(ВИДЕО) Стаорец доби орден за храброст, благодарение на него се спасени многу животи

Африканскиот џиновски торбест стаорец Магава беше награден со престижен златен медал за неговиот придонес во пронаоѓањето мини во Камбоџа. Магава откри 39 мини и 28 парчиња друга неексплодирана муниција.

Британското ветеринарно хуманитарно здружение ПДСА му додели златен медал за неговата пожртвуваност во спасување животи и расчистување на смртоносни мини во Камбоџа, пренесува Би-би-си.

Се проценува дека во таа азиска земја има до шест милиони мини.

Во златниот медал се врежани зборовите „За храброст или посветеност на должноста“. Од 30 животни кои го добиле медалот, Магава е првиот стаорец.

Седумгодишниот глодар бил обучен од белгиската хуманитарна организација „Апопо“, со седиште во Танзанија. Организацијата уште од 90-тите години обучува огромни африкански торбести стаорци, познати како „херојски стаорци“, да откриваат нагазни мини и туберкулоза кај луѓето.

„Овој златен медал е голема чест за нас, но исто така и за луѓето во Камбоџа и за сите луѓе ширум светот кои се соочуваат со опасностите од нагазни мини“, вели извршниот директор на „Апопа“, Кристоф Кокс.

Магава, израснат во Танзанија, тежи околу 1,2 килограми и е долг 70 сантиметри. Иако е поголем и потежок од другите видови стаорци, Магава е сè уште мал и лесен за да не активира мини ако помине преку нив.

Стаорците се обучени да го користат своето извонредно чувство за мирис за да детектираат хемиски соединенија во експлозивите и да го игнорираат металот во земјата, што често ги забавува човечките тимови во расчистувањето на областите од мини.

Кога ќе пронајдат експлозивна направа, тие почнуваат да ја гребат површината за да ги предупредат своите човечки колеги.

Магава може да пребара поле со големина на тениско игралиште за само 20 минути, за што на еден човек со детектор за метал му се потребни помеѓу еден и четири дена.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e