Заев: Фокусот на економијата заедно со членството во НАТО ќе донесе уште повеќе странски инвестиции

Со претставување на пет од редицата успешни приказни, Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска ги презентираше остварените резултати во изминатите две и пол години. Како што истакна директорот на ФИТР Јован Деспотовски, семејството во изминатиот период порасна и денеска брои 314 компании, 54 училишта и  над 30 партнерски организации.

-За две години пораснавме 57 пати. Наследивме  вложени еден милион евра и поддржани 35 компании, а денеска зборуваме за вкупен инвестициски обем во приватниот сектор од 57 милиони евра со поддржани 314 компании. Ги поттикнавме компаниите сами да вложуваат, од 57-те милиони евра, 34,9 ги обезбеди Владата со партнерите од Светска банка, а 22 милиони евра сами ги обезбедуваат компаниите, рече Деспотовски на презентацијата во Музејот на совремна уметност.

Во рамки на поддржаните проекти, додаде, ангажирани се над 1.000 луѓе, кои имаат просечна плата од над 700 евра.

-Резултатите покажуваат дека компаниите регистрираат просечен раст на добивка од 60 проценти во однос на периодот пред да ја започнат инвестицијата и да добијат поддршка од државата. Има 50 процентен просечен раст на приходите, за 27 отсто е зголемен број на вработени, а има и 40-процентно просечно зголемување на платите. Ја зголемивме финансиската поддршка од максимални 30 илјади евра на 325 илјади евра. Покажавме дека иновациите се применливи секаде и поддржуваме проекти во над 20 индустрии, меѓу кои освен ИТ има и проекти во земјоделството, енергетиката, екологијата, машинството, производството на храна,…, рече Деспотовски.

Сега, како што кажа, се поддржуваат компании од речиси сите градови во државата за разлика од порано кога 90 отсто од поддржаните компании беа од Скопје, што, според него, значи дека економијата се развива насекаде.

Премиерот Зоран Заев посочи дека денеска се претставува, како што рече, успешно комплетираната мисија на ФИТР во 2019 година. За разлика од 2015 година кога до ФИТР беа поднесени 158 апликации кои добија вкупна поддршка од еден милион евра, во 2019-та, истакна, бројот на пријави е зголемен на 487 на кои им е доделена поддршка од 34 милиони евра од кои 11,2 милиони од Буџетот.

-Секоја од компаниите која е дел од кампањата „Креираме успешни приказни“ сведочи за исполнувањето на обврските на Фондот да поддржи иновациска дејност  во микро, мали и средни претпријатија. Секоја од овие компании на најдобар можен начин сведочи за стимулирањето што го добиваат за позабрзан технолошки развој, трансфер на знаење, истражување и развој. Сите заедно со заложбите за сопсотвен развој и конкурентност на пазарот се дел од процесот за економски раст на нашата земја и за подобрување на бизнис околината, рече Заев.

Овие компании, додаде, се дел од успешната приказна преку која граѓаните за само две ипол години почнаа да ги чувствуваат придобивките заради, како што кажа, добрите и одговорни економски политики.

Посочи дека во третиот квартал од годинава невработеноста е на најниско историско ниво и изнесува  17,1 процент. Само во овој период отврени се нови 5.263 работни места и во моментов има 799.546 вработени во државата. За две години Владата, потенцира, потпиша 34 нови договори за странски и домашни инвестиции од кои 13 фабрики се веќе изградени и пуштени во употреба, а 21 се во процес на изградба.

-Фокусот на економијата заедно со членството во НАТО ќе донесе уште повеќе странски инвестиции, нагласи Заев и додаде дека поддршките на ФИТР ќе продолжат и во иднина.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев како најголема вредност на ФИТР ја истакна мотивацијата за младите да останат во земјава и да создаваат фирми тука.

-Економијата се мери со бројки кои се најдобар доказ за се и се мерило за економските резултати. Успеавме ФИТР, која како институција беше заспана на маргините на економското живеење со имплентирани вкупно еден милион евра за две и пол години успеавме да го направиме столб преку кој им помагаме на младите луѓе од мали, микро и средни компании да застанат на свои нозе и да направат  свој бизнис кој ќе биде препознаен и ќе расте во иднина, рече Анѓушев.

Поддршката што се дава преку ФИТР, како што посочи, на младите им дава порака – останете во нашата држава, не чекајте да бидете  вработени, креирајте своја фирма, правете свои производи и продадете ги низ  светот, ќе успеете.

-Среќен сум што има компании што тоа го практиикуваат. Младите не можат да успеат подобро никаде во светот отколку што можат во сопствената држава. Секој голем бизнис почнува од идеја, која е се, а капиталот се наоѓа. Идејата  е таа што ги води сите бизниси и ви посакувам да имате што повеќе идеи, а државата што посилно да ги поддржува, им порача Анѓушев.

Во рамки на презентацијата компаниите кои добиле поддршка од ФИТР донираа средства  за поддршка на Здружението на деца со ретки болести.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e