Македонија може да преживее само ако умре!

Често ми се случува да сретнам наши елементи во врвните дострели на човековиот дух. Како да сме некоја жаба врз која светот го проверува статичкиот електрицитет на историјата или моќта на гравитациските бранови врз предметите што паѓаат!

Пасивен фактор, но, сепак, фактор…

Тоа што денеска не збунува, тоа не е ова или она проблематика, тоа е, така да се изразам, растворувањето на проблематиката во човечката маса, нејзиното уништување под дејство на луѓето.

Гомбрович имал, се разбира, други маки и проекции, но ние сме како пеперутка која радосно влегува во корпичката на неговите тези.

Не не фаќа Гомбрович нас, туку ние го фаќаме неговиот став и објавуваме дека е така како што вика славниот писател.

Никој не ја уништува проблематиката подобро од луѓето во Македонија.

Пред многу години Бразилците ја уништуваа така што не и обрнуваа внимание, не ги ебеа проблемите, не ги третираа достојни на своето внимание и време, а ние сме први кои проблематиката ја уништуваме со активен однос, ние сме првите кои работиме на тоа проблемите да не ги решаваме, зашто тие се нашиот идентитет и тоа во најповолната варијанта за нас, во варијантата која и дава смисла, деструктивна смисла, но, сепак, смисла, на нашите животи, ние ја замочуваме проблематика како Кокошка.

И ја изложуваме како врвен акварел!

Хахаха!

Не се заебавам.

Одиме по ред.

Не би рекол дека нема резултати во разградувањето на груевистичкиот вмровизам и на вмровизмот како општо зло. Не би рекол ниту дека тие резултати се скромни. Обратно, мислам дека под мирната површина на морето се одвиваат промени во суштината на македонскиот сетинг, на формулата што одбравме да ја конструираме врз старата вмровска и комунистичка шасија. Тоа што промените не се спектакуларни, не значи дека се безначајни.

Но, синапсите кои ни се врзуваат во клупче, испраќаат чувства дека се усеруваме!

Еве ги скиците на моите одговори:

Кон таквата перцепција на работите најмногу придонесуваат неверојатните резултати во разградувањето на шарената револуција и на другите форми и субјекти на антифашистичкиот отпор, прво и, второ, во испумпувањето на неверојатната и веројатно неповторливата општествена енергија за радикални, во смисла на упристојувачки и нормализирачки, модернизирачки, со други зборови, промени, пошироки и подлабоки отколу што сега ги гледаме во тонењето на груевизмот!

Дали можеби претерувам!?

Секоја револуција, порано или подоцна, ги јаде не само своите деца, туку и своите идеали, но не се сеќавам дека некоја општествено-политичка промена од рангот на кој инсистираше македонската битка за слобода и правда, за вака кратко време ја има потрошено безмалку сета општествена страст, го има урнисано новиот идентитет на луѓето, нивните илузии во праведната ствар, слободољубивоста и правдољубивоста на луѓето кои се беа обединиле во борбата за подобро утре. Не можам да се сетам на друг пример на вакво симнување на ѕвездите во калта на дневните свињарии во кои се претворија таканаречените работни места, да им го начукам у местата, и трката по некоја пара над вредноста и трудот.

Во срамен грабеж, макар што српскиот збор отимачина ми е поадекватен за дејствата на стоката што официјално е регистрирана во Собранието за општа пљачка на Република Македонија.

Централното прашање е зошто новата власт ја разори идејната и материјалната сила на своето постоење?

Одговорот се наоѓа во самото прашање, макар што имам одредени резерви затоа што таа теза имплицира идејни и доктринарни поткованости кои се многу над оние со кои располагаат во владејачката елита.

Шарената револуција, сватена во малку поширок смисол, односно како општонародно востание против злото на исчезнувањето, се форматираше како резервоар на страста, паметта, умот и енергијата, како супериорна категорија во релативна, па и во апсолутна смисла, како елемент кој растеше во субјект кој може да ги загрози позициите на стерилните апаратчици од сдсм, дури и на сдсм како политичка формација. Се случи така што таа супериорност ја избра партијата за политички артикулатор на своите интереси, а сдсм ја избра шарената револуција и општонародниот отпор за главна материјална сила, ќе се покаже, не на револуцијата, туку на симнувањето на злоторниците на вмро-дпмне од власт.

Тоа што денеска го регистрираме како разочарување, доаѓа од уништената основа и сила што таканаречените социјалдемократи ги доведе на власт, од разградената структура и идеја и доктрина, и од тоа што овие што ја уништија ја сотреа како опасност за себе во еден неверојатен пресврт што е можен само во крајно сиромашен и ограничен свет. Еден дел од надежта на Македонија е вовлечен во власта и е благо или помалку благо корумпиран, втор дел е маргинализиран и раскурцан, а третото паче е деморализирано и фрлено во очај. Тоа што се прават преливи, не само кадровски, со репрезенти на стариот режим, тоа не е само поради роднинските и други врски во оваа инцестуозна земја, туку е во функција на деморализирање на последните пресвртни и спасителни елементи во македонското општество.

Има и еден друг аспект: политичката акцептажа на луѓето од движењето на отпорот и на нивните идеи во малку подлабока смисла, ќе претставуваше опасност за одредени етаблирани структури, идентитети и интереси и, второ, ќе ја внесеше Македонија во зоната на возбудливи и драматични, во одредена степен и опасни процеси, со не докрај предвидливи консеквенци.

Сега имаме што!?

ВМРО-ДПМНЕ е во аут. Мене ми личат на диксии кои се обидуваат да преживеат во криминланото милје по поразот на Југот во граѓанската војна во САД, теми што сме ги гледале во бројни филмови. Со тоа што нашиве остатоци имаат само една смисла на своето постоење: законот за амнестија. Со таквата понуда и новото раководство се потврдува како криминално дувло кое политиката ја разбира само како поле за пљачкашки натпревар.

Но, и СДСМ е аут. И тие немаат време за некаква идејна и политичка работа која не е непосредно сврзана со бербата на плодовите од освоената власт. Престанаа или значајно оретчија, ретко глупавите соопштенија за се и сешто, тие неписмени траги дека од таквата ментална политичка и општа култура, може да се очекува повеќе од тоа што таа го испорачува денеска.

По комунизмот односно социјализмот, искомпромитиран е и убиен и вмровизмот, како некаква општествена вертикала.

Собранието отсекогаш било обична потемкинова кулиса, но денеска не е ниту тоа, туку е една голема каса исплати институција, испразнета од секаква друга смисла.

Прашање е во каков капацитет е и владата како извршен орган кој управува со општите работи, ако ни најдобронамерните не можат да видат која е проекцијата, која е идејата, кај сме тргнале да одиме, какво општество имаме и какво сакаме да оставиме таму кај што сме тргнале.

Имаме само поединци кои имаат овластувања да алоцираат средства, да даваат лево и десно пари, да вработуваат и се викаат власт.

И го имаме Заев.

Посебна личност, многу посебна.

Тој ги врзува за себе клучните надежи и одговорности.

Да немаме никакви илузии околу тоа кој ќе ги бере признанијата и кој ќе го јаде стапот.

И ја имаме надежта, последната надеж дека ќе останеме во времето, тоа е влезот во НАТО преку решевање на сите спорни прашања со соседите, поаѓајки од ставот дека ние сме главен фактор во тие спорови, дека ние сме спорот, дека ние сме проблемот, односно дека решавајки го проблемот се решаваме себе си.

Имаме апсурдна ситуација која во својата апсурдност може да има и позитивни набои. Уништени се последните утврди на отпорот за што било, тоа создава одредено озрачување на стабилност, шуплината и празнината, ништото, можат да бидат и елемент на стабилноста, хахаха, можеби може да се каже дека единствената шанса да преживееме е прво да бидеме убиени. Да умреме како мушички на ветробранското стакло на историјата. Може да се каже дека вториот услов е исполнет, е, сега, дали ќе преживееме останува да се види.

Колумната на Бранко Тричковски е објавена во “Слободен печат”

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e