“Добрите”, “лошите” и “лажгите”

Не знам зошто во медиумската јавност ги нема – особено сега – сите оние бараби кои пред две години фрлаа клетви, дрвја и камења по Шарената револуција и учесниците во неа, правејќи ги парампарче: од предавници и непатриоти до талибанци и исиловци. Дури и такви, со бели коси и бради како (божем) синоним на умноста, тресеа глупости невидени и нечуени на овие простори, ширеа омраза кон еден огромен опозициски дел од граѓанството, повикувајќи и на насилство како нивна „демократска форма“ на справување со другото мислење. Тие шушумиги, имено, би требало да бидат првите кои ќе ги осудат овие сегашниве „мирни“, „цивилизирани“ и во основа, нели, „демократски“ протести пред Собранието на РМ, каде ситуацијата дојде до солзавец и отворени тепачки. Ама истите тие – бараби, шушумиги, „патриоти“ итн., наречете ги според вашиот најсоодветен вокабулар – никаде ги нема.

Дел од нив, како оној Станковски алиас Сарајлија, побелен на главата ама тотално зацрнет во умот, како и оној омиленион на „Само вистина“ националист, анти-албанец и политички кампер кој како директор на библиотека пушташе полиција да ги апси „шарените“, ги гледаме и слушаме тук-таму, во се’ уште нарко-груевизираните медиуми, но и во други (?), ама повеќето се примирени, дури смирени, притаени, залегнати во илегала бидејќи „најпатриотската партија“ веќе нема такви финансиски ресурси да ги плаќа нивните услуги. А тие беа, богами, скапи! Никој компетенен, се’ уште, за жал, не влегол во оние т.н. куртон медиуми – или можеби влегол, ама некако прилично скришно, дури невидливо? – да направи барем првична анализа на нивните стопанисувања со државните пари. А богами – стопанисуваа, невидено, нечуено; BBC, ARD, ZDF, RTF итн., сите заедно, можат само да им завидуваат. И токму кај тие „медиуми“ се одвиваше целиот процес на сатанизација на „Шарената револуција“, како што впрочем беа величани сите идиотски грувистички политики што ја завиткаа во црно државава.

Од целата таа хушкачка орда останаа неколкумина најперверзни, најортодоксни лажговци, инаку (божем) интелектуал(к)ци, кои блујат огин и пламен, ама и ординарни лаги контра полицијата, Владата и власта, контра сите кои не им се по ќеф. Стасаа дотаму да постираат лажни фотографии (од соседството и пошироко) на повредени мажи, жени, деца … претставувајќи ги како жртви на „теророт“ на сегашната македонска полиција. Онаа минатата, на груевизмот, не им пречеше. Предничат, нормално, оние исшутираните и од „Шарената револуција“ и од партиите на власт како некадарни за демократско однесување, а меѓу нив и оние налудничави професорки кои, никој не знае зошто и како, после се’, се’ уште работат и (божем) подучуваат студенти. Зарем навистина никој на тој УКИМ нема надлежност да се позабави со такви протуви кои во јавноста се служат со секакви недозволени средства, меѓу другото и со лаги и подметнувања од голем, кривичен формат?

Но, од друга страна, не се појавија такви компаративни текстови ни од симпатизерите односно подржувачите / активистите на „Шарената револуција“, дури ни после хулиганското втурнување на „патриотите“ во Парламентот на минатогодишниот 27 април, а ни денес, во екот на уличната војна „за името“! Зошто – никој не знае. Не ги интересира, не ги провоцира, имаат попаметна работа? Можеби некој и така гледа на таквите пропуштени прилики, како сега така и стотици претходно. Зарем навистина не ги скокотка таквиот однос кон нештата, дали навистина им е сеедно што на едните им е дозволено се’, а на другите ништо? Дали на првите – сите оние бараби, хулигани, националисти и целиот друг шљам на земјава – навистина им е дозовлено да малтретираат се’ по ред, а на оние со демократски предзнак – ништо? И не, никако не ги заборавам протестите односно агресијата искажана од „шарените“ контра канцеларијата на растението крстено претседател на државава. Мое мислење е дека тоа беше грешка, но тоа, да речеме, и не е битно. Шарените не смееа да се легитимираат како насилници, зашто тоа никако не ги одвојува(ше) од останатиот силеџиски џган. Но сепак, дали тоа им го дава истото право и на „патриотиве“? Се разбира – не, ама никој од тие бараби не сака така да размислува

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e