Бројот на заразени со Ковид-19 во Јапонија за еден ден за првпат надмина 10.000 лица

Бројот на новозаразени со коронаворус во Јапонија за првпат надмина 10.000 лица, објавија јапонските гласила, откако градските власти во Токио претходно објавија рекордно висок број од 3.865 инфекции во главниот град.

Во исто време, јапонската влада ја разгледува можноста за прогласување вонредна состојба во Осака и три други префектури околу Токио, објави новинската агенција Кјодо, повикувајќи се на градските власти.

Главниот советник на јапонската влада за коронавирус предупреди во четвртокот за можно преоптоварување на здравствениот систем со оглед на брзото зголемување на бројот на заразени.

„Ако не се сподели свеста за кризата, порано или подоцна притисокот врз здравствениот систем ќе стане посериозен“, предупреди Шигеру Оми на состанокот на комитетот во парламентот.

„Освен вакцинација, нема многу други начини да се намали инфекцијата“, рече Оми, коментирајќи го брзото ширење на делта-сојот.

Други фактори што овозможуваат зголемување на бројот на заразени, покрај делта-сојот, се и сезоната на празници и Олимпијадата.

Гувернерката на Токио, Јурико Коике, ги повика младите луѓе да се вакцинираат, да останат во своите домови и да ги почитуваат мерките против коронавирусот.

„Активностите на младите луѓе се клучни (во контролата на инфекцијата)“, рече таа.

„Зголемувањето на инфекциите нема никаква врска со Олимписките игри“, рече Коике.

Јапонски професор по психологија од Универзитетот Цукуба за јапонска телевизија изјави дека среде веселото олимписко расположение и успехот на јапонските спортисти, многу луѓе повеќе не го сфаќаат коронавирусот сериозно.

Тие гледаат дека очигледно не е проблем што луѓето од целиот свет доаѓаат на натпреварите и сега веруваат дека коронавирусот „не е голема работа“.

Со оглед на четвртата вонредна состојба во Токио, се појавува ефектот на навика и ефектот на мерките за коронавирус исчезнува, вели професорот.

Според него, особено помладите Јапонци биле критикувани дека биле надвор и пиеле на улица ноќе по затворањето на рестораните каде што не се дозволува алкохол.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e