Како „малиот Мицкоски“ ја замислува политиката

Завчера имав едноставен избор: да го гледам Христијан Мицкоски на ТВ 24 вести – или да ги гледам Челзи и Барселона?… Изборот не ми беше тежок. Мицкоски го одгледав следниот ден, на интернет.

Долго интервју, речиси два часа и, кога би имал простор, би можел да се осврнам на десетина сегменти од настапот. Но, Мицкоски е главно арогантен, крут, по малку кавгаџија и генерално ги релативизира сите лоши еднодецениски политики на ВМРО-ДПМНЕ, во еден манир на посетител на „вечерна политичка школа“. Слично, да речеме, на еден Илче Димовски: со многу флоскули, со невешти полемички фигури, тотално површно, со повремено глумење неинформираност за клучни теми од нашава политика, во стилот „не сум од овде“, „кај е овде лево“ и сл.

Дополнително, не се работи само за едно ниско политичко ниво кај Мицкоски, туку и за разочарувачки впечаток заради скромното интелектуално ниво – лидерот на опозицијата е залутан машински инженер во високата македонска политика.

Всушност, во сите клучни политички ставови, „сериозниот човек… со принципи“ (по сопствена оценка) Христијан Мицкоски е карбон-копија на Никола Груевски, само прилично полош. Лоша вест за ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, со оглед на неговата лидерска позиција во опозицијата, вреди човек да се осврне на ставовите на Мицкоски во однос на актуелните преговори со Грција, чијшто исход ќе влијае врз судбината на Македонија на краток, среден и подолг рок.

Значи, врз основа на „енциклопедиската информација“ со која располага (една нејасна синтагма што ја слушам прв пат, а Мицкоски ја повтори пет-шест пати во интервјуто) за тоа до каде се преговорите со Грција, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека процесот, во Македонија, полека се претвора во „блејм гејм игра“ – односно, во почеток на местенки за тоа кој е виновен за нивното пропаѓање. На страна што тоа не ја одразува фактичката ситуација; туку, ваквиот пристап кон комплексноста на целиот македонско-грчки проблем и историскиот момент во кој се наоѓаме во врска со неговото решавање е, најблаго речено, несериозен однос. Преговорите тукушто се започнати и развојот на оваа компликувана фаза не може ни да се предвиди, особено ако се имаат предвид претстојните (во тој момент) средби на Заев со Меркел, со Јункер и којзнае какви уште сè не развои на настаните до завршувањето на преговорите.

Мицкоски упорно настојува да се дистанцира од преговорите („немаме никакви информации“, „ВМРО-ДПМНЕ нема да биде алиби за пропаст на некој план“, „нема да поддржиме недостоинствено решение“ и сл.), веројатно надевајќи се (или барем прогнозирајќи) нивен неуспех. Тој, всушност, се однесува како едвај да чека преговорите да пропаднат, за Македонија да остане заглавена во својата грда реалност, за да може тој, речиси без никаков личен напор, наскоро потоа да ја превземе власта и да продолжи од таму каде што застана Груевски. Ќе му фали само еден Мијалков до него. Бидејќи Курир веќе си го има.

Овој пристап, со една долга низа од погрешни, аматерски проценки, беше рецептот според кој Груевски, постепено, доживеа политичка катастрофа, одведувајќи ја државата во тотално „слепата улица“ на меѓународната изолација.

Мицкоски, гледаме, апсолутно ништо не научил и ноншалантно оди по истата „изгазена“ партиска патека, веројатно придружуван од истите советници чиишто насоки ја чинат Македонија десет изгубени години, а ВМРО-ДПМНЕ морално-политичка хаварија од којашто нема да може да се опорави во догледно време.

Така „малиот Мицкоски“ ја замислува политиката. Се плашам дека овој или кратко ќе трае или неславно ќе заврши. Можеби и двете.

Сашо Орданоски

Извор: Цивил Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e