Прво регионално истражување за загубите и отпадот од храна

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) е дел од тимот што го спроведува досега најголемото истражување за отпадот и загубите на храна во регионот.

Последните податоци покажуваат дека на светско ниво, околу една третина од производите наменети за консумација од страна на човекот завршува како отпад, што доведува до сериозни трошоци од економски и од еколошки карактер. Само во Европа годишно 89 милиони тони прехранбени производи завршуваат како отпад од кои пет милиони тони потекнуваат од Романија, која се наоѓа на 9. место на листата на загуби и отпад од храна, веднаш зад Република Северна Македонија која е на осмото место.

-Истражувачи од четири универзитети од Романија, Република Северна Македонија и Република Молдавија, го почнаа досега најголемото истражување со кое се евалуира феноменот на загубите и отпадот од храна на регионално ниво. Квантитативното истражување кое е наменето за потрошувачите, ќе биде дополнето со квалитативно истражување кое ќе опфати и други чинители вклучени во ланецот на исхрана: произведувачи, преработувачи и трговци, стои во дописот од УКИМ.

Истражувањето предводено од Факултетот за земјоделство и ветеринарна медицина на Универзитетот во Клуж – Напока, Универзитетот во Крајова, Романија, Техничкиот универзитет во Молдавија и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е прво од овој вид.

-Тоа е одговор на неодложната потреба за стекнување знаења во услови кога во земјава не постои ниедно истражување на таа тема, додека, во Романија и кај нас досегашните истражувања се недоволни и не ги вклучуваат учесниците во земјоделско-прехранбениот ланец. Резултатите ќе се вреднуваат на ниво на граѓанското општество и властите, а ќе се користат во рамки на кампањите за подигнување на свеста кај потрошувачите (организирање регионални конференции, тркалезни маси, интерактивни работилници) Проектот е реализиран во партнерство со Food Waste Combat, невладина организација која работи на едукација околу загубите и намалување на отпадот од храна во Романија, наведуваат од УКИМ.

Активностите се интегрален дел од проектот АКТИФ (ACTIF) „Нула отпад – за одговорно производство и консумација“, финансиран од Универзитетската агенција на франкофонијата во централна и источна Европа.

-Тековната здравствена криза одново ни ја докажа важноста да обезбедиме прехранбена независност на секоја држава поединечно и сите вклучени актери да се приспособат на таа ситуација пронаоѓајќи иновативни решенија. Во тој контекст, намалувањето на отпадот од храна е приоритет. Истражувањето цели кон тоа да се евалуира моменталната ситуација во насока на борба против загубите и отпадот од храна во три земји: Романија, Република Северна Македонија и Република Молдавија, и да предложи конкретни активности за подобрување на сегашната ситуација, вели професорката Кристина Бјанка Покол, координатор на проектот, USAMV Клуж – Напока.

Во дописот до медиумите е посочен и Прашалникот кој може да се пополни на https://forms.gle/TqETamZTN6z6vsbS6.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e