Не сме имале поголема причина да се чувствуваме важно и достоинствено

Договорот влегува во историјата на Македонија како Ен Хатавеј во креветот на Ристо Никовски или Џорџ Клуни во постелата на Кара Ками Шева. Со сета почит кон лепотата на Ристета наш и на Тањичка, јас сум сигурен дека Клуни и Ен попрво би се убиле. Тоа е, драги мои. На моменти ми доаѓа да мислам дека и Македонија не заслужува ваква привилегија.

Но, еве, гледате дека Договорот со Грција не е таква нестварна фантастика, туку фантастична реалност, врв во државотворната и национална реализација на една заедница, на сите граѓани. Само поради отпорите на неукоста, некултурата, просташтвото и дивјаштвото, инспирирани и раководени во своите изливи од злосторничката организација на вмро-дпмне, ќе кажам- на македонскиот народ посебно, како единствено и, можеби, неповторливо остварување на линијата на политичкиот и национален опстој и перспективи, според светските, а не според фолклорните стандарди на локалната заедница. Поголема смисла имаат критиките дека вртењето на земјината топка со својот едноличен ритам многу негативно влијае врз националниот карактер на Македонците, дека ги прави мрзливи, тупави и глупави, отколку забелешките дека Договорот за името ќе ги обезличи како нација.

Ова кокошкарско требење по одредбите на договорот и меѓу редовите на текстот, со страста на перачите на речното злато, покажува дека Македонецот ќе си ја однесе способноста да ја открива својата несреќа дури и во рајот. Се надевам не и неспособноста за комплексни анализи, за проучувања кои ќе го респектираат контекстот, историски, геополитички и друг, односот на силите, односот на бенефитите и губитоците, алтернативите, анализи кои се тоа по тоа што се темелат на рационаноста односно ги потиснуваат емотивностите и особено глупостите. Среќа што носителите на вакви резони и поведенија се малцинство.

Капиталната вредност на овој документ за мене е тоа што обезбедува дистанцирање на Македонија од самата себе преку засилување на интегративните процеси со Европската унија и со НАТО и преку почетокот на разбивањето на патетичната слика за себе и за своето македонство, така драматично во судир со вистините и реалностите. Таа дистанца не само што нема да го обезличи Македонецот туку, како што убаво рекол Дерида, ќе го субјективизира, ќе го факторизира. И, не на крај, овој кенгурски скок ќе ги подистресе од телото на Македонија вмронските и други простачки гниди, вошки и крлежи или ќе ги еволуира во други, понапредни животни. Глупоста во политиката ќе остане да не следи секогаш, но не со овие нестварни капацитети и релативни моќи. Тоа е вистински однос кон тоа што крајно сомнително го викаме идентитетот, а не затворањето на локаните стравови во тегли за ајвар. Како ќе се вика МАНУ, што значело Норд, што ќе пишувало во графата националност во пасошите, не дали со пасошите ќе може да се патува низ светот. Таквиот однос се вика хистерија и општа психоза. Тој фен на лудоста од денеска ќе го намалиме на единица, а ако треба ќе го намалиме и на нула пет за да победиме на референдумот со осудесет и пет отсто.

Политичкиот спектакл во Преспа во присуство на толку високи претставници на меѓународната заедница, многу убедливо го покажува значењето на договорот со Грција. Ова манифестација на солидарноста ја издигнува релативната важност на Македонија на ниво за какво што до денеска можевме само да сонуваме. Овој собир покажува дека проблемот со името не беше само проблем мегу Грција и Македонија туку и сериозен проблем на европската надворешна политика и на западната безбедност и интеграција.
Не паметам кога Македонија имала поголема причина да се чувствува важна и достоинствена, европска и светска.

Најголемо можно признание за Заев и за неговата екипа, пред сите Димитров, Османи и Шекеринска. За храброста, визијата и концептот кој ги доведе до ова решение. Признание и за премиерот Ципрас и неговиот министер Коѕијас, за Грција. Ние во Македонија ќе ја обновиме иницијативата за доделување на Нобеловата награда за мир на двајцата премиери, работа што на почетокот на годинава ја прекинавме поради чувствителноста на преговарачкиот процес. Иницијативата на Едгар Џозев не охрабрува во таа насока.Благодарност до меѓународната заедница, без чија помош немаше да стигнеме до тука. Се плашам дека ќе испуштам некое име, но , еве Нимиц, Хан, Могерини, Бејли, Хојт Ји, Меркел, Меј, Јункер, Туск, Борисов, САД и Европската унија, се разбира Обединетите нации и многу други личности организации и држави.

Бранко Тричковски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e