Англискиот социјалист и хуманист Хенри Брејлсфорд, кој дошол како мисионер во Македонија по Илинденското востание во есента 1903 година, го анализирал животот во неа. Своите сознанија ги објавувал во англиските весници а потоа ги објавил и во книгата со наслов: „Македонија нејзините (раси) народи и иднина„. Таа негова книга беше преведена и објавена на македонски јазик во 2003,година по повод 100 годишнината од Илинденското востание.
Во делот во кој ја има анализирано православната црква, Брејлсфорд има запишано: „Исповедувањето ,што номинално, како институција се уште постои во Источната црква, речиси целосно е вон употреба… Од еден селски поп да се бараат смерници за моралот, навистина би било премногу смешно. Проповедањето практично е нешто непознато. Тие (селските попови) се едноставно ситни чиновници кои соответно ги вршат обредите за минување на границата меѓу овој и следниот живот. Погребуваат и крстат за одредена цена, слично како еден царински службеник кој на границата наплатува царина и од оној што влегува и од оној што излегува„.
Да е жив Брејслфорд сигурно би забележал дека денес Синодот на МПЦ живее и се однесува како богата царинарница.
Приходите изгледа растат, а владиците се опкружуваат со симболите на моќта и богатството како што се скапите резиденции, мерцедесите па и со глисери, веројатно за превоз на владиците од Канео до Свети Наум по Охридското езеро. И исто така би заклучил: „Да се бараат смерници од нив за моралот, навистина би било премногу смешно„. Може ли некој да си дозволи ним да им се исповеда или да им верува на нивната христијанска проповед, ако воопшто знаат што е тоа.
Ѓорѓи Спасов