За тајкуните и црквите

Инвестициите во цркви се лош знак за нивото на општествената одговорност на македонските тајкуни. Сеедно дали до тоа дно ги нурка лигавиот опортунитет на времето или станува збор за тотална вредносна дезориентација. Или и едната и другата мотивација се испреплетени во срање кое не е само тајкунска или црковна работа, туку е смрдеа која се шири и го загадува целото општество. Очите ја штипат заедницата и од тоа штипење не може да види кај оди и дали оди таму кај што кренала и дали таму кај што кренала е местото кај што треба да оди ако сака да ја биде и да биде добро, среќна и исполнета на некаков начин. И како колективитет и како поединци.
Нашата цивилизација е во потрага по нови планети, по нови енергии, по нови комуникации, по нова смисла. Христос не успеа да го уреди светот по својот терк, имаше повеќе од 2.000 години за тој подвиг. Некој или нешто треба да дојде на неговото место или на некое ново место од кое вредносно и морално ќе го заповеда и ориентира светот. Црквите се во Европа празни. Тоа, пак, што ние во такво време градиме цркви е како во областа на сообраќајот да инсистираме на пајтони кога одиме на бричење или на партиски митинзи.
Се разбира, секој може своите пари да ги вложува кај сака и во што сака, но релациите со средината во која тајкуните работат и живеат и се богатат, свеста за времето во кое живееме и свеста за сопствената одговорност за општите работи, налагаа парите во неподосливо грозните храмови, да се вложат во нешто попаметно, во чист воздух, да речеме, во пријатен јавен транспорт, во институти и факултети, во галерии и оркестри…
Тоа е едниот аспект на нештата.
Вториот е непосредно врзан со природата на таканаречената Македонска православна црква.
МПЦ е инструмент за контрола на нивото на заглупавеноста на народот, а самото ниво на заглупавеност, инструмент за контрола на масата. Ниски и блиски хоризонти на очекувањата, покорност, понизност, дезинтегрираност од себе, безгрижност за општите ресурси кои им се препуштаат на првите будали, спремност да се трпат доктринарно неписмени преносители на верата, попови и други црквењаци чие толкување на верата не е ниту на нивото на прикаски за мали деца итн. По линијата на тоа и такво духовно ментално и културно кондиционирање и формирање на луѓето, МПЦ е во врвот на одговорноста за драмата на македонската национална и државна идеја. Да не говориме за колаборацијата со злосторничкиот режим на вмро-дпмне, чин кој перјаницата на таа страшна затапеност и заглупавеност, чудовиштето што се вика или го викаа Агатангел, преку демонстрациите при осветувањето на уште едно грозоморие, се обиде да го продолжи.
Јас тука не навлегувам во верата на православните христијани, да се разбереме. Јас само имам потреба да кажам дека нивната црквена организација не по етикетата туку по својата суштина има малку врска со наукот на Исус, а много со световните работи какви што се корупцијата и клерополитичките инцести.
Мислам дека сите тајкуни што инвестираа во цркви, бргу сватија дека МПЦ не е субјект кој го заслужува нивното ктиторство, а дали се покајале и во однос на другите критериуми што ги споменавме тука-не знам

Бранко Тричковски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e