Утре нови директори на БЈБ и УБК?

Митко Чавков го троши последниот директорски ден во Бирото за јавна безбедност – дознава ТВ 24 од извори во МВР. Барање за негово разрешување поднесе уште екс министерот за внатрешни Агим Нухиу, а според нашите извори, на утрешната владина седница се очекува Митко Чавков да биде разрешен.
Директорот на БЈБ беше и шеф на оперативниот штаб за време на крвавиот упад во Собранието. Во извештајот на работната група на министерството, Чавков беше посочен како одговорен за настаните, бидејќи не извршил безбедносна проценка и не издал навремена наредба, иако имал дојава, со што го овозможил упадот во законодавниот дом.
Утре се очекуваат смени и на другите раководни функции во МВР.  Освен Чавков, најверојатно Владата утре ќе го разреши и директорот на Управата за  безбедност и контаразузнавање, Владимир Атанасовски. Тој заедно со Чавков, во извештајот е посочен како одговорен за крвавиот упад во кој беа загрозени животите на дел од  пратениците и медиумските екипи. Атанасовски е на чело на УБК од септември минатата година. Нашите извори во МВР брифираат дека утре ќе биде именуван и државен секретар во министерството, но се уште не откриваат имиња.
Министерството за внатрешни работи потфрли на крвавиот 27 април, а претходникот на Спасовски тогаш рече дека структурите на МВР нанеле сериозна штета на државата со што стана сосема извесно дека промените ќе почнат токму од раководните функции во ова министерство.
Внатрешната контрола се уште работи со полна пареа. До денеска, суспендирани се 27 припадници на МВР, а поведени се вкупно 40 дисциплински постапки. Последно, беа суспендирани началникот на централната полициска служба, Горан Георгиевски и началникот на специјалните единици, Митко Пешов.
Според ивори на телевизијата, утре владата ќе пополнува директорски места, додека на седницата во четврток се очекува да бидат избрани и заменици на директорите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e