Земјоделци – Ви треба НАТО, ви треба ЕУ, ви требаат европските пари и пазари

Земјоделци, ви треба НАТО, ви треба ЕУ, ви требаат европските фондови и пазари, ви треба Заедничката европска политика (CAP), се друго е само одржување на една солидна состојба со помош на домашниот земјоделски буџет од 150 милиони евра.
За сите сериозни стратегии се потребни пари, дали е за едукација, дали е за дополнителна субвенција или поддршка на здружување на земјоделците и решавање на нивните проблеми, најмногу околу конкурентно производство и пласман.
Од домашниот годишен буџет за потребите на сите граѓани на РМ, од 150 милиони евра за земјоделците, неможе повеќе да се одвои. Има и други потреби, други области, други важни сектори кои се однесуваат на подобар живот на сите граѓани. Но кога овој земјоделски буџет ќе се зголеми до 1 милијарда евра (да, да убаво читате) колку што има една Бугарија на пример(200 милиони евра од домашен буџет и 800 милиони евра од европски фондови) или Словенија, тогаш можеме да зборува за европска аграрна стартегија и развој. Се дотогаш ќе биде вака, ќе се прават напори, ќе се изнаоѓаат ад хок решенија, согласно „должината на чергата“ за да се излезе од криза, дај 5 денари за праски, дај 2 денари за грозје…сами толку можеме.
Се дотогаш ќе биде вака, особено после катастрофалните 10 години во кои, не што не се создаде системско решавање на проблемите, туку се уназади земјоделското производство, а земјоделците се осиромашија. Особено не, после катастрофалните 10 години во кои се поддржуваше погубна политика на минатата власт од страна на некои земјоделски здуженија, со што минатата влада добиваше легитимитет дека се одобрени од земјоделците и особено не со кадровската политика на (некои) вработени, на создавани „мрежи во институциите“ кои сеуште вршат опструкции или просто работат против интересите на земјоделците.
Во земјоделското производство, ако една година не роди, родот го уништи невреме или нема пласман, ќе надокнадиш со некоја добра година, богат род, одличен пласман и цени. Но кога 7-8 години, тонеш, губиш, а поддржуваш актуелна политика на власт (бидејќи се зависи од политиката на актуелната власт) тогаш нормално е дека ќе бидеш на раб на опстанок, пред банкрот ако само уште една година биде лоша.
Но почитувани земјоделци, не може да се направи систем, европска стратегија во 1 година со пари само од домашен буџет и со понижени земјоделци кои се користеа само за избори. Не може без едукација од неколку години, да знаеш што и каде треба да садиш или сееш. Вакви проекти на едукација, реонизација со европски фондови туку што започнаа (благодарение на новото раководство на МЗШВ) а требаше досега да бидат направени и по нив да се ориентиравте односно да го планирате производството.
Изгубените 10 години неорганзирано земјоделско производство, скапо ќе платиме сите
Не може да садиш лубеници а да не знаеш на кого ќе му ги продадеш, досега требаше да биде развиено договорното производство, проект кој исто така е започнат, но бара време за реализација и посакувани ефекти. Не може да биде неквалитетна праската (оти немаш пари да инвестираш во заштитни мрежи) а да се лутиш оти нема пласман. Државата ќе помогне еднаш, два пати, но неможе тоа да биде решение на проблемот. Мора да се произведува согласно стандарди кои се бараат на одредени пазари. Мора да постои партнерски однос со трговците и извозниците, интересот (профитот) ви е заеднички.
Не може да произведеш скапо, да бидеш неконкурентен, а да бараш државата да го запре увозот. Од владата можеш да бараш да нема шверц, да се плаќа редовно од страна на трговците, да се почитуваат закони и договори, но ти треба да имаш пари да инвестираш во производството во најмодерна технологија и агротехнички мерки за да се „носиш“ со увозните производи (замисли да имаме како држава уште 800 милиони евра за земјоделско производство?!)
Исто така, кога ќе ги добиеш субвенциите треба да инвестираш во производството (квалитено семе, ѓубриво, препарати) а потоа со профитот да си купиш автомобил, телевизор, да одиш на одмор, да правиш свадба или да ја реновираш куќата. Обратно не бива. Затоа после ќе се жалиш на нискиот род (не си ги извршил сите агротехнички мерки кои чинат пари) а со слабиот квалитет ќе ја критикуваш незаинтересираност на трговците кои праќаат роба на странските пазари каде точно се знае каков квалитет се бара.
Да заклучиме, ни требаат едуцирани земјоделци, министерство за земјоделство и Влада која ќе не однесе во ЕУ. Ни требаат европски пари, политики и пазари. За европско земјоделство треба да разговараме, со едукација на земјоделците, со пари за високи субвенции и отворени пазари на кои ќе бидете конкурентни со квалитет и рамноправност. Таму постојат правила кои ќе се почитуваат, но има и заработка.
Земјоделци, шансата ја имате, пред вас е , само решавање на статусот на Државата значи и решавање на вашиот проблем. Мора да излеземе од рамките на земјата, мора да се приклучиме на европското семејство. Замислете какви мерки може да превземе министерството доколку има 1 милијарда евра кои ќе дојдат во вашите плантажи, фарми, посеви…Ќе зборуваме за инвестиции во модерна и нова технологија, во нови преработувачки капацитети, ладилници, нови сорти прилагодени на климатските промени за кои треба да станеме свесни дека се случуваат кај нас, а не таму некаде. Ќе зборуваме за пари кои ќе се добијат од државата токму за пренамена на производство на култури кои се поиздржливи, прилагодени на климастките промени или за репроматеријали, ѓубрива, заштитни средства, семиња, садници во согласност со реонот и климата. Нема тогаш да зборуваме за барање на земјоделците за 3 денари за килограм или 50 евра од хектар. Не драги мои земјоделци, во ЕУ субвенциите се во стотици евра за хектар површина или грло добиток. Таму ако во одреден регион произведувате пченица и ви дава само 3 тона од ха, или работите со загуба, државата вели, еве ти субвенции насади тоа што одговара за ова поднебје. Ако е долгогодишна култура, еве ти пари да живееш додека биде во полна родност.
Во ЕУ, пример во Шпанија речиси и да нема земјоделец кој не е во земјоделска задруга. Ама милиони евра се одвојуваат за нивни развој и подобрување на состојбата во агросекторот.
Многу примери други на успешни агробизниси со помош на европски фондови се мотив повеќе да се стави прстот на чело, за мотиката да се замени со технологии кои даваат и повеќе род и поголем профит. За државата тоа значи поголем девизен прилив, намалување на трговскиот дефицит и зголемено домашно производство кое сепак е најсигурно и најефтино за сите граѓани.
Ни треба НАТО, ни треба ЕУ, ни требате вие земјоделци за заеднички да го изодиме патот кој веќе е трасиран.
Тоа го бара од нас новото време.

Ленче Николовска

Посебен советник за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на РМ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e