Човек без идентитет

Ви пренесуваме дел од најновата колумна Ерол Ризаов за Независен:

Пминаа цели три дена од изгласувањето на уставните промени и големото предавство на Македонија, сè уште кај себе не почувствував некоја идентитетска промена. Заспивам и се будам истиот. Многу загрижувачки. По сè изгледа, не сум ни имал идентитет. Не е ни чудо ако се земат предвид моите измешани гени, и национални и јазични, како турли-тава. На која страна и да пипнеш, саде мешавини. Така, со стекнат имунитет од раѓање, без вакцини и без пелцување против идентитетски вируси лесно го одбегнав првиот удар на обезличувањето. Поминав само со мала настинка.

Повеќе сум загрижен за античката и ариевска раса која ја снема преку ноќ. Кога видов дека само стотина големи и храбри национални дејци стасаа пред Собранието да го бранат името и идентитетот, си реков на преостанатите половина милион, колку што беа најавени дека ќе ја бранат Македонија, им застуделно од северниот ветер толку многу што им замрзнале јужните гени.

Уште полесно го поднесов сопственото предавство на татковината. На тоа навикнав и отрпнав одамна и како странски платеник и како немакедонец и како Турчин и како југоносталгичар и југоплачко и како југословенски, српски, словенечки, црногорски, бошњачки, македонски, германски, турски и еве сега како грчки новинар, туркофил, албанофил, иредентист, неверник и националист. Осведочен предавник премачкан со сите бои и со сите нишани.

Но овој пат да бидам искрен со радост го прифатив предавството на татковината затоа што не бев само со неколкумина петтоколонаши, колку што бевме на почетокот кога нè открија будните бранители на името на државата, идентитетот, јазикот, верата, независноста и самостојноста. Тогаш тоа ми предизвикуваше бес, тага и големо разочарување кога не објавуваа со слика име и презиме на ударните вести и на првите страници како непријатели, предавници, шпиони, кодоши и странски платеници, кога ни испраќаа куршум во чело и ни откриваа големи гревови. Не дека некој им се плашеше на тие кукавици сместени во скутот на арамиската власт од каде што нарачуваа затворски казни и драконски глоби, туку нивната пропагандна гебелсовска машинерија кај многу добронамерни луѓе, предизвикуваше сомнеж дека можеби има нешто вистина во фабрикуваните и нарачани компромитации повторувани по сто пати дневно.

Колумната на Ерол Ризаов во целост прочитајте ја ТУКА.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e