Македонија нема да дозволи „црногорско сценарио“

Постои ли опасност Македонија да се соочи со т.н. „црногорско сценарио“, кое според искуството на таа земја стана синоним за опасни руски обиди со цел попречување на проширувањето на НАТО во Западен Балкан? Стравувањaтa дека Москва ќе се обиде да го попречи спроведувањето на Договорот меѓу Скопје и Атина, а со тоа и членството на Македонија во НАТО, се засилија откако грчки медиуми објавија дека Атина ја информирала Москва оти ќе протера двајца руски дипломати, а на двајца цивили ќе им забрани влез во земјата. За грчките намери Русија била информирана на 6-ти јули, а како причина биле наведени нелегални активности, од кои дел насочени против Договорот со Македонија.

Веќе извесно време испраќаме предупредувања до руските власти за акциите на тие четири лица – дипломати и цивили. Во минатиот петок прашањето беше официјално покренато, и даден им е и разумен рок од неколку дена да ја напуштат земјата“, изјавил дипломатски извор за грчки медиуми.

Неофицијално, посочените лица работеле на прибирање информации важни за националната безбедност на Грција, на обиди во практика да се блокира спроведувањето на Договорот со Македонија, на поткупување државни функционери, митрополити, градоначалници и други функционери во Северна Грција, како и на финансирање на протестите „за грчкиот карактер на Македонија“.

Чин кој говори многу

Истиот ден кога Македонија доби покана за пристапни преговори за членство во Алијансата, веста за протерувањето на руските дипломати одекна во грчката, но и во домашната јавност.  Поранешниот македонски амбасадор и министер за надворешни работи, Денко Малески, смета дека „чинот на Атина е доказ дека уште со потпишувањето на Договорот веќе сме станале сојузници со Грција“.

„Тоа е потврда и на сериозноста на намерите на целата Алијанса Македонија да се интегрира во НАТО, и решени се да не се дозволи да се растури целиот овој аранжман“, смета Малески.

Постапката добива уште поголемо значење, ако се има предвид дека Грција не протера руски дипломат во март годинава, кога во знак на протест против „случајот Скрипал“ тоа го направија 25 земји.

„Ако за ‘случајот Скрипал’ не реагираа, сега реагираат директно за нешто што ги засега нивните, но и безбeдносните интереси во регионот. Посилен пример како да не е можен. Очигледно, одлучни се да ја сочуваат оваа придобивка од потпишувањето на Договорот со Македонија. Тој потпис на Договорот како да наговестува дека на Грција ѝ е доверена токму таква улога – грижа за регионалната безбедност, гледано од позициите на западниот сојуз во контекст на руските закани. Но, композицијата е веќе тргната. НАТО и ЕУ се обединија, тие договорот веќе го нарекоа ‘историски’, а тоа се силни сигнали до Русија дека нема отстапување од процесот“, оценува Малески.

Тој не очекува поотворена конфронтација на Русија околу Македонија, бидејќи смета дека за Москва ова прашање не е толку важно во споредба со последиците што таа би ги имала од нарушување на односите со Западот.

„Јавно нема да се конфронтира, можеби ќе има ситни провокации и работа на домашните служби е да справат со нив, но во секој случај треба да бидеме внимателни“, порачува амбасадорот.

Дел од домашните аналитичари сметаат дека на тој „фронт“  Москва како оружје ќе користи лажни вести, провокации, поттикнување на протести и меѓуетнички инциденти.

Заев: Нема да дозволиме да се преминат границите!

Потегот на Атина го коментираше и премиерот Заев вчера во Брисел, одговарајќи на прашање на „Нова“.

„Секоја земја би реагирала на ист начин ако некој дипломат се однесува надвор од дипломатските и меѓународните стандарди. Македонија веќе еднаш реагираше, затоа што тоа е недозволиво. Тоа може да има влијание и реперкусии што би биле неповратни. Затоа и Грција така реагираше. Грција и грчкиот народ сакаат да успее овој Договор. Не е добро со нечесни средства, надвор од вообичаените, да се уништи оваа иднина која е насочена кон градење пријателство. Слушнав дека има одредено влијание и во делот на Црквата. Сето тоа влијае на градењето на пријателство, на мирот и стабилноста и мораме да кажеме дека ги разбираме ваквите чекори од грчка страна“, изјави Заев.

На прашањето дали и во Македонија сѐ уште има слични активности, Заев изјавил дека има, но оти нема да се дозволи да бидат преминати дозволените граници.

„Порано имаше непријателски насочени активности, надвор од дозволеното. Сега чувствуваме дека ги има во тоа што се случува со дел од протестите и кај медиумската реторика. Тоа е премногу видливо и се гледа од каде доаѓа. Нема да дозволиме да се преминат границите, затоа што должност на секоја влада е да го обезбеди она што граѓаните го очекуваат а тоа е исполнувањето на нашите стратегиски цели за членство во НАТО и ЕУ“, изјавил премиерот.

Веста се најде во голем број светски медиуми, а се коментира од политичари и на социјалните мрежи.

„Интересно. Грција протерува руски дипломати зашто им се мешале во домашните работи, наводно и за проблемот со името Македонија“, напиша на Твитер Карл Билт, копретседавач на институтот Европски совет за надворешни односи.

Опозициите незадоволни

И додека сите го поздравуваат Договорот меѓу Скопје и Атина и поканата до Македонија, за членство во НАТО, незадоволни се единствено најголемите опозициски партии во Македонија и Грција.

„Македонија не доби ниту безусловна покана за НАТО, ниту датум за почеток на преговори со ЕУ“, оцени вчера ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонија не доби аплаузи, денеска Македонија доби шамари. Токму затоа, како прв чекор на власта е оставка на Никола Димитров кој што заедно со Зоран Заев ја донесоа државата во ќорсокак“, порача партијата.

„Јас очекувам и претседателот Христијан Мицкоски да биде среќен, а и цело ВМРО-ДПМНЕ, како што јас сум радосен, и целиот СДСМ“, изјави Заев во Брисел.

„Тоа е заедничка цел. И тие многу работеле во минатото, и сите други поранешни влади. Ова не е затоа што ние сега го завршивме. Можеби нам ни се падна честа да ја завршиме работата, но сите се заслужни за придобивките од полноправо членство во НАТО, кое веќе ни е на дофат. И секако датумот за почеток на преговори со ЕУ“, изјави Заев.

И неговиот грчки колега, Алексис Ципрас, е соочен со критики. Лидерот на опозициската „Нова Демократија“, Киријакос Мицотакис, ја обвини грчката влада дека се откажала од „најсилниот адут“ во спорот за името.

„Пред три недели во Преспа, премиерот Алексис Ципрас и министерот за одбрана, Панос Каменос, ја признаа наводната македонска националност и македонски јазик. Тоа се случи наспроти тоталното противење на граѓаните. Водеме битка во парламентот за да спречиме таков развој на настаните и предупредувавме на негативните последици што ќе произлезат од тоа многу брзо“, изјави Мицотакис. Тој потенцира дека Ципрас и Каменос токму со тој Договор сега ѝ ја отвориле на БЈРМ вратата во Брисел.

„Со тоа се окажаа од најсилниот грчки адут кој беше официјална линија на нашата политика повеќе од 27 години“, обвини Мицотакис.

Извор: Дв

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e