Битка за детските насмевки

Претешки училишни чанти, учебници полни со непотребни и застарени информации, немотивирани наставници, кои инсистираат на „бубање“ на лекциите наместо разбирање на материјалот, најави за промени во образованието како и секоја година, бесплатно образование кое го преполовува домашниот буџет, дотерани првачиња ги исполнуваат училишните холови кои се декорирани како од бајките, со големи насмевки се радуваат не знаејќи за матрицата во која се втурнати на овој прв училиштен ден и која ќе ги обликува како грст глина во рацете на екстремно некреативни умови…

Пишува: Маја Ивановска
Доколку барем една влада до сега го исполнеше своето ветување, немаше секој прв училиштен ден да ги слушаме истите „жалопојки“, од општините, синдикатите за образование, наставниците и професорите, учениците и студентите, родителите, педагозите и психолозите.

Ако барем една влада, реално и суштински навлезе во сите проблеми на нашето образование, и системски дел по дел ги решава проблемите, наместо итни брзопотезни реформи кои секако ќе се покажат како неуспешни до следниот септември можеби и ќе тргнеме напред.

Ако барем еднаш синдикатите беа сложни, решителни и истрајни во својата борба, можеби и ќе се избореа за достоинството на оние на кои професијата им стана една од главните алатки за политички препукувања.

Ако барем еднаш политичките партии и нивните раководства се здружат околу можеби единствената работа за која, сигурна сум, или можеби само сакам да бидам сигурна, најмногу ги боли, сопствените деца, и ги остават сите заткулисни игри, можеби заедно ќе изнајдат реални, сериозни и пред се долгорочни решенија за еден од најгорливите проблеми на ова општество – образованието.

Ако наместо партиски полтрони, предводници на некакви иницијативи, против некакви непостоечки проблеми, кои верглаат „набубани“ реченици од партиски штабови, имаме наставници и професори, достојни на својата професија, посветени на својата работа, посветени на децата кои треба да се огледало на нивниот труд, можеби маката на сите досегашни и идни влади ќе биде барем малку помала.

Ако родителите бидат доволно храбри и истрајни, сигурна сум дека ќе ја добијат оваа битка.

А, ако учениците и студентите, нивната енергија, искреност и жар во очите, природната насмевка на нивните лица, повторно треба да ни одржуваат лекции за тоа како се извојуваат битките кои „живот значат“, како онаа единствена светла точка на овој прв училиштен ден, битката против екстерното тестирање, можеби навистина треба да се замислиме дали ги заслужуваме…

Ако наместо балони, бесплатни боенки и боички, денеска ги пресретневте првачињата со реална претстава за тоа што ќе правите со нив утре, можеби и ќе поверував дека, сепак, овој прв училиштен ден е поразличен од сите досегашни…

Можеби денеска ги купивте нивните насмевки, но што од утре?

Маја Ивановска за Цивил медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e