Ставовите на Груевски и на Мицкоски – врвна тајна

Редица некогаш значајни политички актери во надминувањето на спорот за името излегуваат еден по еден во последните седмици, соопштувајќи ги суптилно своите ставови за договорот што, по две и пол децении, го постигнаа актуелните влади во Скопје и Атина, навестувајќи како ќе се изјаснат на референдумот. Во ситуација кога низ државата секојдневно дефилираат и редица звучни имиња од светската политичка сцена, пренесувајќи унисон став за излезност на референдумот, јавноста практично останува покуса само за ставовите на поранешниот премиер Никола Груевски и за неговиот наследник на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Груевски беше на чело на Владата речиси една деценија, сè до почетокот на 2015 година – период во кој се случуваа крупни турбуленции во односите меѓу Македонија и Грција, почнувајќи од т.н. антиквизација во земјава, ветото за членство на Македонија во НАТО во 2008 година, па до осцилациите топло-ладно во преговорите во зависност од тоа како се менуваа политичките гарнитури на власт во Грција. Груевски, кој во последниве месеци почесто може да се види во судница отколку во политичката арена, досега не ги соопштил поексплицитно своите позиции во однос на договорот од Преспа и претстојниот референдум, иако во јавноста има шпекулации дека токму тој и дел од поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ се заговорници на сценариото за „бојкот“. На неодамнешната прес-конференција во парламентот, каде што говореше за јавната расправа во Апелацискиот суд – Скопје за случајот „Тенк“, Груевски не даде одговор на новинарско прашање дали ќе излезе на референдумот. Тој рече дека за тоа ќе каже во друга прилика.

Мицкоски, пак, како директор на ЕЛЕМ во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ, главно, не беше многу политички експониран, ниту инволвиран во обидите за надминување на спорот за името, освен што ја презеде диригентската палка во сега најголемата опозициска партија во период кога преговорите Скопје-Атина влегуваа во кулминација. Но, и во екот на референдумската кампања, тој не го соопштува својот личен став околу (не)учество на референдумот, иако неговата првична изјава, веднаш по постигнувањето на договорот за името, беше дека ќе гласа „против“. Во завчерашното интервју за 24 вести, Мицкоски рече дека тој став го изнел пред формулирањето на референдумското прашање, а дека неговите точни позиции ќе бидат познати на 30 септември, поточно на денот на гласањето.

Наспроти неартикулираниот став на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кое ги остави своите поддржувачи да постапат по сопствено мислење на 30 септември, во јавноста излегоа информации дека поранешниот (технички) премиер Емил Димитриев, кој го наследи Груевски на „Илинденска“, се залагал за учество на партијата на референдумот. Димитриев, во чие време преговорите со Грција беа замрени поради големата политичка криза во земјава, ни потврди вчера дека во текот на внатрепартиските консултации ја спомнал таа варијанта, посочувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ прва се заложила за референдумско изјаснување за надминување на спорот за името. Димитриев, кој не е сега дел од раководните структури на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека бил консултиран како член на пратеничката група.

„Тоа беше во фазата на консултации околу договорот за името, кога уште не беше утврдено референдумското прашање. Ставот што сега го зазема раководството на ВМРО-ДПМНЕ остава отворен простор за секој поединец во партијата да донесе одлука по сопствено убедување. До 30 септември има време да размислам околу моето учество и гласање на референдумот“, ни изјави Димитриев.

Неговите позиции, всушност, укажуваат на поделеност и во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на референдумот, ако се има предвид дека првиот шеф на дипломатијата од оваа партија во времето на Груевски – Антонио Милошоски отворено се залага за бојкот на референдумот. Информациите се дека Милошоски не е осамен во својот став и дека бојкот заговараат и други поискусни членови на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кон чии позиции, наводно, се приклонува и шефот на државата Ѓорге Иванов.

Интересно е несовпаѓањето во ставовите меѓу Милошоски и неговиот наследник на министерската функција во 2011 година, Никола Попоски, кој сега е претседател на Националниот совет за евроинтеграции. На неодамнешната тркалезна маса „Евроатлантска иднина за Македонија“, Попоски изјави дека опозицијата стои на ставот дека најдобар избор на Македонија е евроатлантската интеграција. Прашан за ставот на ВМРО-ДПМНЕ, или, пак, за личниот став за референдумот, Попоски одговори дека доколку тој би одлучувал, тогаш партискиот став би го градел со консултирање на членството по принципот „еден човек – еден глас“.

„Многу е погрешно ако имате многу различен став во однос на тоа што мисли мнозинството, а што мисли елитата. Но, кога го правите тоа, треба многу отворено и директно да ги информирате за опциите. Значи, како што треба да кажете колку има лоши сегменти во договорот, треба да кажете и кои се последиците од неуспевање или неспроведување на договорот“, додаде Попоски.

По подолга пауза од активната политика, позиции во однос на референдумот зазедоа и некогашните политички асови во земјава. Бившиот претседател и долгогодишен премиер Бранко Црвенковски, во чие време беше потпишана и Времената спогодба со Грција, најави дека ќе заокружи „за“ на 30 септември, иако во неговата писмена изјава може да се забележат критични тонови во однос на постигнатиот договор за името, со оглед на забелешките дека станува збор за нужност, а не за голема победа и успех… Но, во обраќањето на Црвенковски има и доза на самокритика, во делот каде што посочува дека чувствува голема лична одговорност поради тоа што Македонија во изминатите години била зависна од мониторинг и притисок однадвор, секогаш кога требало да се спроведат квалитетни реформи во државата.

Минатата седмица, и некогаш најлутиот политички противник на Црвенковски – поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, најави поддршка на референдумот, како предводник на групата основачи на ВМРО-ДПМНЕ и поранешни партиски функционери кои се огласија во јавноста исто така со отворено писмо. Со афирмативни ставови за референдумот и договорот за името како гаранција за евроатлантските перспективи на државата, во јавноста настапуваат и првиот претседател на македонскиот парламент, Стојан Андов и првиот министер за надворешни работи, Денко Малески. Во една од своите изјави, Малески посочува дека референдумот е шанса да се излезе од „пеколниот круг“ во кој се вртиме веќе 30 години.

Извор: Независен 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e