Во недела е Прочка, еве што вели македонската традиција!

Во недела, православните верници ќе го празнуваат еден од најголемите христијански празници – празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади.

Македонската традиција за Прочка е богата и разновидна.

Според традицијата, на Прочка, помладиот бара прошка од постариот.

Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си и секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Оваа реченица ја кажува секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но исто така и постариот треба да ја каже кон помладиот.

Прочка или Велики поклади — ден во православното христијанство на меѓусебно простување помеѓу верниците пред почетокот на Велигденскиот пост. Датата на Прочка се менува во зависност од датата на Велигден, и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден. Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, кој треба да го следи примерот на Господ Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

На Прочка се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа. Очигледно е дека некои обичаи како што е на пр. проштевањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.

Варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда.

Утредента, првиот ден по Прочка е чист понеделник кога постот веќе започнал. Тоа е првиот ден од големиот Велигденски пост. Чист понеделник е така именуван затоа што започнува нешето очистување со постот – духовно и телесно.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e