Православните верници денеска го одбележуваат споменот на Светиот маченик Прокопиј, кој пострада за христијанската вера во Кесарија Палестинска.
Светителот е роден во Ерусалим од татко христијанин и мајка која била незнабошка, а првично го носел името Неаниј.
По смртта на неговиот татко, тој бил воспитуван во духот на римското идолопоклонство, по што царот Диоклецијан го зел на служба во сопствениот дворец.
За време на прогоните на христијаните, Неаниј бил испратен со војска кон Александрија, но на патот доживеал небесно видение по силен земјотрес.
Според преданието, во тој момент му се јавил самиот Господ со зборовите:
„Неаниј, каде одиш и на кого стануваш?“
Уплашениот војвода запрашал кој го повикува, по што во воздухот се појавил пресветол крст и го слушнал одговорот:
„Јас Сум Исус, распнатиот Син Божји. Со знакот што го виде победувај ги непријателите свои и мирот Мој ќе биде со тебе.“
По овој настан, Неаниј дал да му се изработи таков крст, ги победил Агарјаните и ѝ соопштил на својата мајка дека станува христијанин.
Пред судијата доброволно ги фрлил војводскиот појас и меч, по што бил фрлен во затвор каде Христос го крстил и му го дал името Прокопиј.
Во затворот поучувал дванаесет жени во верата, а гледајќи ја нивната храброст за време на мачењата, во Христа поверувала и неговата мајка.
Пред да биде погубен на 8 јули 303 година, тој се помолил за сите бедни, сиромашни и за Светата Црква, по што радосно ја положил главата под мечот.
