Христос се роди, за нас не сум сигурен!

Жена ми ме прати по симит погача и некое геврече, луѓе мои, десет бурекџилници поминав, таква тарапаана јас не бев видел, редови и турканици како на времето пред шалтерите на катастар.

Не само турканици, туку и невидена врева и бучава, Прличев би рекол: пискотници се слушаа од фурните кон надвор. Ми заличи сето тоа на некаква преткатастрофична ситуација, луѓето ми се гледаа како кучиња, мачки и кокошки кои претчувствуваат дека доаѓа некаква голема несреќа, па врескаат за да се предупредат самите себе и гледаат да дојдат до што повеќе храна, ако се умира веднаш, да се умре со полн стомак, ако има одлагање да се имаат некакви резерви. Пити со праз, гевреци,посни стапчиња, буреци со се и сешто, лепчиња вакви и такви, пици и што уште не беше предмет на оваа невидена инвазија. Добро, сите знаеме дека се ближи христовото рождество, но никој не може да тврди дека и тоа не е некаква форма на катастрофа. Не поради Исус, туку поради оваа банализација на верата, на верата сведена на пита со праз, дабови гранчиња и лепче со паричка.

Таа плиткоќа е важен, можеби, пресуден извор на нашите несреќи. Дури ми дојде да се прашам: кој курац е изворот на страшните, безмалку смртоносни поделби меѓу овие женички што изнакупиле костени јаболка, и мандарини и туку го утепуваат времето на чекање низ неподносливо гласни и безвезни размислувања разговори, меѓу мажите вморони и православни комуњари. На моменти мислев дека во плиткоста на верата не би можеле да се копаат толку длабоки поделби, но само миг потоа ми дојде да мислам дека поделбите се такви какви што се, имено, поради плиткоќата, не само на верата, туку и на сите други идеали и возвишености.

Луѓето со такво ниво на вера, верба и самодоверба, не се политичка категорија надвор од гласачката машинерија. Нивната употребна вредност е во можноста да бидат манипулирани и управувани, на најбанални и најпрости и најглупави начини. Неформалната коалиција на политичката и медиумско- интелектуална и црковна елита, ги претвори во биороботи, да не речам робови. Ова е вера на луѓето кои мислат дека веруваат. Толку сме далеку од Бога. И тоа растојание се зголемува со секоја празнотија на нашите ритуали. Од празник до празник, меѓу кои луѓето просто не знаат што да прават со големото ништо од себе и од своите животи!
Па, сепак: Среќни празници, драги пријатели!
Христос се роди, за нас не сум сигурен!

Бранко Тричковски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e