Патриотизам VS. Патриотизам, како уникатен „моронизам“

Пасионираните противници на Иднината за Македонија, со неподнослива леснотија запенавено и со предозирана патетика го дефинираат поимот Патриотизам како „подготвеност да се УМРЕ или да се жртвува и сопствениот живот за својата држава…“.

 

За разлика од ваквите, лидерот на актуелната позиција го дефинира вистинскиот Патриотизам како „безрезервна подготвеност да се ЖИВЕЕ за својата држава, но и да се ЖИВЕЕ ВО СВОЈАТА ДРЖАВА !!!“

Американската „Икона“ Willie Nelson (музичар, поет и граѓански активист) мудро забележува: „Кога некоја личност, народ или држава – е неуспешен во некоја работа и справување со некој проблем доволно долго време во континуитет – исто така станува Легенда!“… Дел од граѓаните во Македонија очигледно се уиграле во таа легендарна улога на „страдалници од памтивека“ со самододелена приоритетна мисија на некакви заштитници на светиот спомен за „пролеаната крв на нашите дедовци“, па со френетично изразен националистички мазохизам прават сè за да се спротивстават на секоја (позитивна) промена во веќе вкоренетиот лузерски менталитет. Опседнати исклучиво со минатото, таквите не сакаат ни да зборуваат за нова, Победничка Улога на Македонија во современата регионална и глобална „претстава“ на сцената од 21-от век. Хистерично пелтечат за некое велепредавство, манипулации, лаги и капитулации… огромни дози на дефетизам, „професионално“ себесожалување и чувство на безизлез. Токму таквите ретро-лидери, квази-експерти и изветвени дипломати исполнети со буѓосано политиканство, суетни каприци и адолесцентни инаетења, деструктивно манипулираат со чувствата и ставовите на искрено загрижениот и збунет народ во нашава држава.

Академската јавност од сферата на Политичките Науки како и практичарите во Меѓународните Односи и Дипломатија, многу добро знаат дека во својата работа не можат и не смеат да се потпираат на некоја егзактност и константи туку комплексно да ги анализираат сите еволутивни променливости и трендови во актуелниот општествен контекст. Затоа со секој нов процес на градење и формулирање на својата „updated“ Надворешна Политика државата и нејзиното лидерство мора длабоко да го согледа и анализира влијанието на следниве три суштински фактори во дадениот временски момент:

Прво – Внатрешните карактеристики на државата (тип на уредување и раководење, ниво на економска развиеност, одбранбени капацитети, организациони стандарди на државата).

Второ – Актуелното меѓународно системско или регионално и глобално влијание, односно актуелниот меѓународен контекст, геостратегија и геополитика.

Трето – Индивидуално ниво на влијание или лични карактеристики на лидерите кои управуваат со државата (Токму на ова ниво на индивидуално влијание, двете соседни држави Македонија и Грција, се навистина „благословени“ што во овој историски контекст имаат четири екстраординарни лидери во улоги на Премиер и Министер за Надворешни Работи).

Оттаму, секоја и малку посериозна анализа на погоре наведените комплексни фактори на влијание, а во конкретниов контекст на оценување на квалитетот и содржината на постигнатата и потпишана меѓународна Спогодба – „Договор“ помеѓу двата соседи – Македонија и Грција, за мене неизбежно води кон заклучок дека е постигнат еден реално урамнотежен и оптимално корисен „Договор“ и за двете страни, за регионот, континентот Европа па и за глобалната развојна политика во актуелниве моменти од 21-от век. Директно споредување на делови од дефинираните решенија во „Договорот“ со решенија кои некои сметаат дека веќе сме ги имале или можеби сме можеле да ги постигнеме пред 7, 17 или 27 години, се најблаго речено несериозни или дилетантски. Креативноста и дипломатската „уметност на реално можното“ во понудените формулации реално решаваат проблематични прашања за кои „до вчера“ сите сметавме дека се практично нерешливи. Верувам дека овој „Договор“ претставува „role-model“ кој постави сосема нови, највисоки стандарди за дипломатски вештини неопходни во комплексниот процес на меѓународни преговори („The Art of Negotiations“).

Сите знаеме дека долготрајниот процес на разговори/преговори се водеше под целосно покровителство на ООН па и се финализираше со нивна „заверка“ на „Договорот“ со потпис на овластениот медијатор Амбасадорот Метју Нимиц како и со јасната поддршка лично од Лидерот Бр. 1 на најавторитетната Глобална Организација – Генералниот Секретар Антонио Гутереш. Но ова очигледно не значи ништо за некои пратеници кај нас кои индиректно го обвинија највисокото раководство на ООН за соучесништво во смислен притиок на „обљуба врз немоќно лице“ (Македонија!?), токму со нивното активно учество во создавање и продуцирање на овој „Договор“… ги обвинија дека „Договорот“ е во спротивност со „Повелбата на ООН“ кршејќи го правото на самоопределување и сувереност преку мешање во внатрешните работи на нашата држава. Алоо! Свесни ли сте дека ваквите трагикомични обвинувања ја претставуваат Организацијата на Обединетите Нации како некакво „глобално завереничко здружение“ !?? кое еве поддржува дури и ваква меѓународна Спогодба која е во суштинска спротивност со нивниот сопствен „Устав“, односно „Универзалната Декларација за Човекови Права“ (усвоена од Генералното Собрание во Декември 1948).

Искрено немам намера вака да спорам со неприкосновеното право на нивни лични ставови, но сепак ќе препорачам кога ќе споделуваат јавно свои мислења поврзани со класичното значење на поимот – суверенитет на државите и начелото за немешање во „внатрешните“ работи, сепак да проучат нешто повеќе за значењето и примената на термините „pooled sovereignty“ или „shared sovereignty“…

Содржината и суштинското значење на овој „Договор“, ги поздравија и поддржаа сите релевантни демократски држави од Европа и светот; Лидерството на меѓународните огранизации (НАТО и Европската Унија) како и интернационалната експертска јавност. Сите тие не охрабруваат да продолжиме по овој пат со нивна помош и да ги реализираме предвидените фази. Но за дел од нашето лидерство тоа како да не значи ништо. Тие како да се слепи и глуви. Селектирано ги регистрираат и коментираат само формулациите кои го подгреваат скептицизмот, параноичните стравови и вековни фрустрации кои несомнено сеуште постојат кај сите нас.

Искрено ги прашувам – Всушност од чија страна сте и за кого бре вие навивате!?

Во актуелниве моменти, продолжување со изјавите од типот на – „Јас сум за НАТО и ЕУ, ама сум ПРОТИВ овој „Договор“, се моронизам „par excellence“.

И за крај на овој текст, за да бидам целосно јасен – Сметам дека ратификацијата и целосната примена на овој Договор е уникатна „Once in a LIFETIME“ можност за иднината на нашата држава!!!

Колумна на Д-р Живко Груевски за Капитал.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ