Прасињата нема да гласаат за Груевски

Предизборната стратегија на партијата на Груевски да заигра на картата на опасноста од бегалци и мигранти во Македонија не е сосема неразумна: ВМРО-ДПМНЕ собрано околу очајникот Груевски – кому локалниот изборен резултат буквално ќе му ја пресуди политичката иднината како на ниту еден друг партиски лидер – се надева дека, конфронтирани со замаглената опасност од некаква „наезда“ на мигранти и бегалци, левицата во Македонија ќе се соочи со кризата на сопствениот идентитет за тоа како да одговори на оваа компликација – да ги пречекаме… и тие се луѓе со свои права… им треба образование и помош… напатени се и сл. За тоа време, десницата ќе си ја пее својата стандардна патриотска попевка за будење на стравот кај населението од инаквите кои, еве ги, доаѓаат да ни се населат низ градовите, да ни влезат во нашите домови, да ги загрозат нашите деца… со поддршка, а и во организација, на предавникот Заев.

Во таа смисла, кризата со мигрантите и не мора да е реална (како што и не е), тие не мора навистина да се надвиснати на нашите граници (како што и не се), ниту пак да се заинтересирани да се населат низ македонските градови и села (погаѓате: како што и не се), туку е доволно предизборно да се „запали“ темата, да се отвори дебата за тоа, таа да се прошири по телевизии и фејсбуци, за да се авансира чувството на страв и несигурност кај населението. ВМРО посакува таа евентуална растечка масовна хистерија – чиј потсвесен работен наслов би можел да биде: „Нови Албанци не ни требаат!“ – да се преточи во „превентивни“ гласови кон локалнава конзервативна македонска десница. Затоа е целата оваа парада со потпишување петиции и барање референдуми против градењето (?!) на бегалски населби низ земјава, и тоа не затоа што тоа ќе се прави, туку затоа што еден дел од јавноста е вознемирен од самата помисла дека би можело да се прави. Создавањето на такви лажни перцепции во политичката комуникација се нарекува пропаганда. Валкана.

Таа валкана пропаганда игра на картата на општата светска нестабилност во која, во последните неколку години, и многу поголеми и постари европски демократии од Македонија се разнишаа, ги расклатија своите либерални вредносни системи и заглавија во своите локални десно-популистички, хистерични варијанти. Што би рекол Иван Крастев во својата последна книга „По Европа“, да се привлечат туристите и да се отфрлат бегалците е кратката верзија на европскиот посакуван светски поредок. Неговата централна теза е дека мигрантите се историските актери кои ќе ја определат судбината на европскиот либерализам.

Тоа, сепак, нема да се случи во Македонија, не на овие локални избори. Не само затоа што овдешниот либерализам и без тоа има определена мачна судбина, туку затоа што на најголем дел од народот му стана јасно со кого си има работа кога е Грујо и Фамилијата во прашање. Тоа ви е како да терате прасиња да гласаат за прослава со богата трпеза за Божик! Доволен број прасиња се опаметија за да сфатат дека локалната трпеза може да помине и без нив.

Сашо Орданоски

Извор: Цивил Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e