Сите звуци на срамот

„За да исполните еден сон не ви треба магија. Ви треба посветеност, пот и работа” Колин Пауел.
Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас постигнаа историски договор за спорот за името.

Ја пишувам реченицава, се враќам да ја прочитам, ја читам уште еднаш, па ги гледам официјалните изјави на двајцата премиери, ги гледам честитките што фрчат од Стејт Дипартмент преку Расел Кроу па се’ до официјална Москва, па уште еднаш ги пуштам премиерите и пак ја читам реченицата …и ништо… се’ уште изгледа нереално.

Спорот којшто постои откако знам за себе, разликите меѓу двете земји што запечатија иднина на неколку генерации, прашањето на коешто се потрошија тони и тони хартија весници и часови телевизиски дебати,  проблемот со којшто почнуваа и завршуваа новинарски, експертски и политички кариери, јазолот што важеше за нерешлив го изгуби тој свој статус пред само два дена, после само година дена преговори, ама од оние вистинските. Спорот е завршен. Решението е најдено. Договорот е постигнат и е официјално објавен, а се очекува во наредните денови да биде и потпишан. Македонската и грчката страна после 25 години се согласиле дека два и два се четири еднакво како што се и три плус еден. Спорот е решен.

Читаш, гледаш изјави и таман кога си се’ поубеден дека ова мора да е сон, доаѓа еден звук од реалноста. Го слушаш внимателно и веднаш го препознаваш – тоа е крикот на македонската и на грчката опозиција обединети во хистеријата дека договорот е најава за апокалипсата што следува. Предавство! Срамота! Неспособност! Катастрофа! Разнебитување! Заев и Ципрас нашле решение. Каква дрскост! Како не им е срам! Како само се осмелиле, тие да најдат решение, ним да им аплаудира светот, да постигнат договор за којшто овие (здружената грчка и македонска опозиција) можеа само да сонуваат додека беа на власт. До душа и тоа не можеа, оти не сакаа. Тие навистина беа “дил ориентед” и тука и таму, ама таа нивна ориентација, тоа нивно “џи-пи-ес” никогаш не ги извлече надвор од лавиринтот на евтин флерт со  национализмот и кукавичка злоупотреба на емоциите на граѓаните.

И оти си стиснал “снуз”, наместо “дилит”, звукот продолжува, еве го пак, засилен со нови врескачи. Тоа се навидум силни и страшни луѓе, облечени во црно и така грамадни колку што ги држи снагата врескаат за бесилки, гасни комори, сеат пораки за смрт и закани. Мислат дека зрачат сила и храброст, а всушност откриваат колку се ранливи, збунети, исплашени, луѓе кои сопствените несигурности за тоа кои се, од каде се и што носат во градите ги кријат преку вакви агресии. А  се поттикнати и поддржани токму од опозициските лидери. Злоупотребени од оние кои немаат основно чувство за одговорност во вакви моменти.

Стискаш веднаш “дилит” и на овој звук, си велиш немаат бре овие држави време за да дозволат разни “Миц(к)отакиси” да им го рушат сонот, ама ете, веднаш следува  и нов бран звуци. Сега вреска “секритичката”, “сеекспертска” јавност, оние самопрогласени сезнајковци, анти естаблишмент (оу јеа) вечни борци, дежурни чувари на критиката. Овие луѓе за коишто тврдам дека немаат  два-три релевантни извори во Грција велат дека Договорот бил капитулација за нас, а во Грција се славело. Би рекла дека не знам што ли читаат овие луѓе, чии изјави гледаат, со кого ли се брифираат во Атина, ама кога подобро ќе размислам знам – со никој.  Тие своите заклучоци ги изнесуваат не врз основа на факти, туку на идејата дека Владата мора да се критикува за се’, за секој потег и на секое поле, оти само така тие можат да се искачат на тронот на Великите критичари, од каде што со скрстени раце, ама со отворена уста, ќе блескаат во “остроумноста” и “креативноста” кога кажуваат што се’ не чини и не смее и не треба. Деструкција во поим. Има тука дел и со сосема други мотиви, но овие чија мотив е популарноста, тие ми се најдобар феномен. А најстрашно е што од нивната врева и анализите за наводна тотална капитулација не можеме да стасаме да отвориме некои сериозни дилеми што текстот на Договорот ги отвора. Не, тие фрлаат дрва и камења по сериозните добивки. Истите кои со години тврдеа  дека на Грција не и’ е до името како такво, туку до идентитетските одредници, сега кога токму идентитетот е забетониран велат дека тоа не е голема работа, дека и нивната “маленкост” ќе го избоксувала тоа, дека ништо не сме добиле. Грците се победници и таму веќе имало огномети и шампањско. Настрана плиткоста во тезите дека ова е спор во којшто мора да се гледа кој што губи, наместо кој што добива, настрана фактот дека има нешто што се вика баланс на сили, во природата, општеството и меѓународната политика, како негов дел, овие тврдења се елементарно неточни. Оти, каква е ситуацијата навистина во Атина денеска? Еден влијателен и релевантен колега на пример вели:

“Незадоволството е големо. Во сабота ќе има протести. Впечатокот е дека изгубивме премногу. Прво ни беше кажано дека името ќе биде без превод, само Северна на вашиот јазик, па подоцна излезе дека сепак стои англиската верзија и има превод. Но, најстрашно поминува делот со идентитетските одредници. Самиот Ципрас кажа дека не можеме да ви забраниме да се нарекувате Македонци и тоа стои во договорот. Исто и јазикот. За народот ова е голем пораз” вели тој.

Понатаму додава:

“Ципрас е во голема каша. Да, тој доби поддршка од претседателот, но Нова Демократија допрва ќе прави проблеми. И не се само тие незадоволни. Да има сега тука референдум резултатот ќе биде 80:20 против. Излегува дека добивме само ерга омнес, што и не е некоја добивка оти се однесува на техничките аспекти на Договорот, името како такво, бирократија, документи, административните сегменти. Суштинските, чувствителни прашања беа во другите делови на пакетот. И тука Заев со право слави” вели тој.

Еден од тимот на владините советници, пак, за Капитал вели дека Договорот не е најдобар на свет, но е одличен.

“Грција ја заштити ерга омнес позицијата, издејствува уставни измени и тоа е суштината. Освен тоа, Грција се наметнува како регионален лидер на стабилност и перспективност на регионот во турбулентни геополитички времиња. Грција е одговорна и најмоќна земја на Балканот и така треба да се однесува” вели тој.

Значи нормално е дека победничката реторика прилега на оние во грчката Влада. Исто како што е сосема легитимно и македонската власт да навлезе во хиперболи на добиеното. А факт е дека и двете страни ги напуштија своите црвени линии. И тоа му е јасно секому, особено на оние кои спорот го гледаат подалеку од битката за “лајк плус” Двете страни направија чекори. Токму сериозните познавачи на спорот и низ годиниве велеа дека  вака некако и ќе изгледа конечниот компромис – ерга омнес во замена за идентитетските референци. Ова е единствено одржливо и можно решение во моментов. Не е најдобро. Не е идеално. Но, за волја на вистината такво никој и не ни нудеше. Ни нудеа достоинствено. И такво и испорачаа. Јас разбирам дека во меѓувреме се изродија и едни нови “достоинственици”, со критериуми за солиден пакет што не би можел да им ги пресретне ни некој нов Кисинџер, ама тоа не ја менува вистината дека ова е еден крајно достоинствен исход. Затоа несфатлива е енергијата со која се  бара некаков скриен ѓавол во деталите, на сметка на сериозноста и корпулентноста на целиот пакет.

Со вакви некои мисли за леснотијата на неразумот, наспроти тежината на умот, се враќаме на идејата за сонот. И повторно се јавува нов звук. Овој пат како аларм. Наутро. Очекуван е овој звук. Сосема очекуван, ама крајно здодевен и иритирачки. Прозборе Иванов. Вели дека бил претседател и дека како таков не смеел да дозволи Договор што бил “политичка дивоградба”. Притоа тој со индигнација (ха ха) одбил да разговара со премиерот  Заев и со министерот Димитров. Демонстративно си заминал и го прекинал состанокот. Ако размислите, ова е некаков сосема логичен тек на средбата. Навистина, за што еден Иванов, еден функционер кој не стои на, туку самиот е столб на срамот, еден заштитник на криминалци, докажан и надалеку познат по газењето на основните вредности на едно демократско општество, би разговарал со луѓе кои ризикуваат и кариери, ама и животи, за да ја исполнат визијата!? Визија која немаат само право, туку и елементарна обврска да ја испорачаат, оти токму за ова добија поддршка од граѓаните. Да го парафразираме тука Димитров, кај овој звук и нема опција “снуз”, тука веднаш се стиска “дилит” – оти со него или без, сонот ќе продолжи.

И тука некаде ми е и клучната поента. Нека не ве вознемируваат овие звуци, нека не ве загрижуваат. Допрва ќе ги слушаме од различни центри, со различни мотиви. И ќе бидат се’ погласни. Но, имајте на ум дека тие се тука само за да помогнат. Го прават сонот достижен, го приземјуваат, ги цртаат неговите граници, ни ја сервираат победата како реална. Токму овие звуци  се нејзина гаранција и тука нема никаков парадокс, ниту апсурд. Веќе не е прашањето дали, туку како и кога ќе ја искористиме оваа можност. Македонија мора да оди напред. Ова е историски момент и како таков е препознаен од граѓаните. Ова е исчекор и е наша, заедничка победа. Во една држава внатрешно поделена по различни основи, ова е нишката што ќе не’ обедини. И тоа е можеби најголемата придобивка од крајов на лудиот спор. Колку и да звучи нереално ова сега. Времето ќе покаже дека интеграциите и успехот на тоа поле биле клучот кој ја отворил вратата на македонската внатрешна стабилност и заедништво.  Следуваат многу предизвици. Но, најважно, следува време без изговори. Време кога ќе нема оправдувања за ниеден неуспех дома. Да се фокусираме на иднината. Ваква каква што ни се овозможува. Иднина во која ќе бидеме рамноправни таму каде што припаѓаме, иднина која ќе ја градиме со многу посветеност, работа и критика за одговорните, за сите прашања за коишто и тоа како заслужуваат. Ова не е едно од нив. И тоа не е пораз луѓе, ако Владата успеала, тоа е победа. Нивна. На Македонија. На Грција. На регионот и на светот. Малициозноста чувајте си ја за поведри времиња… оти токму таква ни е временската прогноза за север – расчистување.

Колумна на Катарина Синадиновска за „Капитал“

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e