Коренита промена на опозицијата за подобар живот

Тешко се воведува правда по режим што функционирал беспрекорно, подмачкан со омраза, страв, пари и послушност. Да беше Македонија човек, дел од мозочните клетки по десетгодишното психолошко тормозење ќе му изумреа.

Пред неколку години се  појави „листа за отстрел“ на социјалните мрежи, како врв на владеењето на ДПМНЕ. „Ловот на глави“ беше логичен след на акумулирана омраза кон сѐ што размислува поинаку од власта. Листата на предавниците на Македонија кружеше и стана „хит“ на интернет. На неа се најдоа сите оние коишто отворено се спротивставуваа на власта и ги критикуваа нејзините достигања, како што се уништувањето на колективната меморија, правосудниот систем, образованието, здравството, животната средина. На таа листа беше и моето име, во првите десет „предавници”. Не се чувствував во ниеден момент ниту жртва, ниту имав страв, ниту ми требаше заштита. Само чувствував човечка должност да покажам отпор кон неправдата. Потем власта се промени. Но длабоката општествена рана на поделби, отворена повеќе од деценија, упорно гнои и не зацелува.

Тешко се воведува правда по режим што функционирал беспрекорно, подмачкан со омраза, страв, пари и послушност. Да беше Македонија човек, дел од неговите мозочни клетки по десетгодишното психолошко и ментално тормозење ќе изумреа. Многу луѓе загубија секакво чувство за нормалност. Тешко ќе се оправиме од беззаконското дивеење што ДПМНЕ го покриваше со манијачно гласање „закони“, зашто секој зулум мораше да биде „согласно законот“. Веројатно ќе ни требаат уште десет години пред да нѐ огрее зрак надеж, по демократски, нормален и правен пат, под услов сите заедно да се бориме за подобар живот. Или како во филмовите – да дојдат Марсовци, да нѐ успијат колективно, да ни ја средат Земјата и законите и да нѐ разбудат на заминување, со подновени мозочни ќелии. За жал, останува фактот дека во пострежимскиот наплив на слобода, се случува хаос. Допрва ќе треба да се издржат и старите и тазе-разграканите усти, секогаш солидарни кога се бараат дежурни виновници и предавници. Од листи на отстрел ќе мора да се ставиме на листи на психијатри и да истраеме до крај…или пак колективно да полудиме. Трето – нема.

Ако не знаете- платете

Мојата критичност кон новата власт, освен принуденоста да коалицира со криминогени структури од претходната, е што досега не најде „волшебно“ стапче да покаже дека животот за сите почнува да се чувствува. Но ако немаат магионичари во своите редови треба да си набават и да ги платат добро, како што тоа го правеше ДПМНЕ. Или нека ги позајмат од дпмне. Едноставно е – само се префрлаат од еден на друг платен список со нова задача. Сите новопоставени кадри треба да се фатат чесно и доблесно за работа, зашто слободата и демократијата никогаш не доаѓаат само со смена на власт, туку со многу труд и посветеност. Образованоста, елоквентноста и ноншалантноста без исцрпувачки ангажман нема да помогнат. Вмровскиот тендерски јуриш за пресоблекување на историјата во стиропор, ширењето омраза и државните вработувања за глас повеќе, денес нѐ чинат – држава! Не знам како сето ова би можело да се исправи за десет месеци? Но ако и вие во власта не знаете – престанете да се правите паметни и побарајте помош од некој што знае! Платете го со наши пари да ни даде ум, стратегија и чаре. А потоа слушајте и работете за доброто на сите. И додека го правите тоа, мислете на сите нас, исто онака како што мислите на вашите деца, внуци, сестри, браќа. Така ќе бидете пример за граѓаните на Македонија. Иако навидум нема време за оптимизам, сепак – нема друг излез освен да се проба. Барем да видиме дека се вложил „натчовечки“ напор, што во демократска земја е – вообичаена секојдневна активност.

Еден ден ќе мора да се вратиме во реалноста, да се соочиме меѓу себе, да се помириме, да живееме заедно, да работиме чесно и предадено во нашите професии и од нив пристојно да живееме. За жал мафијашкото минато е сѐ уште наша сегашност, и ќе биде сѐ додека не дојде до институционално справување со неговите креатори. Но изгледа мал број луѓе се вистински и свесно загрижени за земјата. Останатите или кубурат со списоци и посочување виновници, или камелеонски ја дочекуваат секоја нова власт. Потребна е промена во стратегиите на власта. Но повеќе од потребна е коренита промена на опозицијата. Досега, новиот опозициски лидер не навести никаква новост. За него, не што нема ништо спорно во политиките на неговата партија кога беше власт, туку спорни се обидите на сегашната да нѐ  помести напред!? Тој, наместо да ги осуди криминалот, корупцијата и омразата изјадрени од неговата партија, наместо да се дистанцира јавно од нив и да повика на правна завршница и расчитување со мафијашите од своите редови –  ја споредува сегашната власт со ИСИС!? Тешко ќе се постигне взаемно помирување и живот без конструктивно учество на опозицијата.

Апатијата расте

Апатичноста и резигнацијата на просечниот граѓанин на Македонија расте. Секој си има свои очекувања од новата власт, но за тие да се остварат, најпрвин ќе треба да се врати нормалноста меѓу луѓето. А за да се случи тоа потребни се две работи – независно судство и борба „до смрт“ со корупцијата и непотизмот. Од општество на организиран криминал треба да станеме општество на организиран правен систем. Не општество на омраза, товена од одмаздољубивост и зло. Дали ќе успееме да изградиме општество во кое никој и никогаш нема повеќе да прави списоци на предавници, со план да ги собира на стадион, за „народот” да им суди и пресудува, не знам. Но знам сигурно дека Македонија има една иднина – да стане татковина на сите различни во неа, во која сите ќе бидат еднакви пред законот, и да расчисти со криминалот. А за тоа да се случи мора прво раните нанесени од претходната власт, а денес опозиција, да зацелат. Но без опозицискиот искрен, видлив и конструктивен напор за расчистување со сопственото зло, зракот надеж тешко ќе нѐ огрее. Зашто ако сакаме демократија и благосостојба – не е само битно каква власт ќе имаме, туку и каква опозиција.

Синоличка Трпкова

Извор: Дојче веле

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e