Црвениот снег на Алпите изгледа егзотично, но не е убав знак

Француските научници изразија загриженост за необичниот изглед на црвеникав снег на Алпите , што според нив е последица на климатските промени. Локалните жители веќе излегоа со име за овој природен феномен, па едни го нарекуваат „кр*ав снег“, а други „снег од лубеница“.

Овој феномен бил забележан и во времето на Аристотел кој верувал дека црвената боја е предизвикана од црвени црви, сепак, тоа е предизвикано од расцветани црвени алги кои не се видливи со голо око, пишува The Age .

Француските научници тврдат дека ја менуваат бојата за да се заштитат од УВ зрачење и можат да се прошират поради глобалното затоплување.

„Кога скијате, ги преминувате овие микро алги“ – рече Ерик Марекал, раководител на лабораторијата за физиологија на растенијата на Универзитетот во Гренобл Алпи.

Тој и експертите од повеќе француски научни институции – ЦНРС, ЦЕА, Метео Франс и Инра – одлучија да се обидат да утврдат како преживуваат и зошто „црвениот снег“ успева во последните неколку години.

За да го направат ова, тие зедоа примероци на почва од пет врвови на различна надморска височина за да создадат мапа со цвет од снег.

„До денес, и според наши сознанија, не е направена таква систематска истрага“ – рекоа тие.

Откако ја проучиле нивната ДНК, тие пронашле различни видови алги, вклучително и еден клучен црвен тип со соодветно име Сангуина, која живее на надморска височина поголема од 1980 метри.

Алгите произведуваат голема количина кислород преку фотосинтеза и се присутни на дното на повеќето синџири на исхрана. Сепак, под одредени услови, тие претерано се размножуваат и создаваат то*сичен талог.

Експертите сметаат дека снежните алги може да бидат показател за климатските промени, но исто така и дека нивниот пораст може да го забрза намалувањето на мразот и снежните капачиња.

„За жал, црвената боја предизвикува топење на глечерот затоа што помалку ги рефлектира сончевите зраци, па снегот се топи побрзо“ – рече Марекал.

Тој додава дека овој феномен, во области без глечери, ги скратува периодите на снежна покривка, што директно влијае на водоснабдувањето на брани од кои зависат многу гранки на земјоделството во рамнините.

„Ова е парадокс, колку повеќе алги се размножуваат, толку повеќе тие придонесуваат за исчезнување на сопственото опкружување“ – рече тој.

Научниот тим е подготвен наскоро да објави нови откритија, кои се однесуваат на влијанието на голема количина песок од Сахара врз алпските врвови, особено поради посилните песочни бури оваа година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e