И пеевме и плачевме за поканата од НАТО

Ви пренесуваме дел од најновата колумна на Ерол Ризаов за Независен весник:

-Последната, најтешка етапа од европеизацијата на Македонија почна со пеење и со плачење, со радост и со тага. На прославата по повод поканата на НАТО, Македонија и тагуваше и се радуваше, едни пееја и се смееја со солзи радосници, други лееја крокодилски солзи над судбината на Македонија и ги проколнуваа предавниците што го продадоа името, трети беа загрижени за буџетските пари на граѓаните да не се трошат на веселби, многу учените дежурни интелектуалци за заштита на националната хигиена беа згрозени од кич парадата, а најмногубројните, како и секогаш, си гледаа сеир и си го тераа ќефот во топлата спарна јулска вечер чекајќи да дувне северец и да излезе појасно на виделина победничката страна, па да одлучат дал да плачат, ил да пеат. Го чекаат ликот кој ќе им каже дали треба да се радуваат или да тагуваат.

Тоа е Македонија, без оглед дали е федерална, народна, социјалистичка, поранешна југословенска, независна, северна… секогаш ѝ е поблиска несреќата и тагата отколку радоста. И во оние ретки моменти на среќа ќе се најде некоја причина да се помати радоста. Кога лани падна македонската Бастилја и кога се ослободи заробената држава од режимот на Никола Груевски, партиските ескадрони и насилници ја спречија радоста и веројатно најголемата спонтана прослава и катарза од прогласување на независноста на државата. На 27 април 2017 година упаднаа вмровските чети на најсветата педа земја која ја означува парламентарната демократија и го згазија како мивка општествениот поредок на државата и светоста на парламентот. Пролеаја крв во Собранието на Македонија во обид за државен удар со попречување да се предаде власта на победниците на парламентарните избори, оценети од ДИК и од многубројните посматрачи како веродостојни и регуларни. Крвта на пратениците и мачните сцени со обиди за убиство и линчување на пратеници кои го обиколија светот и ја прикажаа Македонија како банана држава, не дозволија тие што цела деценија ја чекаа слободата и се бореа за тоа да се порадуваат и да излезат на плоштадите и да кажат – готово е падна тиранијата. Ја спречија насилно прославата на стотици илјади граѓани, но не им ја одзедоа радоста. Тоа се виде многу бргу на локалните избори. Казната беше мал надомест за одземената радост.

Колумната во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e