Кога системот раѓа насилство

Еден човек деновиве пукаше во екс министерот за здравство Никола Тодоров. За среќа не го погоди, иако велат дека пиштолот не бил вистински, односно дека бил на гас. Тој човек е дедото на малата Тамара, девојчето кое што почина чекајќи да биде пратена на операција во странство. Нападот е за осуда, насилството не е решение.

Но, кој бил мотивот, поривот, што го натерало овој 57 годишен човек да впери пиштол во поранешниот министер за здравство? Мирниот и тивок човек од село Каласлари, како што го опишуваат неговите соседи, живеел со болката дека наместо здравствениот систем да и помогне, ја однесе во смрт неговата деветгодишна внука.

Тамара имаше тешка форма на сколиоза. Рбетот беше толку искривен, што заедно со ребрата притискаа врз срцето и белите дробови на девојчето. Одвај дишеше, а лекарите, тие многу важни фактори во комисиите на Фондот за здравство проценија дека операцијата не е итна. Само 30 000 евра беа потребни за нејзината операција, но не доби шанса за живот.

Тогаш под притисок на медиумите Тодоров јавно вети дека девојчето наскоро ќе замине на операција во Турција и дека се чека само на термин. Заминувањето беше одложувано, а малото срце не издржа. Подоцна дознавме дека наредбата да не се прати во странство дошла од „горе“. Документот со кој с е забранува праќањето во странство за сите деца со искривување на рбетот, вклучувајќи ја и Тамара, била издаден четири месеци пред нејзината смрт.

Тамара почина излажана. Таа не го доби уставното загарантирано право на лекување, туку стана жртва на пеколен план. Девојчето, всушност било чувано за операција со која власта требало да си направи промоција на новиот спинален центар кој никогаш не профункционира. Здравствениот систем, со погубната политика на тогашната власт ја уби малата Тамара.

Судскиот систем , пак не донесе правда за Тамара. Две години и четири месеци по нејзината смрт, случајот се уште тапка во место во Основното јавно обвинителство. Таму одамна се поднесени кривични пријави против поранешниот министер за здравство Тодоров и уште осум други лекари и директори инволвирани во случајот. Правниот систем затаи, судски процес се уште не е покренат. Зврлевски, спиеш ли мирно?

И во целата таа агонија, во постојано исчекување, дедото на Тамара прашувал, се интересирал дали виновниците за смртта на неговата внука ќе бидат казнети. Ноќите во неговата трошна куќа биле претешки, полни со неизвесност. Кога веќе изгубил надеж, а слушнал дека Тодоров заминува од функцијата одлучил да ја земе правдата во свои раце.

И се случи тој грозоморен чин. За среќа без фатални последици. Овој пат обвинителството реагираше експресно. Дедото на Тамара уште истиот ден е задржан во притвор, се товари за обид за убиство. И наместо да им биде поука, повторно се исполитизира случајот.

Груевски јавно на една телевизија ги обвини родителите дека не го лекувале девојчето, па починало од бронхопневмонија. Нема зборови за ваквата постапка, лидер на партија да се стави во улога и на лекар и на судија. Ги обвини невладините организации и новинарите дека создале лоша перцепција за Тодоров, кој после се рече дека не чувствува одговорност за смртта на малото девојче.

Не, Груевски очигледно не е свесен дека во Тодоров всушност пукал системот што го создаде тој и неговата партија. Здравствениот и судскиот систем управувани од долгата рака на неговата партија побудија одмазда кај дедото на Тамара. И куршумот испука, не само во Тодоров , туку во сите нас. Тоа беше последниот крик. Време е за правна држава, време е за правда!

Менче Атанасовска Точи за Нова ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e