Помрачениот ум на Монструмот

Зборовите веројатно не беа доволно силни. Затоа беше потребно да се направи и филм, но тоа, сепак, не е “никакво дело за верба, надеж и љубов“. На таков начин норвешкиот режисер Ерик Попе зборува за чувствата на маргините на оптимизмот, обидувајќи се со својот филм „Утоја 22 јули“ да даде придонес кон сеќавањата на страшниот терористички напад и ужасниот масакар пред речиси седум години на норвешкиот остров кај Осло – да не избледеат. Фокусот треба да се пренасочи од терористот кон жртвите, 69 млади кои Андерс Беринг Брејвик брутално ги уби, воден од агресивни политички и ксенофобични мотиви во својата поматена свест.

Станува збор за филм што има за цел и да го сврти вниманието кон слепото насилство на екстремизмот и тероризмот, кон растечкиот фашизам, кон апсурдите на глобализацијата и проддлабочувањето на омразата во општеството, без оглед во колкава мера ваков вид грозоморни убиства и трагедии што оставаат длабоки трауми во општеството можат директно да се доведат во врска со политички причини. Не само кога станува збор за монструозниот масакар на остров кај Осло, туку и низа други екстремистички и терористички атенатати и убиства во последните години, во театарот во Париз, во Лондон, Стокхолм, Марсеј. Или кај Смилковското Езеро.

22 јули е датумот во модерната историја на Норвешка што секогаш ќе биде поврзан со страв, очај и тага. Но сфатен не само како трагедија, туку, пред сè, како терор насочен кон мултикултурното општество и демократијата. Вредности, кои во помрачениот ум на монструмот што создава и заговара екстремистички агенди, треба да бидат уништени.

Тероистичкиот атентат на Утоја беше дело на само една личност, која по правната разрешница на случајот ја доби заслужената казна. Но дебатата, всушност, не треба да се одвива околу личноста на Андерс Беринг Брејвик, кој сега е зад затворски решетки, веројатно без никакви изгледи повторно да го почувствува мирисот на слободата до крајот на својот живот. Тоа што е најважно е политичкото разбирање на 22 јули, делумно поради јакнењето на свеста за превентивно намалување на ризиците да не се повтори нешто слично. Но исто така и дека ваквите трагични настани овозможуваат пристап до појасен увид во ширењето на екстремни политички ставови и искривени слики за општествените процеси, што беа присутни и пред масакрот на 22 јули 2011 година, а кои не исчезнаа ни во длабоката траума по тој датум, длабоко вкоренет не само во норвешката национална свест, туку и пошироко во Европа и светот.

Правната разрешница секако има мошне големо значење кога станува збор за соочување со индивидуалните, но уште повеќе и со колективните трауми и недоумици. Политичките партии неретко истапуваат во пошироката јавност користејќи ја можноста да ги зајканат своите позиции, и заговарјќи амбијент во кој “мораме да имаме храброст да отвориме дебата околу проблемите“. Но, тоа што, всушност, се случува е постепено лизгање кон стеснетиот јавен простор во кој ќе се зголемува подготвеноста да се прифати “етнификацијата“ или културализацијата на проблемите и феномените во општетсвото, што се, пред се, социјални според својот карактер. Во голем број европски земји се почесто станува правило, наместо исклучок, девијантните однесувања, злосторничката дејност и криминалот да се “објаснуваат“ со етно-културни или религиозни карактеристики поврзани со поединци или групи.

Монструозниот терористички атак, извршен од Брејвик, се случи кај Осло, но нема никакво сомневање дека можел да се случи и на кое било друго место во Европа. Идеологијата што почива на омраза и насилство мора постојано да се разобличува. Оттаму, и историјата, поврзана со Утоја и многу други слични настани, според примерот на споменатиот норвешки филм, треба постојано да се раскажува и на таков начин да не се дозволи да падне во заборав, да биде потисната од колективната меморија.

Токму уметничко творештво може да има нарочна улога кога станува збор за потребата да се преработи тагата и траумите по тешки настани. Големиот американски писател Ернест Хемингвеј, соочен со насилството во општеството и разочаран од животната стварност, во своето литературно творештво мајсторски, и со многу љубов кон луѓето, предупреди на раширеното зло во општеството. Но, со своето дело тој сепак не укажа на некаква посветла перспектива на човечштвото, а уште помалку на некаков пат што води кон решавање на главните животни проблеми. И во творечкиот свет на режисерот Ерик Попе темната страна на општеството, исполнета со помрачен ум и деструктивност, не може да се замени со посакуваната визија за “вера, надеж и љубов“.

Во едно интервју Попе раскажува за средба што ја имал со родител чие дете било една од жртвите на Утоја, кој побарал од него да направи колку што е можно поверодостојен филм, нагласувајќи дека ако не направи филм за тоа што навистина се случило на островот, никогаш не ма да прости. А една таква приказна, во која станува збор за стравично убиство на млади луѓе, и за која само зборовите веројатно не биле доволни, не може по ниеден основ, и во апсолутно никаков контекст, да биде барем и сосема малку – сентиментална.

Ивица Челиковиќ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ