Овде е поскапо да умреш, отколку да живееш

Се изморив од библискава земја во која социјалните мрежи се црква и џамија, во која треварите и надри-лекарите лечат.

Земја во која без референци можеш да дебатираш за имунизација, додека институциите одговорни за неа одамна го изгубија кредибилитетот. Овде се намигнува за бесплатен паркинг, се додворува за поголемо пециво полно адитиви.

Овде јаболкото е поскапо од авокадото. Овде се има стравопочит кон даночните инспектори. Овде на банкарските шалтеристи им се вели по два пати „добар ден!“.

Овде се поклонува пред рекетарската банкарска мафија. Овде е поскапо да умреш, отколку да живееш.

Овде студентите се заради професорите. Овде се наздравува со сопственикот на кафеана, наметливо, за уште една бесплатна тура пијалок. Овде порталите и парите го закопаа новинарството. Овде во парламентот се облекуваат и однесуваат непристојно. Овде некултурата ја изеде културата. Овде секој може да пишува што сака, да навредува. Овде не постат затоа што е скапо, а не знаат дека постот е воздржување од храна. Овде на турбо фолк се игра и плаче. Овде магичен лек е лимон и вода.

Овде свадбената церемонија се отплаќа со години. Овде се возат скапи автомобили кои не може да се одржуваат. Овде е срамота да бидеш слаткар, хигиеничар и чувар, но престиж е да си телохранител или возач на политичар.

Овде докторираат единичари. Овде наместо другарството се глорфицира фактот со кого се дружиш. Овде се вели „благодарам“ за работи кои се подразбираат. Овде потпросечните странски брендови се дочекуваат како откритие. Овде на позитивна листа се лоши лекови.

Овде сите носат небесно сино по Меланија Трамп. Овде е срамота да се сакат двајца млади од различна вера, но не е срамота да се дилери на дрога. Овде и Масоните се лажни. Овде багремот е „селски“, а палмата е „врвот“. Овде поповите се кловнови. Овде се пие вода во одвратна пластика. Овде лекарите водат неспостоечка бременост. Овде пациентите одат кај лекар за да добијат машко дете. Овде Уставот е под законот. Овде има огромен број неписмени лица, а се зборува за проценти за примена на јазик. Овде фармацевтските компании продаваат смешни милилитри канабис (граничен производ) по огромни цени. Овде е побезбедно во затворите, затоа што поголемите криминалци се надвор.

Овде Иванов под наметката на сплотување се обиде да ги спаси криминалците, за не толку долго време потоа да се заканува со воена состојба ставајќи го народот еден против друг. Овде изјавите немаат континуитет, ниту конзистентност. Овде навистина нема простор за шега.

Дејан Блажески за А1он

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e