Со лага против вистината

Начинот на практикување на власта и партиско-политичките конфронтации во Македонија веќе подолго време ги туркаat медиумите во шизофренична состојба. Oпасностa за квалитетот на јавната дебата и за градењето на јавното мислење секогаш се зголемува кога новинарите својата улога ја гледаат како учесници кои даваат важен придонес во решавањето или пак заострувањето на конфликтот во општеството. Ова второво многу повеќе и на подиректен начин паѓа во очи. Или како што во овој контекст забележа некој аналитичар, Доналд Трамп може секој ден, од понеделник до петок, да изнесува лаги за „Њујорк тајмс“, но тоа никогаш не треба да предизвика контраефект што би значел дека „Њујорк тајмс“ во петок ќе се занимава со пласирање лаги за Трамп. Противлек во борбата против лажни “фејк“ вести не е да се одговори со уште повеќе „фејк“.

ivica celikovic

Главната уредничка на ТВ Нова се става во улога на портпарол на владејачката партија и дели политички оценки и квалификативи за лидерот на опозицијата. Објективноста во толкувањето на фактите и во информирањето на јавноста свесно се истиснуваат од доминантниот медиумски дискурс при што самиот медиум станува заробен во цврст клиентелистички однос кон власта. Уредничката на ТВ Нова, за жал, е само еден од многуте очигледни примери, и уште полоши и подрастични, кога станува збор за едностраното информирање и злоупотреба на македонските медиуми за партиски цели и фаворизирање на дневно-политичките интереси на носителите на власта.

Стара вистина е дека улогата на медиумите не е да водат политика туку да ги информираат граѓаните за тие полесно да можат да ја сфатат рационалноста во политичките одлуки. Со други зборови, секако дека кој било медиум може да се повикува на откривање на лагите на Трамп, но едновремено треба да се заложи и за напоредно откривање на невистините што за Трамп ги изнесуваат неговите противници. Македонските провладини телевизиски канали со своите дебатни емисии, во кои постојано учествуваат речиси само приврзаниците на власта, постојано ја оцрнуваат и сатанизираат опозицијата и ја прогласуваат за главен виновник за “неправедно“ темната слика за Македонија во светот, а едновремено ги обвинувуваат покритички настроените медиуми кон власта за нивна блискост и аполегетски пристап кон политиката и промените за кои се залага опозицијата. Во такви околности многумина граѓани, медиумски консументи, во Македонија и можеби уште повеќе во дијаспората, без никаква критичка дистанца голтаат буквално сè од информативното мени без воопшто да се запрашаат каква е веродостојноста која извира од кујните што им го нудат медиумскиот производ. Граѓаните едноставно стануваат жртви на долгогодишното контаминирање на медиумскиот простор и единствено се инетерсни само како маса која треба да се обработи и изманипулира за да го даде својот глас на изборите за освојување и продолжување на власта. Од обичниот човек не се ни очекува да се обиде да биде посеопфатно поинформиран, да ја развива својата критичка свест и така постепено да се издигне над нивото на сопствената безначајност која му е доделена на скалата на општествената хиерархија на моќта. Тој едноставно не треба премногу да мисли и да просудува за големите прашања на татковината, треба само да биде подготвен да излезе на улиците и да протестира доколку биде повикан со својата гола физичка егзистенција да го брани она што им е доверено на лидерот (вождот) и на политичката врхушка околи него да го заштитат – светата земја, светата историја, древната култура, светите букви, библиските корени… Ако би се обиделе да прафразираме една мисла која неретко му се припишува на секогаш инспиративниот Ајнштајн, – доколку за риба се суди според нејзината способност да се искачи на дрво, тогаш таа целиот свој живот ќе го живее верувајќи дека е глупава.

И покрај тоа што во голем број западни земји традиционалните етаблирани медиуми и понатаму функционираат врз база на високи стандарди поврзани со придобивките на демократскиот развој и со слободата на информирање и изразување, падот на довербата во медиусмото известување и прикажување на стваронста е сепак, според низа показатели, се понагласено претставува глобален феномен. И во оваа пригода треба да се потсети на општопознатиот факт дека Македонија во тој поглед бележи рапиден пад во последните години на ранг листите на најзначнјите меѓународни организации и институти кои на годишно ниво ги следат медиумските слободи.

Голем број испитувања покажуваат дека во западноевропските земји мнозинството граѓани, (во некои земји дури и 70 до 80 отсто од испитаниците), се повеќе веруваат дека лажните вести и информации, како и лагите и нечесните конструкции и спинувања кои неконтролирано се шират преку политичките дебатни емисии, влијаат на начинот на кој граѓаните и прифаќаат и гледаат на фактите. „Невозможно е да се биде целосно објективен“, е една фраза која често се споменува кога се дебатира за начинот на кој функционираат новинарството и медиумите. Но колку таквото тврдење и да е вистинито, вистина е и тоа дека не е невозможно или преамбициозно да се направи обид во насока на поголема објективност во медиумското известување. Моментно, –меѓу другото и како последица на појавата на Трамп, – се создава темна слика со која се покрива иднината на новинарството. Но се чини дека приврзаниците на верувањето во судниот ден не треба да се обложуваат околу тоа. Всушност, можеби се во право тие кои веруваат дека претстои ера во која традиционалните медиуми ќе успеаат да ја повратат изгубената почва на изградената доверба во нив така што посилно ќе се наметнат како алтернатива на “фејк“ информациите и на бескрупулозната политичка пропаганда.

Ивица Челиковиќ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e