Смрдеата на патријахатот и осмомартовските парфеми

На први март, недела дена пред одбележувањето на Денот на жената, на утринска емисија на телевизија Телма се разговараше на тема „Подарете парфем за 8ми март“. Емисијата не ја гледав, а за неа дознав преку објава на еден мој пријател на фејсбук. Единствената причина за купување парфеми за 8ми март се чини дека е обидот да се затскрие смрдеата на патријархатот, барем еден ден во годината. И ако и тој еден ден во кој се одбележува женската борба за еднаквост (борба која сè уште не е завршена) дозволиме да се претвори во ден на мајката, или пак „на учителката“ (како што рече Надежда Рубен) и ден во кој се важни подароци наместо права, ние само го разводнуваме подарениот парфем и смрдеата останува.

Деновите околу 8ми март традиционално се исполнети со културни и уметнички содржини посветени на жената и женската борба за еднаквост. Речиси и да нема културна установа која не нуди некоја содржина по овој повод – што секако е за поздрав. Од друга страна, за жал, најверојатно поради отсуство на критика (особено на критика на уметноста) во Македонија, установите природно стануваат некритични во однос на сопствената програма, и некои од нивните содржини често пати се тривијални, недоволно обмислени или лошо контекстуализирани.

Во овој контекст ја споменувам изложбата Чудесните жени од колекцијата на Националната галерија на Македонија, која треба да се отвори на 7ми март во Чифте Амам. Во најавата за изложбата, меѓу другото, стои: „Со почит кон светскиот ден на одбележување на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, претставуваме избор од шеесеттина дела од жени авторки застапени во Колекцијата на Националната галерија на Македонија.“ Прекрасен концепт, убава прилика да се погледнат делата на авторки од повеќе генерации, најава која зборува за најважниот аспект на овој празник. Но, кога пред некој ден излезе информација за тоа кој ќе ја отвора оваа изложба, морав неколку пати да трепнам за да се уверам дека добро сум прочитала.

Не можам да прифатам дека која било жена треба да се појави и да говори во функција на нечија сопруга.Имено, станува збор за г-ѓа Зорица Заева и професорот Ферид Мухиќ. Се обидував да најдам биографија на Зорица Заева, за да видам од кој професионален бекграунд доаѓа. За жал, до таква официјална информација не успеав да дојдам. И токму тоа ме наведува да помислам дека изборот таа да биде говорничка е заради тоа што е сопруга на Премиерот Заев. Веќе овој факт ми е проблематичен и длабоко контрадикторен со поентата на настанот, кој во суштина е феминистички, оти борбата за женската рамноправност е феминистичка борба. Не можам да прифатам дека која било жена треба да се појави и да говори во функција на нечија сопруга. Иако таа традиција постои на Запад, особено во САД, каде жените на високите политичари имаат општествени улоги и функции, сметам дека сите традиции кои доаѓаат од таму не мора нужно да бидат прифатени – особено не оваа, бидејќи нејзината суштина е трофејна и обезличувачка. Исто така, со изборот на една жена-говорник, се отвора простор другиот говорник да биде маж, претпоставувам во име на некаква родова рамнотежа. Тоа само по себе не е проблематично.

Но длабоко е проблематично кога тој маж е професорот и филозоф Ферид Мухиќ. Со сета почит кон неговата работа и професионалниот багаж кој го има оставено зад себе, сметам дека тој е најмалку соодветниот избор на говорник на оваа изложба. Имено, професорот Мухиќ има богата историја на, најблаго речено, сомнителни ставови поврзани со феминизмот, феминистичката борба и прашањето на абортусот. Ќе направам еден кус преглед на некои негови ставови за да биде појасно за што станува збор. Во 2002та година, во двонеделникот Форум (бр. 108-115) континуирано излегуваа текстови во вид на преписка помеѓу неколку истакнати македонски интелектуалци, на тема феминизам, неговите цели, предмети и теории. Скусена верзија на оваа преписка излезе и во списанието Идентитети (том 1 бр. 3 од 2002 година) со наслов „Досие: Расправа за феминизмот“ приредена од Душица Димитровска Гајдоска. Во таа преписка се наоѓаат и 2 текста на Ферид Мухиќ, како и едно интервју на темата направено од Слаѓан Пенев. Следните цитати се извадени од тоа интервју.

„Мислам дека воопшто жените во политиката не се многу среќни, како што не се ни мажите…Политиката не прави родови, полови компромиси. Во политиката жената престанува да биде жена, нема избор.“

„Феминизмот почнува со имитирање на мажот…[м]еѓутоа дали имитирањето на мажите и престанувањето на тоа да се биде жена е максимум на еден толку совршен биолошки или божји проект каков што е жената.“

„Мислам дека треба да се редуцира амбициозноста на феминизмот, да остане една теориска област која нема да оди на регулирање на интимниот живот, од тоа би морала да се воздржи.“

„Нема никакво сомнение дека добар дел од активностите кои се социјално клучни, кај што се парите, кај што е моќта итн. го монополизираат мажите. Меѓутоа тоа не треба да биде елемент на заговор. Тоа делумно може да биде објасниво од разликата на интересот. Можеби жените помалку реално ги привлекуваат овие сфери (…) веќе тоа покажува дека се супериорни како ум. Можете ли да го замислите Буда да се натпреварува да стане директор, лидер на партија? Жените се поблиску до разбирањето на идеалот на небитноста. Тие се свртени кон поважните работи.“

Освен мажјаснувачката позиција за тоа со што треба да се занимава феминизмот, професорот очигледно ја поддржува идејата за жена-мајка-кралица, конструкт кој припаѓа на турбо-фолклорот за кој лично сметам дека нема простор никаде, освен во зачадени биртии во кои се запиваат средовечни мажи кои ламентираат над несреќата на нивните љубовни животи, која е предизвикана токму од нивната неможност да ги разберат и согледаат сопствените мајки, сопруги и ќерки како човечки суштества надвор од нивниот сексуален и репродуктивен аспект.

Понатаму, во 2008 година, професорот Мухиќ објавува напис во Дневник, насловен како „Несоборливиот аргумент на господинот Иларион“. Да се потсетиме, тоа е реакција на текстот на свештеникот Иларион во кој зборува за абортусот низ призма на себичноста на жената која се решава на овој чекор побудена од желба за луксуз и комфор, и која е „очовечена“ само тогаш кога во неа има плод. Еве цитат од текстот на професорот Мухиќ:

„Животот на мајката може да е загрозен, и може да е, објективно, апсолутно поцелесообразно да се дозволи абортусот отколку да не се дозволи: исто така, мајката може да има други деца за кои ќе мора да се грижи или барем за кои никој друг нема подобро од неа да се грижи. Сето тоа не е спорно. Не е спорно ни дека самиот чин е најстрашната траума за мајката. Но не е спорно ни дека, кажано со бесчувствителниот коцкарски жаргон, влогот со кој се искупува сопствениот живот или животот на мајката и петте или осумте други деца – е жртвување на животот на нејзиното шесто или деветто дете, односно на нивната сестра или нивниот брат!“

Но, ќе си речеме, ова било пред 10 години, луѓето се менуваат, а се менуваат и нивните ставови. Арно ама, во 2016 година, кога се обзнани дека професорот е кандидат за пратеник на листата на СДСМ, тој повторно беше запрашан дали го има истиот став за абортусот. Неговиот одговор беше потврден, со дополнение дека тие што го мислат спротивното, се убијци на деца.

И, ако сето ова се земе предвид, јас навистина не разбирам зошто и како Ферид Мухиќ ќе придонесе на изложба која се прави во чест на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност.И, ако сето ова се земе предвид, јас навистина не разбирам зошто и како Ферид Мухиќ ќе придонесе на изложба која се прави во чест на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност. Освен ако професорот во неговиот говор не планира да се извини за досегашните ставови и не изјави дека ги променил, навистина не гледам зошто токму тој би требал да ја има привилегијата да отвора ваков настан. И кога веќе зборуваме за парфеми и мириси, сметам дека овој потег е еквивалентен на отворање на канта со расолница. Верувам дека и дел од авторките-учеснички чии заложби и биографии ги знам, би се сложиле со мене. Истовремено сметам дека за ова мора да се проговори и во името на авторките кои не се повеќе меѓу нас, а чии дела ќе бидат изложени.

Јас сум сигурна дека луѓето кои стојат зад овој концепт имале најдобри намери, но најдобрите намери не се секогаш доволни, патот кој води до пеколот на патријархатот исто така е поплочен со нив. Се надевам исто така дека ова ќе биде сфатено како добронамерна критика, и дека следниот пат кога ќе почувствуваат потреба маж да говори на отворање на изложба поврзана со женски права, да го имаат предвид филозофот, активист и феминист Жарко Трајаноски, или пак теоретичарот и активист Славчо Димитров. Отворањето на изложбата ќе морам да го „бојкотирам“, но со задоволство ќе ја посетам некој друг ден.

И за крај, ќе се осврнам на текстот на Румена Бужаровска, „Вицкастиот интелектуалец: за Тричко, Ѕвездан и другите шегобијци“, објавен на порталот Окно. Иако самиот текст се однесува на реакциите на мажите од постарите генерации врзани со иницијативата #СегаКажувам, Бужаровска поентира со нешто што е применливо и во овој контекст, а тоа е дека таа патријархална генерација „како да не гледа дека метеорот на промената ита кон нив и дека ерата на диносаурусите завршува. И дека зад нив ќе остане најдоброто што можеле да ни го остават – нивните прекрасни ќерки.“

Од осмомартовските културни содржини со радост ќе одам на ПичПрич, каде меѓу другите ќе зборува и Маја Мухиќ – професорка, активистка и феминистка, ќерка на професорот Мухиќ. Сигурна сум дека таа ќе има да каже работи кои се далеку порелевантни на оваа тема. Ако нешто може да ја победи смрдеата на патријархатот, тоа е свежината на слободно изговорената женска мисла – најпривлечниот парфем на новото време.

Јана Јакимовска
извор: ОКНО

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ