Последна шанса за Македонија

ационалистите во Скопје и Атина сѐ уште можат да го торпедираат договорот. Ова е историска шанса, ништо повеќе, но и ништо помалку од тоа, коментира весникот „Стандард“.
Австрискиот весник „Стандард“ по потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција, го објавува коментарот на Паул Лендваи, под наслов „Македонија: Последна шанса“. Во него се вели:

„Буре барут, јаболко на раздорот, осарник – Македонија во сите крвави конфликти на Балканот имала централна улога. ‘Македонското прашање’ долго било симбол за ‘нерешливоста’ на националните тензии меѓу Србија, Бугарија и Грција. Поделбата на македонскиот простор на три дела по Балканските војни во 1912/13 на грчка Егејска Македонија (50 проценти), српска Вардарска Македонија (37 проценти) и мала бугарска Пиринска Македонија (13 проценти) – предизвика стремежи за србизација и бугаризација во две светски војни.

Признавањето на македонска нација со статус на република како дел од југословенската повеќенационална држава, со свој книжевен јазик и дури и своја православна црква, (1967) претставуваше пресврт во балканската историја. Настанувањето на независна македонска држава по распадот на втората југословенска држава предизвика спор за името со грчкиот сосед со тешки последици. 27 години сите грчки влади ја блокираа западната интеграција на ‘Република Македонија’. Околу два милиона граѓани (секој четврти е припадник на албанската етничка група) живеат во држава со вештачко име Поранешна Југословенска Република Македонија (ФИРОМ). Државното име ‘Република Македонија’, според грчките сфаќања, укажува на територијални претензии кон истоимената грчка провинција.

По ветото од страна на Грција против прием на новата држава во НАТО и против преговори за приклучување во ЕУ, целосно корумпираната македонска владејачка партија ВМРО со мегаломанска контраофанзива претендираше на античкото наследство во знак на Александар Велики и уште повеќе ја загрози иднината на сиромашната земја.

Промената на власта во Скопје пред една година и интензивните напори за посредување на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и на долгогодишниот посредник на ОН Метју Нимиц го отворија патот за двајцата левичари, антинационалистичките премиери Зоран Заев во Скопје и Алексис Ципрас во Атина, да постигнат разбирање за името ‘Северна Македонија’.

Јас како новинар известував за последиците од катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година (1070 жртви) и потоа за впечатливата обнова на уништениот главен град и повеќепати се сретнав со архитектот на самостојноста, реформскиот комунист Киро Глигоров (1917-2012). Нему, на првиот претседател, треба да му се благодари што Македонија беше единствена република која не беше вмешана во војните од 1990-те. Мирното создавање на малата држава беше редок среќен случај.

Во изминатите децении стекнав цврсто убедување дека Македонците не сакаат да бидат ни Бугари, ниту пак Грци или Срби. Внатрешната стабилност зависи и од почитувањето на правата на Албанците. Националистите во Скопје и Атина сѐ уште можат да го торпедираат договорот. Се работи за историска шанса, ништо повеќе, но и ништо помалку од тоа“, коменитра Паул Лендваи во весникот „Стандард“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e