Е пусти Груевски, не успеа сите да не отепа со диктатура, сега ќе не дотепа со хумор

1

Додека премиерот Зоран Заев е растрчан да го реши проблемот со Грција, дома му владее старата  вмровска власт. ВМРО-ДПМНЕ не е само Никола Груевски, Сашо Мијалков, Антонијо Милошоски, Илија Димовски и другите. Туку едно чудо директори и помалку видливи кадри во пониските ешалони кои владејат од сенка.

Толку ли Владата на Заев не знаеше дека мандатот на директорот на јавниот сервис МРТВ му истекува во март оваа година и дека нов директор повторно ќе избира стариот Програмски совет избран од времето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ? Затоа што, нов Совет не може да се избере, сѐ додека Собранието не изгласа нов Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Па за прв човек на јавниот сервис повторно, по трет пат, е избран стариот директор Марјан Цветковски. Директорот што се прослави со тоа што не ги објавуваше бомбите и на 27 април лани го прекина преносот од Собранието. Значи, јавниот сервис кој беше проверено против јавниот интерес, продолжува да работи против јавниот интерес и во иднина ќе продолжи да работи против јавниот интерес.

Со приоритетиве до каде сме? Толку ли не можеше да се подготват измените и да се донесе Законот, со кој јавниот сервис ќе се стави во функција на давање сервис на граѓаните, а не на политиките на поранешната владејачка партија и на која било друга партија?

Да е само до МРТВ, иако оваа недела тоа беше најдрастичен пример. Кога од Брисел ни споменуваат влез во ЕУ во некоја 2025 година, ние само се занесуваме дека и тоа е можно со ова темпо на промена на закони и особено нивна примена. Имаат ли капацитет луѓето што сега се напикани во администрацијата да ги избуткаат реформите со истото  темпо со кое премиерот сега брза да го реши проблемот со Грција? Се прават ли реформи со лепачи на плакати? Колку и да се тие лојални, колку и да се фини, колку и да се наши.

Па, тие еден Закон за инвестиции што беше основата на економската политика на новата Влада и кој помпезно го промовираа Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев, не можат да го донесат. Веќе сме средина на февруари, законот уште не е влезен во Собрание. Пратенициве две недели не се прибрале во Собранието, не можат да се напатуваат по светот, а ваму реформски закони ќе носеле. Цела економска програма може да им пропадне.

3-6-9. Ама изгледа години се во прашање. А требаше месеци да бидат.

Работава – година поминува, ама месец никако. На крајот на краиштата, не е битно дали Прибе ќе им даде петка. Реформите не се за Прибе. За нас се.

2

Реформите одат отприлика со истото темпо со кое Владата го продава мерцедесот што го нарача Груевски кај Гордана Јанкулоска. Ако почекаат уште малку, сметководствената цена ќе му падне и под 200.000 евра колку што сега е огласен.

Веќе можам да си ја замислам рекламата на Топ шоп. Оди вака:

Ви ја претставуваме најновата понуда на Владата на Република Македонија. Мерцедес за кој во самиот „Мерцедес“ рекоа дека толку скапа кола не продале во цела југоистична Европа. Со  масажери,  сараунд систем, клими на секое седиште, чуда и телевизорчиња да не им биде досадно на децата. Заштитува од поставени мини на патот, снајперисти и терористи.

Мислите дека ова чини 575.000 евра? Не! Мислите дека чини 450.000 евра? Не! 300.000? Не. Ова чини само 230.000 евра! Искористете ја оваа фантастична понуда. Овој мерцедес може да биде ваш со 60 проценти попуст ако се јавите веднаш во Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија. И вашата фамилија го заслужува ова.

Целата колумна на Горан Михајловски прочитајте ја тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e