Драмата низ којашто поминува СДСМ три месеци по формирањето на Владата е драмата на нивната кадровска политика. Некои умни луѓе рекле дека во политиката и нема ништо друго освен, всушност, кадровска политика, бидејќи со какви луѓе ќе се опкружиш, така и ќе завршиш. По стотина дена на власт, незадоволството од кадровската политика што, низ меѓусебните преговори, ја водат Заев и Шеќеринска (а потоа и со целата владејачка коалициска какофонија) е големо: во разни ешалони на партијата им врие, јавноста се забавува или се иритира со разни прва-рикверц кадровски решенија и на важни и на помалку важни места, во цели сектори (во здравството, на пример) разочарувањето е речиси превладувачко чувство, а стотици двигатели на режимот на Груевски, сега ослободени од перманентниот психолошки и криминален мобинг на кој цела деценија беа изложени од сопствената ВМРО-партија, сѐ уште комотно се заседнати по разни државни столчиња на кои одлучуваат за пари, политики, службени патувања и работни ангажирања…
Убавина!
Згора на тоа, сега доаѓаат и кандидатските листи за градоначалници и советници за локалните избори кои секогаш и во секоја партија биле извонредна шанса за внатрепартиска граѓанска војна, а кои СДСМ и овој пат изгледа дека ќе ги состави по теркот на Груевски: Како тата (и мама!) каже – што ќе рече дека помалку ќе се прашува членството и принципот на работни заслуги и квалификации, а повеќе фракционерскиот интерес во раководството на партијата. Хмммм… Само да ве потсетам дека процесот на „бузлевизација“ на СДСМ кон крајот на деведесеттите, под раководната палка на Црвенковски, ја одведе партијата до катастрофална загуба на изборите во 1998 г., од што социјал-демократите (а и Македонија) до денеска не можат сосема да се опорават.
Тоа ме потсетува на вицот со еврејскиот рабин, кога го прашале каква е ситуацијата во вашата земја? „Гуд!“, вели рабинот. А може ли да ни кажете во малку повеќе детали? „Нот гуд!“… Така, некако, и со СДСМ-во.
Сашо Орданоски
Извор: Цивил Медиа