Македонија се ослободува од себе

Седнав да правам ранг листа на најголемите заеби на човековата лекомисленост. Состојби на умот од кои луѓето останувале со празни џебови, насамарени и смешни, а оние што благовремено ја почувствувале шансата во менталните дупки на хората, се збогатувале преку ноќ и преку секоја мерка.

Прв на таа топ листа е стомакелиминаторот. Тоа беше една справичка од три или четири метални федери, педали за стопалата и рачка за рацете. Требаше да седнете во вашата спална или дневна соба, да го ставите нозете во педалите и со рачаката да ги истегнувате федерите, обидувајки се да легнете совладувајки го нивниот отпор. Во упатството се наведуваше дека со десетина минути вежбање секој ден, човекот не останува без стомак, како што може да се помисли од називот на изумот, туку без вишокот сало околу половината. Некој белградски мангуп беше тргнал од некаква гаража и на крилјата на сејугословенската хистерија, успеа да направи огромна фабрика за стомакелиминатори и огромно конто што не можеше да му го собере во цела тогашна Југобанка. Дваесет милиони Југословени секој ден чекаа во редови во поштите за да го подигнат својот стомакелиминатор. Справата, имено, се добиваше и се плаќаше по пошта. Поштите немаа доболно капацитети да ја разнесат сета таа железарија. Се разбира, освен најупорните, никој не вежбаше повеќе од триесет секунди. Стомакелиминаторите речиси веднаш завршуваа под креветите на надобудните.

Втор на мојата листа е сандакот за длабоко замрзнување. Луѓе мои, која хистерија беше тоа. Семејството кое немаше сандак за длабоко замрзнување поголем од 200 литри, се сметаше за недоволно цивилизирано. Најпрестижни беа оние од 500 литри. Луѓето одеа во Генерал Јанковиќ да купуваат телешко месо. По триесет или дури педесет килограми купуваа. Море цели телиња се носеа во Скопје и, бап, во тоа сандакот. Потоа одеа во Македонска каменица, таму свињите беа најдобри. Плус полутките што ги носеше синдикатот. По скопските села одеа во лов на екококи, оние жолтеникавите што требат по гумната и дворовите и се хранат со природна храна. И сето тоа заедно со сомчиња од Вардар и крапови од Дојран, се редеше во тие сандаци кои во некои мали станчиња зафаќаа по една третина од вкупната површина. Луѓето земаа кредити за да го финансираат својот идиотизам. На бели ливчиња домаќинките пишуваа што е што во сандакот. Често се јавуваа сериозен проблеми зашто овој што ставал во сандакот ќе заборавеше кај му е кокошката, па мораше да копа по тоа мразот. Што да ви раскажувам.

Третото место убедливо му припаѓа на ВМРО-ДПМНЕ. На луѓето им се виде мало оваа слатко државиче, па посакаа, кога е веќе од три дела, да ја видат цела, Солун да ни биде главен град, а Олимп јужна граница. На исток да се распостелеме до пред Софија. Во минатото до Александар, а во иднината до центарот на рајот. Во проектот имаше машини за правење на сапун од Албанците и ималин од Циганите. Македонија беше проектирана во минатото како центар кој не само што го описменил светот, туку и го создал. И тргнаа избори, победи, унии на жени, млади сили, ветерани и што ли уште не, на чело со една будала што сега е банкарски службеник од Будимпешта. ВМРО-ДПМНЕ беше мозокелиминатор за Македонците.

Драги пријатели, по добрите вести од Атина, еве и една од Скопје:

На 29 јануари, со почеток во 19 часот, во Кино култура ќе се одржи промоција на новата книга мои колумни.
“Ослободување од Македонија” е насловот на книгата во која на 650 страници (бабачко книга), се поместени текстови што се објавувани во “Слободен печат” од ноември 2016 до декември 2018 и потоа преобјавувани во бројни други медиуми.

Книгата, на мое големо задоволство и чест, ќе ја промовираат професорката Беса Арифи, професорот Љубомир Данаилов Фрчковски и Златко Теодосиевски, колумнист и ликовен критичар.

По изгласувањето на уставните амандмани, и промената на името на државата во Република Северна Македонија, ова е убедливо најважниот настан во првата половина на 2019 година, затоа, дотерајте си го распоредот и повелете на еден убав настан и фино дружење.

Се заебавам, нормално. Кај може промоцијата на една книга да се мери по важност со прес конференцијата на Јанушев или со појавата на Христијан Мицковски во фирматот на надојдениот Вардар. Или со изјавата на Александар Николовски по првото рочиште по тужбата од страна на Вице Заев по која му се заканува глоба од 500 евра. Фино рече човекот: ако му дшло на Вицето до 500 евра нека му се алал. Сакаше да каже дека глоба што за него би значела макар мал губиток, да има сила да го очеша сосема тенко неговото конто, не би смеела да биде помала од неколку милиони евра. Или со појавата на оној портпарол кој ми личи на ривалот на Попај за љубовта на Олива.

Навистина, што има во вкава конкуренција да бара една книга.

Но, можеби не е сосема без шанси. Мислам книгата. Затоа што книгата се занимава со растурање на формите како ограничувачки фактор на животот. По системот на Гомбрович, се разбира. На сите форми, културата, религијата, нацијата…. Особено на нацијата како надформа во која влегуваат и културата и религијата и некои други форми. Не убивање на формата, зашто без форма нема ништо, туку пресоздавање премавнување, преформатирање на формата. Како начин на освојување на нови простори на слободата и допирање до нови, виши критериуми и стандарди.

Со уставните амандмани, со Законот за јазиците, со Договорот со Бугарија, се прават многу сериозни напори во таа смисла, но се уште сме многу далеку од освојување на таа нова филозофија на саморазбирањето и на животот внатре. Институциите немаат капациети да ја разберат сета деликатност, драматичност и неопходност од тие промени, особено во културата и во образованието, но овој надворешниот блок полека ги покренува работите и на внатрешен план. Македонија се ослободува од себе. Тоа е несопирлив процес.

Бранко Тричковски

(Колумна во “Слободен печат)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e