Озлогласените

Бегството на Груевски покри сѐ- и референдумот, и амандманите, и исклучувањата, и судските процеси. Тоа ја покажа драматичноста на годините низ кои поминаа граѓаните за време на деспотизмот, колумна на Љупчо Поповски.

Просто е неверојатно како една мала инхибирана земја како Македонија може да апсорбира таква густина на настани во толку мал период. Кој веќе се сеќава на референдумот, на триумфалните восклици на опозициските лидери, на скиселените лица на владините претставници, на шокот со гласањето осумтемина вмровски пратеници за отворањето на Уставот, на самодекларираната катарза во ВМРО-ДПМНЕ, на нивните преки партиски судови кои инстантно ги исклучуваа оние што мислат поинаку, за ненадејниот кошмар во опозицијата… Тешко е веќе и да се набројува, а сето тоа за шест недели. Бегството на Никола Груевски покри сѐ – и политиката, и буџетот, и загадувањето, и мртвите кучиња, и уставните амандмани, и процесите на СЈО и судењето за 27 април… Бегството ги покри сите настани како што цвеќињата ги покриваат гробовите.

Тоа е извонреден доказ низ што се поминувала оваа држава од 2006 година до 2017. Тоа е извонреден доказ за чувствителноста на секој граѓанин на огромниот грабеж на народните пари, а потоа на сеќавањето на авторитарните години. Тоа е извонреден доказ дека граѓаните се гневни кога ќе ја видат неспособноста на неколку клучни институции во државата, кои се однесуваат како да се некаква аматерска театарска дружина во најчувствителниот судски случај од независноста досега. Тоа, исто така, е извонреден доказ дека ниеден политичар не може да има кредит кај јавноста повеќе од неколку месеци и дека треба постојано да се реинвентира. Тоа е извонреден доказ како владиниот труст на мозоци не успеал да ја предвиди епохалната ерупција на гнев и бес поради потфрлањето во работата што не смееше да се случи. Тоа е извонреден доказ како целиот систем може да се урне во едно попладне. Тоа е и доказ колку еден ден може да донесе разлика во работите, па она што изгледа невозможно да се поправи денес може да има поинаква перспектива утре.

Ова бегство на Груевски може да биде покриено само со една работа – тој да биде донесен во Скопје со лисици во рацете. А тоа во овој момент изгледа целосно невозможна работа.

Воени профитери

Во оваа атмосфера налик на воена зона појавувањето на воените профитери се случи со брзина на светлината. Со голема помош на некои медиумски куќи оние што со години беа џелати на демократијата и шампиони на корупцијата наеднаш се појавија како невини јагниња меѓу два процеси само за да биде задоволена желбата на некои кругови за тие да го искажат своето „големо разочарување“ од кукавичката и непатриотската постапка на нивниот донеодамнешен (а можеби и сегашен) гуру со единствена цел – да си помогнат себеси и да го искористат овој неочекуван дар кој треба да се зграпчи со двете раце. Тие се дел од редицата озлогласени, кои сега со прикриени крокодилски солзи се обидуваат да ја презентираат својата морална чистота и гранитната стаменост. Ова беше чуден момент на потклекнување на новинарството во потрагата по лажлив спектакл. Кој знае – можеби тоа беше резултат на фантастичната мистерија на бегството, можеби затоа што Македонија не се соочила долго време со таков европски спектакл на својата почва, можеби поради нешто друго.

Сеедно. Гордана Јанкулоска преку телевизиски десант исфрлајќи една парола за осуда на постапката на Груевски, си ги верглаше старите приказни дека секогаш работела според уставот и законот, нудејќи некои полуизвинувања за одредени постапки, но во основа тоа беше пистата на којашто таа се покажуваше за своевидна жртва. Миле Јанакиески откако го исфрли гневот врз Груевски, па отиде во притвор, испраќа патетични пораки преку адвокатите: „Ако имам сметка надвор од Македонија, потпишувам веднаш доживотна казна затвор“. Владимир Пешевски го повикува Груевски да се врател назад и дели задоцнета памет тврдејќи во телевизиско студио како почесен гостин дека ВМРО-ДПМНЕ забегало по затворањето на А1 телевизија, која била најсилен коректив на власта. Што нѐ смета нас Пешевски – дека сме малоумни! Па, тој влезе во кабинетот на Груевски во јули 2009 година, 18 месеци пред насилниот упад во А1 – телевизијата беше затворена во 2011, две години откако тој стана вицепремиер во таа забегана влада и на тоа место остана до 1 јуни 2017 година, па сега продава некакви гачки за кусите нозе на демократијата во чие водење учествувал и тој.

Но, наивноста која им беше овозможена да ја презентираат и да им се понуди прајм-тајм време на телевизиите, како тие всушност и не биле дел од еден авторитарен режим, имаше одреден ефект. Поранешните министри можат да бидат задоволни – барем малку успеаја да понудат дел од својата приказна дека и тие, всушност, биле злоупотребени кога ги извршувале највалканите работи на режимот. Уште недостига да биде направено интервју со Груевски па тој да раскажува за своите драми при бегството, за патувањето низ Албанија и Црна Гора, за сите шпионски мрежи, за ноќните авантури, па за конечното воздивнување кога стигнал на унгарска територија. Да видиме едно македонско издание на Борновиот идентитет.

Оваа листа на озлогласените не е мала, ниту може да биде целосна во овој момент. Ако се точни сите информации до овој момент, бегството на Никола Груевски е интелигентно осмислен план од суперпрофесионална разузнавачка заедница чиј еден центар е во Будимпешта, а останатите веројатно се на други меридијани. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ѝ придодаде уште еден слој боја на својата озлогласена фигура во европски рамки. Доколку се покаже дека е точно оти Груевски бил предаван како штафета од граница до граница на Балканот на унгарските служби, главниот шпионски штаб во Будимпешта може да биде задоволен за перфектно завршената операција. Но тие факти допрва можат да му отворат големи неволји на Орбан. Доколку се докаже дека унгарските служби го разнесувале Груевски од земја во земја, тоа ја поткопува целата приказна за македонскиот барател на азил поради тоа што имал смртни закани последните неколку денови. И да го поткопа уште повеќе разнишаното место на Орбан во европскиот клуб на слободни демократии.

Шпионски игри

Прашање е кога ќе се дознае кои се вистинските мотиви на Орбан да влезе во ваков ризик да му помогне на својот идеолошки побратим од Скопје. Благодарност за децениското пријателство? Можеби е така. Груевски тоа да го исплатил со сериозни пари? И тоа не е неможно. Целиот шпионски филм да е дел од една поголема игра во која македонските власти треба уште еднаш целосно да се растресат пред усвојувањето на уставните амандмани, ако е можно да падне и владата, па поради хаосот да не се реализира до напролет и влегувањето на Македонија во НАТО? И тоа не е исклучено. Да се поткопаат основите на демократијата во Македонија и левичарската влада? Тоа на некој начин се подразбира. Да му се овозможи на ВМРО-ДПМНЕ малку прочистено да влезе барем во кампањата за претседателските избори притоа срамежливо дистанцирајќи се од „заминувањето на Груевски“ (како што соопштија)? Тоа веќе почна да се тркала. Ако македонската полиција и контраразузнавачите биле недораснати да спречат ваква спектакуларна операција, ова извлекување треба да означи и победа над американската и европската разузнавачка заедница на Балканот. А тоа за унгарските служби не е мал успех, без оглед на подземните мотиви.

Во овие шпионски игри на врвот на озлогласените е лажниот јунак Никола Груевски. Неговото извлекување од Македонија не е како она драматично спасување на американските заложници во Иран, туку операција идентична на онаа во Украина од 2014 година, кога автократот од Кремљ го еваукираше диктаторот од Киев, Виктор Јанукович. Оваа операција покажа дека автократите имаат секогаш поблизок однос меѓу себе отколку демократските лидери. Тие го имаат истиот код, всушност секогаш има барем еден пар своевидни сијамски близнаци.

Никола Груевски во Будимпешта не може да размислува три чекори нанапред – за него најважното е да добие азил ако Орбан не потклекне под притисокот од многуте страни. Ако го помине тоа, тогаш ќе се соочи со ужасно непријатната ситуација на бегалец по кого има распишано меѓународна потерница. Префрлените пари по разни банки сигурно дека ќе му го олеснат егзилот, но нема да му го решат основното прашање – стравот. А со стравот, кој се храни со целосната недоверба на сите оние околу себе, деновите се претвораат во кошмар. За сите злодела што ги направи во Македонија и за парите што ги украде тој таков кошмар заслужува.

Во поинаков кошмар се најдоа премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Основната перцепција во јавноста е дека тие му дозволија да побегне од земјата на човекот кој за огромниот дел од населението беше олицетворение на криминалот и деспот без милост. Целосно е легитимно прашањето дали ова било дозволено или премолчено бегство. Ако се покаже дека одговорот е потврден поради некои политички калкулации, тоа ќе има ужасни последици за нивната партија на долг рок. Да не зборуваме за драматичниот пад на довербата во оваа власт. Тоа може за уште една декада да ги закопа перспективите на левицата во Македонија, па дури и да биде отфрлена на маргините.

Доколку аматеризмот во полицијата бил причина за ова бегство, последиците за нив се слични, но во некоја рака и поправливи. Заев треба брзо да сфати дека на листата на озлогласените тој е при самиот нејзин врв. Епохалниот успех што го направи со соборувањето на режимот веќе не е инфузијата што може да ги храни социјалдемократските ешалони. Сега е време кога треба да се владее, а за да може да опстане власта, треба понекогаш да се ослободиш и од своите блиски сојузници. Доколку Заев чека предолго да го проветри својот кабинет, а во Министерството за внатрешни работи да бидат направени смени поради огромниот скандал кој има последици врз целото општество, тој непоправливо ќе го загуби моментумот. А потоа ќе биде доцна за него, а и за партијата. Нека погледа само колку министри требаше да смени британската премиерка Тереза Меј и колку од нив сами си поднесоа оставки додека владата најпосле не го усвои договорот за „Брегзит“. Сочувствителноста и пријателството имаат мала врска кога си на врвот на власта. За да покаже дека тој ја контролира Владата, Заев мора да направи промени, за промените да не го зафатат него. А по Заев и партијата.

Институциите може и да научат нешто по оваа голема општествена траума. Лекцијата е едноставна – со калкулантски, половични, па дури и аматерски решенија не може да се оди напред. Секогаш има безброј советници кои сакаат да го сочуваат своето влијание, а и министри кои сакаат да останат на своите места. Но тоа не е политика од високо ниво, туку нешто слично како клуб на извидници. Заев имаше голема храброст да влезе во решение за името. Сега изгледа дека му треба поголема храброст да направи рез кој ќе му овозможи да допре до нова енергија. Ако веќе не се чувствува уморен за уште еден почеток.

Извор: ДВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e