Нема време за толеранција

Ме застанува на улица една фина госпоѓа и вели: ви ги читам текстовите и главно се согласувам со нив, ама престрог сте, треба малку толеранција! За жал, велам, ние време за толеранција – немаме. Часовникот ни отчукува со фантазмагорична брзина, со секоја измината секунда иднината ни се троши низ прстите. А впрочем, со кого да бидеме толерантни?

Без сомнение, само тој кој е директно вклучен, односно непосредно раководи со реформските процеси во оваа и ваква држава, може компетентно да одлучи кои потези се приоритетни, кои можат да почекаат, што е најбитно а што второ по важност итн. Во таа и таква насока, но и во насоката од насловот, се обидувам да ја „читам“ пораката на премиерот за македонската јавна администрација, тоест неговото експлицитно зафаќање (и) со овој (нај)горлив проблем во македонската држава. Или можеби сепак не е – најгорлив? Не знам, човек треба да верува во судот на оние кои се директно инволвирани во процесите, ама и „поглед од страна“ – односно систематско набљудување во континуитет од една деценија – не е немеродавен во таа насока. И тука отворено можам да се понудам себеси како таков (не само) „набљудувач“ кому оваа и ваква администрација, или бирократија, како подобра варијанта на поимот, му врзувала разноразни чворови речиси од самиот старт. И тоа со лаги, со интриги, со подметнувања, со дисквалификации, со игнорирање … кои продолжуваат и денес, само сега во режија на македонските аналогруевисти односно (веќе во цел свет) познатите презерватив-медиуми, по некое културно гнидиче и такви слични гадинки. Но, да речеме дека личните искуства не се некаков особено важен репер, ама кога тие „лични искуства“ ќе се помножат по еден голем процент од преостанатиот број на жители во Македонија кои, барем еднаш во изминатата деценија имале близок контакт со оваа администрација, тогаш мислам дека тие „лични искуства“ се трансформираат во колективно искуство кое што не е за потценување.

Она што ветува е јавната (и прилично „тврда“, но таква и треба да биде!) изјава на премиерот за неспособната, неуката, тупавата македонска администрација и неговото застанување на чело на Советот за реформи во таа и таква јавна администрација. Велам – ветува, иако, според многумина, се пропуштија цели осум-девет месеци. Но, повторно, тоа е прашање на приоритетите и на оние кои гледаат некоја / некаква поголема слика од нас. А сепак, ако една Влада се нарекува себеси реформска, таа нема да може да се приближи ни до буквата „р“ од реформите со овие стопетшеесет илјади полуписмени будалетинки кои седат во зиме стоплени а в лете разладени канцеларии, примаат прилично солидни плати – особено оние кои се вивнале до партискиот административниот статус наречен државен советник – и, велат, забарикадирани се со цел куп законски ќебиња и јоргани, за да не им пристуди односно свежиот бран на новодојдените „комуњари“ да не може ни настинка да им донесе! Премиерот тоа го искажа преку споредбата со бетонирањето, што е можеби посоодветно, ама, би рекол, и за армиранобетонските конструкции човекот измислил соодветни направи, таканеречни хилти, или дури ласерски секачи, кои што низ бетонот поминуваат како низ путер. Но, проблем е желбата / волјата, како што впрочем беше проблем и отстранувањето на споменикот на оној манијак од пред зградите на судовите, за кој што исто така се велеше дека е така забетониран што е речиси невозможно да се отстрани. Се покажа дека се’ е отстранливо, со соодветна стручност и алатки, се разбира! Така ќе биде и со оваа апсолутно партиска администрација. Тоа, очигледно, беше само прашање на време, и можеби приоритети, но сега се покажува дека со нив реформската композиција вози со постојано дигната рачна кочница! И не мрднува ни педа во посакуваната иднина.

Ако пак некој мисли дека реформи може да има без стручна и компетентна администрација, односно со оваа полуписмена партиска булумента – нека повели. „Резултатите“ бргу ќе бидат видливи. Тоа е исто како кога се обидуваат да градат нов медиумски простор, ама со истите медиуми и аналогнидите во нив. Или – нова култура, ама со старите некултурни „кадри“! Ако има таков тип на толеранција, реформи ќе нема. И тогаш џабе го влечкаат малоно фирерче по судови зашто тоа константно ќе победува. Дури и кога ќе биде таму каде што му е местото, ако биде, неговата администрација ќе владее со државата. Како сега! Оттука, адресирањето на вистинскиот проблем од страна на премиерот упатува на некаква подготвеност за справување со веројатно најголемата пречка на патот на реформите. И не мислам дека овие сегашниве се баш сите закоравени / тврдокорни глави кои гледаат само како беља да направат. Веројатно во пребукираните државни органи и институции има и такви кои би биле кооперативни. Ама што фајда ако станува збор за тотално стручно неупотреблив кадар? А оваа „администрација“ е токму таква и тоа го знае цела држава.

Од друга страна, ако законите ги бетонирале, ќе ги одбетонира нивната нестручност и некомпетентност. А тоа (нај)лесно се утврдува. Дајте им само да напишат два-три извештаи за тоа што и како сработиле во изминатите неколку години, плус побарајте им мислење за идниот развој во дејноста за која што, нели, тие се „стручни“. И тогаш се’ станува јасно, гледате со кого имате работа, евидентно е дека станува збор за партиски трупци редени во министерствата и агенциите според мерилото на глупоста и партискиот статус (што поглуп, тоа повисок статус и поголема плата!). И тоа мора да биде прифатливо на секој суд, па и на овие македонскиве. Зашто ако државниот советник само седел и клател врата, не сработил ништо и, што е уште пострашно, нема појма што треба да сработи, тогаш за каква стручност и компетентност станува збор? И за какви екпсерти во одделни дејности станува збор, кога тие не ги знаат ни почетните букви во дејноста за која што треба да бидат (нај)стручни? Или, ако, на пример, Министерството за култура во 2006 година имало околу 60 (какви-такви) вработени кои (како-така) ги реализирале основните дејности на тој орган, тогаш што денес прават оние 160 вработени, со горе-долу истиот делокруг на работа на тој државен орган? И ако истиот систем го спрострете во целата култура, каде што во изминативе години се нововработени околу илјада луѓе, за каква тогаш култура можете да говорите?

А впрочем, во која нормална држава некој преговара, или толерира, неспособна, нестручна, партизирана и клиентелистички ориентирана администрација?

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e