Како да ги научите децата помалку и правилно да ја користат технологијата?

Повеќето родители денес не би можеле да го замислат денот на нивното дете без некое време поминато на смартфон или таблет.

Технологијата е веќе сеприсутен дел од нашето живеење и тука е за да ни помогне и да ни го олесни животот, но многу е лесно да се падне во стапицата на нејзината достапност и зависноста од неа.

Тоа важи и за нас, возрасните, но најмногу се одразува на децата.

Советите на експертите се да ѝ пристапите на оваа проблематика навремено и етапно. Нема потреба, ниту пак е возможно целосно да им забраните на децата пристап до таблети, компјутер или смартфон. Наместо тоа, научете ги како паметно и правилно да ги користат овие уреди.

Причините сигурно ви се јасни, но да потсетиме дека дел од негативните последици од прекумерното и неправилно користење на паметните уреди се неправилен физички и психичко-социјален развој, влошување на квалитетот на сонот кај детето, недоволна физичка активност и како резултат на тоа прекумерна телесна тежина.

Ова се неколку совети како да им помогнете на децата да научат правилно да ги користат гаџетите и да развијат здрав однос со технологијата.

Строго ограничете ја употребата на смартфони и таблети

Лекарите препорачуваат дека децата на претшколска возраст не треба да користат смартфон или таблет како рекреација подолго од 40 до 45 минути вкупно во текот на еден ден, додека од прво одделение па нагоре тој период може да се зголемува и до вкупно 2 часа дневно. Не треба да правите никакви исклучоци, ниту преговарања по прашање на дозволеното време за користење на овие гаџети. Со јасно одреден термин за користење на смартфонот или таблетот, кој не се препорачува да биде непосредно пред спиење, детето исто така ќе научи да го планира и цени своето време.

Послужете како добар пример

И самите знаете дека најдобро се учи преку добар пример, а и дека децата најчесто земаат пример од своите родители. Ова е особено точно и важно кога станува збор за стекнувањето здрави навики, како паметното користење смартфон или таблет. Особено сега, во вонредни услови, кога поминуваме повеќе време дома со целотот семејство, важно е да им покажете на децата со пример дека кристењето вакви уреди треба да биде ограничено. Ако вашата работа е поврзана со работење на компјутер или честа употреба на други технолошки уреди, објаснете им на децата дека тоа е за работа, а користењето на смартфонот или таблетот за лична рекреација и забава сведете го на неопходниот минимум, на тој начин покажувајќи добар пример пред децата. Ако ги карате нив дека постојано се на телефон, а вие не го пуштате телефонот од рака, ја промашувате поентата, нели?

Направете го уредот корисен

Уште една одлична техника против зависноста од бесцелно гледање снимки на YouTube е да му покажете на детето дека смартфонот и таблетот може да бидат корисни. Со помош на овие уреди детето може да научи странски јазик, да гледа едукативни програми, да вежба математички задачи или да научи нешто сосема ново. Овој чекор треба да го почнете со тоа што ќе проверите што прави вашето дете на интернет и какви содржини начесто гледа, односно со кого комуницира и какви игри игра. Еден од начините е да поставите ограничувања, односно забрани за пристап до одредени страници, канали и платформи кои не се соодветни за возраста на вашето дете.

Научете го детето на интернет култура

Последното нешто во низата совети е да го научите детето на интернет култура, односно како правилно и безбедно да ги користи социјалните мрежи и да пребарува содржини. Разговарајте со децата за тоа што се лични податоци и што значи нивното споделување на интернет, од информации до фотографии и видеа. Како и за другите аспекти од животот, и кога станува збор за технологијата и интернетот детето треба да има целосна доверба во вас како родител да ви се обрати за помош или совет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e