ЕУ ги суспендираше македонските институции, самата ќе ги дели парите

Европската Унија при доделувањето на парите од ИПА 2 програмата ги суспендираше македонските институции. Со најновиот повик вреден три милиони евра за прекугранична соработка со Албанија, сите заинтересирани кои имаат проекти, ќе склучуваат директни договори со канцеларијата на ЕУ во Скопје.

„Делегацијата на ЕУ во Скопје ќе има улога на единствен договорен орган и нашата организација ќе ги потпишува договорите со оние кои добиле грант на повиците. Сакаме да видиме добри и убедливи предлози кои се остваруваат во вистинските насоки и имаат потенцијал за зајакнување на врските помеѓу општините, бизнисите и организациите. Врз прекуграничната соработка влијаат комплексни средини како администрација,политика, правни и слични нешта. Проектите треба да ги надминат тие пречки“, рече Самуел Жбогар – евроамбасадор.

 Иако на промоцијата на повикот беа и македонските министри, не беше дадена можноста за поставување на прашања, па со тоа остана неодговрорено дали заобиколувањето на македонските институции при делењето на парите, е уште една порака на Унијата за тоа како се трошени европските пари во Македонија. Министрите присуството го искористија само за да се пофалат.

„Во првиот програмски период успеавме да реализираме околу 85% од средствата кои што беа ставени на располагање преку ИПА инструментот, наменети за прекуграничната соработка“, изјави Ширет Елези – министер за локална самоуправа.

„Простор за подобрување секогаш има и лично сум убеден дека тоа ќе го постигнеме во рамките на новата програма“, рече Арбр Адеми – вицепремиер за евроспки интеграции.

Инаку, изминативе месеци, Европската Унија блокираше над 100 милиони евра со кои требаше да се финансиираат проекти во Македонија. Европскиот ревизорски суд, институција која ги контролира финансиите на Унијата, предложи пак драстично намалување или укинување на парите за Западен Балкан, а со тоа и за Македонија, поради како што наведе, лошото судство.

Извор: Алсат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e