Богоевски: Жалам друштво, повеќе не сме отпор и нема што да „ситниме”

Завчера вечер, напишав реакција на инцидентот, каде членови на Левица биле спречени да пријдат со транспарент до саканата локација од страна на полицијата.

Оттогаш, повеќе луѓе ме критикуваа на социјалните мрежи дека мојата реакција бела премногу мека кон полицијата, а остра кон Левица, како и дека сум имал двојни стандарди за случајот каде мене ме приведоа пред околу една година при обид за поставување платно и за завчерашниот инцидент со Левица. Исто така, партиското раководство побрза наредниот ден да излезе на прес конференција помпезно барајќи одговорност и затворски казни за полициските службеници поради наводно вршење на кривичните дела „Смеќавање на јавен собир“ и „Противправно лишување од слобода“.

Знам дека текстов е малку подолг, но оваа тема ми е многу значајна, а критиките од моите соборци навистина ги сфаќам многу сериозно и затоа чуствувам потреба убаво да се изјаснам.

Во однос на „двојните стандарди“ – погледнете го видеото со мојата реакција непосредно откако бев пуштен од Полициската станица Пролет по моето лишување од слобода. Ќе забележите дека мојата реакција за инцидентот со Левица е построга, а не поблага во однос на моето лишување од слобода. Во мојот случај, барав одговорност само за противправно издадената наредба за примена на сила и приведувањето, а не за самата примена на сила. Во случајот со антикапиталистичките активисти, повикав и на одговорност кај полициските службеници кои противправно примениле сила. Едноставно, кога беше мојот случај не сакав да се жалам на прекумерна употреба на сила бидејќи мислев дека нема да има никаков ефект (што воопшто не значи дека членовите на Левица не треба да се жалат во овој случај).

Само кратко да повторам, сметам дека при инцидентот, полицијата неосновано ги применила следните овластувања:
-неосновано издавање наредба групата да се разотиде;
-неоснована примена на физичка сила;
-неоснована примена на овластување врзување со лисици;
Но, не постои кривично дело во овој случај. За да има смеќавање на јавен собир, треба да има јавен собир. За да има јавен собир, треба да има најмалку 20 лица на собирот (чл.2 од Закон за јавни собири). Колку што можев да забележам на фотографиите, на акцијата се присутни 6 лица (поправете ме ако повеќемина биле присутни, но сигурен сум дека не биле повеќе од 20). Тоа значи дека членовите на Левица изведувале граѓанска акција, но не и јавен собир.
Не може да се смета дека е сторено кривичното дело Противправно лишување од слобода, бидејќи не беа одведени во Полициска станица, т.е. целата полициска акција започна и заврши на истата локација, а членовите на Левица биле врзани со лисици на самото место во траење од петнаесетина минути. За прекумерната употреба на сила да може да се смета за кривично дело, треба да постои најмалку телесна повреда.

Поради тоа, не подлежат на заштитата предвидена со Законот за јавни собири и Кривичниот законик. Жалам другари, ама постои многу добра причина зошто при организирањето на нашите протести и акции ние секогаш инсистиравме на почитување на Законот за јавни собири – токму за ваквите ситуации.
Истовремено, сакам да потсетам на случајот со Паркобраните, каде повеќе стотици тешко наоружани полицајци лишија од слобода 11 активисти и ги пуштија од Полициска станица со прекршочна пријава за нарушување на јавната чистота (бидејќи грицкале семки). Тогаш, реагиравме за прекумерната манифестација на сила и за противправното лишување од слобода, но не и за ограничување на правото на протест (бидејќи не беа исполнети условите за јавен собир).

За крај, сакам да споделам еден личен став за тоа зошто јас протестирав. Намерно ќе се изразам во прво лице еднина, за да нема забуни дека моето гледиште го пресликувам врз движењата во кои сум учествувал.
Јас не протестирав бидејќи полицијата тепаше. Јас не протестирав бидејќи власта крадеше и ставаше невини луѓе во затвор, а ги аболицираше виновните. ЈАС ПРОТЕСТИРАВ БИДЕЈЌИ НЕМАШЕ КАДЕ ДА СЕ ПОЖАЛАМ ЗА ТОА.
Во моето работно искуство пред да бидам Пратеник, јас имам напишано повеќе десетици претставки до Секторотот за внатрешна контрола на МВР. Тоа беше една од моите работни обврски. Од сите тие, само една, беше делумно уважена. зврлевски молчеше со години пред илјадниците кривични дела на мафијата која тогаш беше на власт, а нашите затвори продолжија да се полнат со политички затвореници кои нашите судови безкурпулозно ги судеа. Затоа почуствував потреба јас да бидам еден од илјадниците кои излегоа на улиците. Бидејќи институциите не си ја вршеа работата, бидејќи мораше сами да си ја земеме правдата.

Во секоја држава се случува грешка (намерна или не) во полициското постапување. Разликата е во тоа како системот ќе се справи со тие појави. Затоа не ги прифаќам барањата и обвинувањата дека мора прво да има политичка одговорност (кај Министерот за внатрешни работи) пред да има институционална одговорност за полициските службеници кои ги пречекориле своите овластувања. Навистина, овој пат очекувам институциите да си ја завршат работата. Токму поради тоа што сега има одговорни луѓе на раководните позиции, кои не верувам дека ќе дозволат затворање очи пред неправдите.

Во меѓувреме, немам никаква намера да го кријам моето незадоволство и разочарување од дел од раководството на партијата која упорно сака да се маскира како граѓанско движење и која во повеќе наврати се обиде да си ги присвои заслугите за целото (партиско и непартиско) движење и успех во борбата против режимот, притоа алчно борејќи се за дневно политички поени и ширејќи наратива на „сите се исти“ во буквално секоја прилика.
Знаете за кои говорам – за јакобинците и за оние кои полнеа автобуси и носеа нови членови на гласања за клучни партиски одлуки. За оние функционери на Левица кои почнаа да хаотично да бараат оставка од Оливер Спасовски пред да се воопшто да се осигураат дека им се извадени лисиците од рацете на нивните сопартијци и кои побрзаа да се наместат пред камери и да се расфрлаат со произволни квалификации на кривични дела.
Жалам друштво, повеќе не сме отпор и нема што да „ситниме“.

Павле Богоевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e