Војна на „светови“

Без намера повторно да се навраќам на Ќосето, но примерот на јавно искажаната желба / намера на една општина трајно да си го посвои дегенерикот – односно споменот за истиот – иако „личноста“ нема ама баш никаква врска со подрачјето или (не дај боже) жителите на дотичната општина, сликовито говори за културните стандарди на (голем дел од) македонските општини, за нивното поимање на културата и, што е уште поважно, за тешкотиите на кои што ќе наиде идната ориентација кон културна децентрализација. Тоа, најблаго речено, ќе биде војна на „светови“ – или светогледи, подобро кажано – на концепти и стандарди наспроти желби и пекмезења, на иднина наспроти минато итн. Или, поинаку поставено, можеби повеќе ќе се зачудевме ако општината побараше изградба на барем една културна установа, зашто таму нема ниту една, наместо желбата за вдомување на кољачот?

Како и да е’, културната инфраструктура е еден од основните културни стандарди во цивилизираните (не само европски) земји. Ако имате општини – гратчиња, градови – без ниту една културна установа, барем библиотека, ако не повеќе, за каква култура можете да говорите? Ако (мнозинството од) жителите на дотичните места (нивното височество – граѓаните!) дури и не чувствуваат потреба од постоењето на културни институции во нивното место на живеење, ако немаат потреба од книга, изложба, претстава – не неопходно како локален културен производ туку барем во форма на гостување, па нека е и еднаш годишно! – тогаш за каква култура и културен развој можеме да говориме во оваа држава? И намерно не ги спомнав концертите како форма на културна понуда (локална или увозна) зашто веднаш ќе се најде некој да пререче дека барем тоа го имаме, иако јас најмалку мислам на оние (повторно локални или увозни) естрадни бљувотини кои многумина ни ги поттураат како култура. Особено нашине поп-фолк кич „ѕвезди“, до вчера полевани со златна прашина токму од страна на Министерството за (не)култура, или, уште повеќе, истиот калибар кој доаѓа од северниот сосед и кој најчесто е (пре)платен токму со општински пари односно со пари од тие граѓани на кои не им треба библиотека, музеј, галерија, камерен оркестар итн. „Чаше ломим“ културата окупира повеќе од 80% од културната понуда во внатрешноста на државата! Дотолку повеќе: за каков културен идентитет и неговата одбрана говорат оние воспалени „патриотски“ муцки? И никако да објаснат што е тоа што некој ќе ни го земел, и како некој може да ни одземе нешто што немаме?

За локалните војни на „светови“ односно (културни) светогледи се изнаслушавме во текот на јавните расправи низ државава организирани апропо Националната стратегија за културниот развој за наредните пет години. И приказната е секаде безмалу иста: општинските власти немаат слух за културата, не ги интересира, се расфрлаат со пари само и единствено за фолк „ѕвездите“ од прилично сомнително потекло од бившите ју простори, културните институции (таму каде што се’ уште ги има!) се во катастрофална состојба итн. И таа „војна“ по правило завршува со победа на општинските власти, најчесто дури и пред да започне. Нема дијалог, нема разбирање, нема волја за промени! Општинските полуписмени „елити“ (со чесни исклучоци!) се’ уште живеат, и уживаат, во зачадената балканска крчма со мирис на ракија и колбаси. Каков локален културен развој, какви бакрачи. А локалната култура, како малцинство, нема доволно сила за отворена борба. Најчесто нема ни обид за такво нешто, а работите треба да ги реши „центарот“ – престолнината. Како да не гледаат дека истата „војна“, во поголеми размери, се води и таму. Зашто, впрочем, главната битка во војната на „светови“, односно светогледи, денес се бие баш во центарот на македонската престолнина, и тоа токму за и околу идиотско криминалниот кич продукт наречен „Скопје 2014“!

Оттука, можеби, конечниот исход на скопската „војна“ ќе ги навести и резултатите на локалните (не)културни војни? Но не, почетокот, односно „судбината“ на Ќосето веднаш ја демантира таа теза. „Внатрешноста“ ќе го апсорбира сиот кич од престолнината. Ќе го трансформира, но нема да дозволи да биде уништен! Ќе го прибираат отпадот од престолнината, како што го прибираат и културниот отпад од бившите ју простори!

Но, се разбира, ова се само сегменти, цртички во мозаикот на еден поголем проблем кој што целосно не е разрешен ни во многу поголеми, поумни и побогати држави од нашава. Ама луѓето таму континуирано работат на негово совладување! Ние велиме – ама така сака народот, мнозинството. Ма немој. А зошто тогаш на тој ист народ сме му пропишале дека мора да заврши средно образование, задолжително? Зошто не му оставиме на слободната волја и на желбите? Зарем културата е нешто подолу од образованието и зарем е поважно некој да знае да си го напише името, па дури и да мисли дека Нерези е познато по питата во тамошната кафеана, а „Мадам Батерфлај“ е марка на нов парфем? Некој ќе рече: па и тоа е образование. Да, ама не баш. Зашто континуитетот на културното живеење и доживување во многу нешта го надминува (често) сувопарниот образовен процес. А културната инфраструктура вообичаено е основниот чекор во таа насока. Се разбира дека секогаш може и да се импровизира, односно дека дури и една Македонска филхармонија може да концертрира на полјана, во последната македонска забит. Ама мислевме дека сме ги надминале состојбите од илјада деветстотини педесет и некоја година, нели?! И сме ги надминале, секако (иако повеќе во материјална отколку во вредносна / духовна смисла), ама главно во престолнината – сега повторно под „опсада“ на разноразни „племиња“, и во пет-шест поголеми македонски градови. Другото се’ уште е на рамништето на полјана, со импровизирана сцена од која што трешти турбо-фолк! И што, (и) тоа ли ќе ни го земат Грците?

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ