеа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e