Ајде да се преброиме, каква Македонија сакате

Почитувани, сепак мислам дека треба да одиме на избори и таму да се преброиме.

На 12 јули, Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, му врачи покана на Македонскиот премиер за полноправно членство на нашата земја во НАТО алијансата.

Ова беше историски ден за Република Македонија и можеби најзначајниот ден во поновата македонска историја. Ова кој не го разбира сега ќе го разбере по две до три години, ама убеден сум дека ќе го разбере. За жал еден дел од македонските граѓани од разни причини не разбраа што се случува или не сакаат да разберат, ама еден ден и тие ќе станат свесни за важноста на овој датум.

Овој датум го чекаа долго, генерации Македонци, нели е така.

Истиот ден, на 12 јули, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ излезе и ни соопшти дека покана не сме добиле. Немало покана, немало датум. Се она што го видовме од Брисел и што го виде целиот свет всушност не се случило, било илузија, нас така ни се причинувало. Ова го кажа Христијан Мицковски, инаку претседател на најголемата опозициска партија. Епа друже Мицко сега гледам зошто и твоите не ти веруваат и многу не те мирисаат, имало причина. Наместо да се издигне над своите фрустрации и нискиот рејтинг и да честита за овој голем успех на Македонија, тој вели дека ова не се случило, како да нашиот народ е малоумен и не гледа што се случува.

Но за ова не вреди да се полемизира, овде нема тема, овде има само злоба, малициозност и незнаење, ништо друго. Ние треба на овие луѓе да не им придаваме големо значење на све што ќе истрескаат во јавност. Јас воопшто не сакам да полемизирам со нивните ставови затоа што ги знам повеќето од нив, знам колку им сече и повеќето од нив се толку интелектуално инфериорни луѓе што не вреди да се расправате. Но овој пат ме заболе тоа што се обидуваат со ефтини и глупави работи да ги манипулираат луѓето а всушност прават штета на Македонија, а не нудат ништо, само ветер и магла. Не, всушност ни нудат да се вратиме во нивната Македонија, во онаа пред 27 април. Не, благодарам. Главна тема изминативе два дена им беше тоа што некои изведувачи го откажале настапот за прославите низ Македонија. Нас ни се случува историски пресврт, грабиме напред, и тоа одбележување требаше да се случи и се помина во најдобар ред, секако дека имаше луѓе, па големо чудо било што двајца тројца локални изведувачи или бендови отажале настап, јака работа, им остана на тоа да се радуваат.

Не вреди да се полемизира и да се одговара и на многу други прашања и навреди кои ги трпиме во изминатиов период. Невозможно е многупати да им одговорите на оние луѓе кои ве читаат и поддржуваат но и оние кои ве критикуваат, а за оние кои навредуваат немам време, нека живеат во својот свет. Да бидам искрен ми причинува задоволство кога ќе видам дека она што го пишувам и мислам наидува на добар прием кај луѓето па често пати и сам се изненадувам повторно и повторно, иако јас воопшто не сум колумнист туку ги искажувам своите политички ставови. Она што го пишувам, искрено го мислам и стојам зад тоа. И сега мислам и убеден сум дека на добар пат сме и дека има иднина за нашата Македонија. Еден човек пријатно ме изненади во Виена на аеродромот, кога ми пријде и ми кажа дека е Македонец кој живее во Флорида во САД, ме препозна, ми рече ме чита и следи, ме пофали некако што ми беше пријатно, и ми кажа дека се согласува и дава силна поддршка на целиот овој процес за влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Значи и во дијаспората луѓето размислуваат паметно и рационално, не било се така како што мислиме ние. Кога ќе разговарате со повеќе луѓе ќе разберете дека всушност поголемиот дел од нашите граѓани иако реагираат емотивно сепак даваат поддршка за успех на референдумот и за успех на нашата земја на нејзиниот пат да се етаблира како стабилна европска држава.

Почитувани, токму затоа сум убеден дека референдумското прашање би требало да се бара некаде во оваа прашална форма, сакате во оваа Македонија или во онаа Македонија. Треба некако вака да се формулира прашањето и да им се остави на граѓаните да размислат во каква Македонија ќе продолжат да живеат, едноставно да видиме и да се преброиме кои сме и за што сме.

Да токму така, да видиме дали сме за оваа Македонија што граби напред, Македонија како стабилна земја со покана за НАТО, со датум за преговори со ЕУ, земја што ги решава проблемите и го трасира патот кон една подобра иднина на нашите граѓани каде што конечно после долго време се назира светлото од тунелот. Или пак сме за онаа Македонија до 27 април, Македонија во ќорсокак, надвор од Европа, заробена држава, држава без иднина со срушени институции, згазена демократија и изгубена надеж за многу генерации, за таква ли Македонија ќе се бориме, одлучете се.

Ама добро размислете за вашата иднина и дали она што ви го нуди Мицковски е иднина за вас и вашите деца, тоа прашање треба да си го поставувате постојано.

Ова прашање треба да си го поставуваме цело време до референдумот, бар јас ќе си го поставувам и нема да се откажам, а верувам и многу други, постојано ќе ги потсетуваме граѓаните како беше, и како треба да биде. Не можеме и не смееме да заборавиме и нема да бидеме нација со кратко паметење па сега некои ебиветровци кои мислат дека станале политичари да ни се смеат во лице и да ни се претставуваат како всушност да не биле тука изминативе десетина години, тоа нема да го дозволиме.

Токму затоа не можев а да не ја коментирам и анализирам неодговорната комотна позиција на ВМРО-ДПМНЕ во овие важни историски времиња кога се одлучува за иднината на нашата земја. Имам чувство дека се што тие сакаат во овие моменти е некој друг да им ги решава тешките прашања, а тие само да бидат патриоти, и тоа амнестирани, друго ништо не ги интересира. Тие сакаат пазар. Сакаат пазар и компромис за криминалот и за 27 април, е тоа не може. Бараат референдум ама бегаат од него. Сакале техничка влада сега, ма пази молим те. Па тие десет години со техничка влада ли ги добиваа изборите. Македонија денес не е во криза туку е земја поканета во НАТО и земја пред почеток на преговорите со ЕУ, и не знам на кого му текнало да бара техничка влада. За ова воопшто не треба да се разговара. Ако се обидат да го блокираат референдумот со тоа што ќе го блокираат изборот на ДИК, треба да се излезе и да се соопшти јасно и гласно, референдум нема да има затоа што опозицијата не сака да има, и да продолжиме понатаму.

Па не може така бе луѓе. Застанете еднаш зад некоја одлука која е суштинска за државата и понудете решение, а не само дневна политика и турбофолк идеологија, е не бива така.

Секој ден треба да им ги поставуваме истите прашање до референдумот. Како ќе стигнат до НАТО и ЕУ без решение за името, што ни нудат на сите нас, дали се они воопшто за Евроатланска Македонија, дали се за референдум, дали се за амнестија на криминалот, еве нека одговорат. На ништо од ова немаат одговор и не верувам дека ќе добиеме одговор.

Ако продолжат да немаат одговор, ајде тогаш заедно со референдумот и на избори да одиме и таму да се преброиме, па нека го дадат граѓаните одговорот. Но и од избори ќе бегаат, бидете сигурни.

Но како и да е, со избори или без избори, нас не чека многу работа. Треба и мора да се фокусираме на реформите што престојат силно и одлучно, без компромиси. Мора да ја тераме оваа работа до крај, со сите сили, само така ќе успееме. Патот сега е расчистен и се гледа, се од нас зависи.

м-р Глигор Стоименов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e