Ризаов: Мицкоски ја искористи типичната вмровска доктрина на навреди и манипулации

Конечно по долги години видовме предизборно јавно соочување на двајца лидери на политичките партии од кој еден ќе биде премиер и ќе ја предводи владата во наредните четири години, или до наредните предвремени избори како што стана непишано правило.
Зоран Заев или Христијан Мицкоски, еден од нив ќе седне во најжешката фотелја и ќе ја извршува најодговорната функција во наредниот многу значаен период за иднината на државата и на граѓаните. Оценката каков впечаток оставија двајцата политички ривали во дебатата на Канал 5 е многу деликатна работа, особено за поделената и партизирана јавност. Сите веќе прогласија победа на својот фаворит.

Она што можев да видам од приложеното во вербалната пресметка според професионални критериуми Зоран Заев остави посилен впечаток. Делуваше посталожено, поопуштено, поаргументирано и покажа дека повеќе му прилега премиерската функција. Сепак мора да се има предвид фактот дека дуелите, освен како демократска придобивка не влијаат многу на определбата на граѓаните. Како што и двајцата партиски претседатели прогласија сигурна победа, така и партиски определените граѓани веќе го гледаат својот кандидат како иден премиер.
И Заев и Мицкоски прилично уверливо прогласија сигурна победа, иако не го знаат исходот од изборите. И двајцата сметаат на гласот на еден не мал број гласачи кои сакаат да му се приклучат на победникот и да добијат поддршка кај традиционално неопределените кои во голем процент од над 30 отсто од тие со право на глас речиси никогаш не гласаат. Поточно, бројката од 30 отсто луѓе кои нема да гласаат е константа на сите избори. Дуелите се прифаќаат најмногу за нив и за своите гласачи, бидејќи партиските медиуми веднаш по тв соочувањата прогласуваат дека нивниот кандидат го декласирал, односно, како што пишуваат, го „растурил“ противникот.
И што запаметивме од овој дуел, што ќе ни остане во сеќавање. Ако судиме според дуелите на Бранко Црвенковски и на Љупчо Георгиевски во сеќавањата остануваат само навредите и бизарностите искажани јавно со кавгаџиски јазик. Во штотуку воспоставената тазе демократија во Македонија адреналинска терапија беа ударите под појас кој е пијаница, а кој е наркоман, кој е луд, а кој ја тепа жената и други непримерни навреди искажани од млади луѓе од кои и двајцата беа премиери како прво и второ вработување во животот, а одбележаа една цела ера од современата историја на Македонија. Тогаш се сметаше дека што пожестоко се нападне и омаловажи противникот, толку се поголеми шансите за победа.
Дуелот меѓу Заев и Мицкоски беше со сосема други очекувања во јавноста, најмалку кој ќе биде пожесток и кој ќе зададе повеќе валкани удари. Се очекуваше двајцата соговорници да покажат повисока комуникациска култура, ако не меѓусебно почитување, тогаш барем поголема внимателност не толку во острината на критиките, колку во одбегнувањето на навредите и пораките кои предизвикуваат омраза и нетрпеливост. Во тој поглед Заев беше на повисоко ниво од Мицкоски, кој во повеќе наврати не можеше да се ослободи од типичната вмровска доктрина на навреди и манипулации. Наместо повеќе да се зборува за иднината и двајцата соговорници повеќе обрнаа внимание на минатото, иако во таа насока Заев имаше многу повеќе адути и аргументи да поентира, но не ги искористи до крај.

Колумната на Ерол Ризаов за Независен во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e