Кога друг пат, ако не сега?

Поминаа повеќе од 18 години од потпишувањето на Декларацијата за добрососедство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија во далечната 1999 година. Најголем дел од граѓаните со потпишувањето на Декларацијата се израдуваа дека конечно на балканските простори ќе не помилуваат новите ветришта и новиот дух. Но,за жал радоста беше краткотрајна. Заради објективи и субјективни слабости на обете страни, заради тесноградоста и кусогледоста на политичките елити, новиот ветер и новиот дух останаа долго време затворени во големата аладинова балканска ламба.

Посетата на македонскиот премиер Заев на Република Бугарија и пораките што дојдоа од ѝ по средбата почнаа да влеваат нова надеж дека Балканот се освестува. Балканот се европеизира. Се роди надеж дека во иднина нема да дозволиме да бидеме робови на минатото, на романтичарски настроени политичари, на историските синдроми на научниците, историчарите и обичните луѓе од двете страни. Конечно дојде време со потпишување на Договорот за добрососедство и пријателство да го промовираме и негуваме новиот космополитизам на Балканот.

Оптимизмот за подобрување на доброседските, пријателски па ако сакате и братски односи кој за многумина се појави сосема ненадејно како гром од ведро небо (иако за воља на вистината не е така, бидејќи тој чекор по чекор се градеше годиниве наназад) не задолжува на оваа нескојдневна шанса сите заеднички да и подадеме рака и да ги охрабриме политичките актери. Зошто добрососедскиот дух, взаемната почит, меѓусебното уважување и помош да е возможно во Скандинавија, а да не може во срцето на Балканот? Ние не сме ни помалку умни, ни поголеми егоисти, ниту помалку прагматични од скандинавците, од французите и германците. Квази патриотските политички елити, вештачки ,,набилданите” историчари и лустрирани соработници на службите повеќе од седум децении ги труеја граѓаните на двете држави стимулирајки и предизвикувајќи еднострани погледи и предрасуди наметнувајќи квази патриотизам и стереотипи. И на ова конечно мора да се стави крај.

Мотивите на Република Македонија и Република Бугарија за потпишување на Договорот за добрососедство се повеќекратни. Република Бугарија со договорот си обезбедува успешно сопствено позиционирање како земја членка на ЕУ која директно придонесува за спроведувањето на надворешната политика на ЕУ кон земјите кандидати за членство во ЕУ. Добива заслуги на држава која ги намалува отворените прашања во регионот и истиот го насочува кон помирни води како и доказ дека од вербализам преминува на дела со што започнува ново поглавје во меѓусебните односи на двете држави. Со овој договор Република Бугарија ќе ги отфрли сите сомнежи и оговарања дека е држава со сомнителен дeмократски капацитет, дека е сомнителен катализатор на демократизацијата со двојни аршини. Во интерес на Бугарија е Република Македонија да биде стабилна, унитарна и независна држава со јасна евроатлантска перспектива. Од друга страна Република Македонија добива силен сојузник на евроатланскиот пат и во спорот со името со нашиот јужен сосед, но истовремено се намалува опасноста од дестабилизација на државата. И можеби најголемиот бенефит е она што засега малкумина го гледаат или пак не го признаваат, а тоа е фактот дека Бугарија во иднина добива постабилен сосед кој има еден проблем помалку на патот кон евроатласката интеграција.

Декларацијата за добрососедство од 1999 година е добра основа за Договорот за добрососедство и пријателство кој треба да се склучи за неколку недели. Предложеното решение за елиминирање на досегашниот ,,проблем” „македонски јазик според Уставот на Република Македонија“ отвора пат за искрена, фер и плодна идна билатерална добрососедска соработка која нема да и штети на реалноста. Оваа формулација нема со ништо да му наштети на македонскиот народ и на неговиот македонскиот јазик и кирилско писмо, а најмалку ќе ги подгрее чувствата на национал шовинистите и ретроградни политичари од обете страни.

Досега упатени се јавни и јасни сигнали дека постои искренa желба за зближување. Веќе го видовме, а многумина го ,,проболеа” заедничкото поклонување пред споменикот на Цар Самоил. Зборовите на македонскиот премиер за неопходноста од „затворање на страницата на национализмот“ и прочистувањето на македонските учебници по историја од „се што противречи на новиот дух на соработка“ меѓу двете држави се доволен доказ и гаранција за искрените и чесни намери од македонска страна. Од друга страна освен актуелната бугарската актуелна власт и бугарската опозиција и бугарските патриоти поздравувајќи ја неодамнешната посета ги покажваа своите искрени намери и заложби. Барем досега!.

Се добива впечаток дека заложбата за прославување на заеднички личности и настани од историјата и толкувањето на историјата е најголема пречка во меѓусебните односи и сеуште е голем камен на сопнување како од едната така и од другата страна. Постојат голем број персони кои сеуште неможат и нескаат да ја ,,сварат” оваа работа. Нели е подобро овој чин наместо да биде пречка истиот да стане предизвик за обете страни!?. Повеке сум од убеден дека за почеток со малку повеќе добра волја може да се најдат настани и личности што се интегрирани во заедничките историски движења и случувања и кои би можеле заеднички да ги одбележуваме и прославуваме. Ако Република Македонија заедно Република Србија направи и дозволи прослава на македонска територија на голем српски настан од нивната историја (а притоа ниту небото ни падна на главите, ниту некој ни ги симна чиновите и еполетите од рамената) истото тоа или пак слично нешто можеме да го сториме и со Република Бугарија. Ние сакаме и мораме да имаме пријателски, братски и фер односи со сите наши соседи и истото тоа го посакуваме и од нив без никави задкулисни намери и игри.

Македонски и бугарски историчари и истражувачи треба да престанат да ја политизираат историјата на дневно политичка основа и за лукратвни интереси и цели. Потребно е конечно сега тие да седнат еден до друг (наместо како досега еден наспроти друг) и со научна аргуметација да дискутираат и да не убедуваат во вистината и објективноста на настаните. Нека за почеток за контроверзните личности од балканската историја дебатираат исклучиво само историчарите, а ние ке причекаме уште малку на заедничкит нивен заклучок. Но, едно треба да знаеме дека изградените споменици треба да не сплотуваат, да не обединуваат, а не да создаваат нови поделби и раздори меѓу државите и народите.

Поради одреден мал број скептици и недобронамерни партиски гласноговорници повторно ќе се навратам на „Декларацјата за пријателство“ што на 22 февруари 1999 година ја потпишаа тогашните премиери Љубчо Георгиевски и Иван Костов. Сакам да напоменам дека во текот на овие повеке од осумнаесет годни истата никој не ја проблематизираше. Декларацијата е недвосмислена кога вели дека двете држави нема да преземаат, поттикнуваат и поддржуваат дејства што имаат непријателски карактер за другата страна. И тука нема ништо нејасно. Во таа смисла точката 11 од истата гласи: „Република Македонија изјавува дека ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Република Македонија во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да го заштити статусот и правата на лица кои не се државјани на Република Македонија” Но, ова не значи дека Република Бугарија треба да се откаже или пак да го игнорира својот деклариран европски пристап базиран на вредности за мир, граѓански и човекови слободи и права како и од загарантираните европски и меѓународни документи за заштита и унапредување на правата и слободите малцинства на своја територија.

И на крајот за доброто на сите нас и за доброто на генерациите кои доаѓаат после нас потребно е во македонските и бугарските традиционални и новосоздадени медиуми да се стави крај на негативната кампања и претставите за „нашиот лош сосед – наш традиционален непријател“. Треба да се престане со темите кои служат за дискредитација и демонизација на едната или другата страна, а политичарите да се откажат од високо децибелна антибугарската и антимакедонската реторика која ја слушавме со години нанзад. Добрососедство не се создава на хартија, туку со конкретни гестови. Зошто од денес па натаму да неможеме да разговараме за избегнување на стереотипите, ставовите и рамислите што поттикнуваат конфликт, нетрпеливост, омраза и недоразбирање. Ние сме биле европски настроени пред европејците и тоа мораме да го докажеме на дело и во пракса.

проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ (коментар за БГНЕС)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e