Британците почнуваат со тест на крвта за 50 типа на рак

Британската Национална здравствена служба почнува со реализација на најголемиот пробен тест на крвта во светот, чии резултати ќе се користат за откривање повеќе од педесет вида рак пред да се појават симптомите.

Тестот „галери“, развиен од калифорниската компанија, „Граил“, ќе биде тестиран на 140.000 волонтери во Англија за да се утврди колку е успешен како дел од испитувањето. Тестирањето ќе се врши на луѓе на возраст од 50 до 79 години, кои немаат никакви симптоми, а тие ќе имаат редовни тестови на крвта еднаш годишно во наредните три години.

Тестот „галери“ ќе ја проучува ДНК во крвта за да утврди дали дел потекнува од клетките на ракот. ДНК од клетките на ракот е поинаква од ДНК од здравите клетки. Британската Национална здравствена служба се надева дека овој тест на крвта ќе биде особено корисен во идентификувањето на оние видови рак што во моментот се многу тешки за рано дијагностицирање и лекување, а познато е дека раната дијагноза на ракот резултира со значително зголемување на стапките на преживување.

Раното откривање, особено ако станува збор за тешко излечиви форми на рак, како што се ракот на јајчниците и панкреасот, може да спаси многу животи.

„Треба внимателно да ги проучиме резултатите од тестот ‘галери’ за да видиме дали ова може значително да го намали бројот на рак дијагностициран во доцна фаза. Тестот може целосно да го промени процесот на рано откривање на ракот. Многу сме возбудени што ќе ја почнеме оваа важна студија“, рече Питер Сасиени, професор по превенција од рак на Кралскиот колеџ во Лондон.

Ракот на белите дробови е најчеста причина за смрт од рак во Обединетото Кралство и претставува околу една петтина од сите смртни случаи на рак. Според податоците на Британската национална здравствена служба, ракот на белите дробови, дебелото црево, простатата и на дојката се одговорни за 45 проценти од смртните случаи од рак во Велика Британија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e