Новичок казачок

Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:

-И викате, можеме ние дворот сами да си го исчистиме, а? Не треба никој од надвор да ни кажува што треба да правиме. Не ни требаат ни НАТО, ни ЕУ, сами ќе си ја средиме државата. Само треба да сме сложни, разумни, отворени за дебата, да го почитуваме мислењето на другиот, да владее правото… Да бе. Ептен. Видовме како можеме сами дворот да си го исчистиме. Пред некој ден во скопски Аеродром, каде што цела зграда беше евакуирана поради засмрдени пелени.

Ај што зградата беше евакуирана. Туку, на државните институции им требаа шест часа да откријат од каде доаѓа реата во влезот која штипела за очи и за грло. Прво, пожарните коли не можеа да пристапат од паркирани возила и столпчиња. Потоа, полицајци без маски влегуваа во влезот за да го откријат изворот на отровниот гас. Брзата помош стоеше на безбедна далечина чекајќи некој да се онесвести. Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов им правеше друштво на вознемирените станари и заедно со нив се чудеше што да прави. Градоначалникот на Аеродром Златко Марин не се ни појави.

И додека се ширеа теории дали Русите и нас нѐ нападнале како Британците со боен отров „новичок“, оти уште веднаш беше исклучена можноста некој да готви со многу лук, зградата ја нападнаа специјалните единици на АРМ за атомско, биолошко и хемиско оружје.

Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, кои треба да се први во вакви случаи, воопшто не дојдоа. А и да дојдеа ќе им беше џабе, оти немаат опрема за откривање гасови. Опрема има Државниот инспекторат за екологија, ама ни тие не дојдоа. Па шест часа подоцна, мораше да се покрене војската за да се утврди што мака имаат станарите во зградата.

И на крај, кога се утврди дека нападот со боен отров доаѓа од внатре, од стан во кој соседите со месеци складирале искористени пелени, станарите не веруваа, па градоначалникот Шилегов мораше да им пушта и видеоснимка за со свои очи да видат. Оти никој не им верува на институциите.

Само за илустрација што значат овие шест часа за откривање на пелени. На 26 јули 1963 година кога беше земјотресот во Скопје, војската излезе на улица и спасуваше луѓе само половина час по катастрофата. Сите што се родени после 1990-тите веројатно не можат ни да замислат таков степен на ефикасност на државата.

Е, толку од способноста на државата Македонија. А сега малку и за македонштината што излезе на виделина во овој случај.

Станарите се однесувале типично македонски. Над дваесет години знаат за проблемот со комшијата, ама не преземаат акција. „Што па сега јас ќе се јавувам? Друг нека се јави. Ај ќути си, не се мешај“. Плус, цело време се жалат. Има ли помакедонско однесување од тоа? И озборуваат: „Што имаме едни комшии на втори кат, па, па па…“ Или фаќаат сеир: „Греота се луѓето…“ Ама, никој не се нафаќа да помогне. Или барем да се јави во институција што може да помогне. Оти пак доаѓаме до она: Што не се јави некој друг? Оти нели ние како Македонци сме многу фини, топли луѓе, срдечни, гостопримливи…

Еден случај со смрдеа во зграда покажа како Македонија како држава опстојува сама. И какви сме ние. Исплашени, нетолерантни и неодговорни. И чекаме проблемот сам од себе да се реши. Или да дојде некој друг да ни го реши. За да може пак маана да му најдеме.

Целата колумна на СДК на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e