Дури кога резилот ќе излезе на површина, како во случајот со онаа смешна книшка „поезија“, или кога некоја провинциска будала, како клепачот на оние „стихови“ во истата, ќе се повика на своето божем уметничко творештво сметајќи дека така станува недопирлив за законот и евентуално јавниот суд, е дури тогаш ние се свестуваме дека во државичево нешто не штима на тој план. Односно дека не е паметно баш секој да се занимава со нештата што потенцијално го носат, или не го носат, заштитното знакче на уметноста. И дека некој, во такви случаи, мора да сноси и одговорност за направените штети, не само материјални. Зашто штетите што умее да ги направи „уметноста“ се далеку поголеми, често ненадоместливи. За што повторно, секако, ќе го посочам она монструозно „Скопје 2014“ и неговата „уметничка“ страна. И дури тогаш, можеби, некој се сепнува и прашува: абе има ли во државава стручни луѓе за таа и таа уметност, некои кои сериозно и професионално ќе проценат што е што? А такви има, во сите области. Прашање е дали и како ги користиме, зашто некому, богами, тоа и не му одговара! Тие – онаа збирштина „уметници“, ама и добар број потврдени но прилично државно раскомотени уметници – би сакале да останат вечни абоненти на државниот буџет, секоја божја година ако може и за секоја нивна малоумна будалаштина, при што никој, ама баш никој не смее збор против да каже. Така впрочем функционираа цели дванаесет години, така сакаат да биде и во иднина. И се’ ќе направат да го вратат времето. Ако им дозволиме, се разбира.
И не мислам, на крај памет не ми е да ја глорификувам критиката како непогрешлива, непоткуплива, најмеродавна … особено не македонската. Има кај нас и таква критика што секој прдеж на едикојси ќе го прогласи за брилијантно дело, нели. Таква клиентела особено се намножи последнава деценија. И уште „држи банка“ по некои жути портали, па и весници (кои, среќа, ги имаме се’ помалку!). Има дури и такви неетички, непрофесионални упади во туѓи институции, божем на повик, при што целосно иморално ја „оценуваат“ и „селектираат“ работата на колеги. Ама, како велат: во секоја градина има и пиреј. Во македонската критичка градина го има и премногу, ама тоа не е причина културата целосно да се откаже од услугите на критиката. Зашто, тогаш, повторно се враќаме во оваа денешна „ситуација“!
И, генерално, добро би било кога, во стилот на кинеските нови години, би можеле, на пример, да ја прогласиме 2018та за година на Уметникот. Или барем 2019. Ама претходно би морале да направиме темелна ревизија на нештата, ако не повеќе тогаш на оние стотина, или колку се, самостојни уметници, меѓу кои половината сигурно се протнале според некои сомнителни партиски и/или клиентелистички критериуми. Како на пример некои кои одамна дури не ни живеат во Македонија, ама оваа држава се’ уште им плаќа здравствено и пензиско! А потоа би морале да донесеме сериозни стандарди според кои што ќе се проценуваат нештата. Односно, кога би ги примениле важечките стандарди во светскиот (или нека е само во европскиот) културен простор, би морале поимот уметник да го сведеме на еден прилично помал број луѓе – сериозни творци со достоинствени биографии. Што пак значително би го стеснило културното зрачење на државата во и вон нејзините граници. Иако тоа, де факто, би било вистинското зрачење, и значење. А, едновремено, би значело и дека вистинското творештво ќе добие поголема и позначајна државна поддршка. Сето друго е чиста спрдачина и со културата и со поимот Уметник. Но и со буџетските пари, се разбира.
Она што ќе остане тајна – бидејќи никој за неа јавно не говори, барем не во редовите на македонските вистински творци – е следното: зошто македонскиот уметник се согласува да живурка во друштвото на онаа булумента самонаречени уметници (некои дури и со национални пензии, па национални награди, па секакви други бенефиции …) односно зошто прифаќа такви игри и игрички, такво разводнување, профанисување и обезличување до непрепознатливост на поимот уметник?!
Златко Теодосиевски